Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, речиси секој ден поднесува интерпелација за по некој министер од Владата, на чие чело е премиерот Зоран Заев. Опозицијата смета дека не треба да се чека 100 дена, бидејќи неспособноста на министрите била на штета на граѓаните. Од најавените седум интерпелации, досега ВМРО-ДПМНЕ поднесе четири: за министрот за земјоделство, Љупчо Николовски, за министерот за надворешна политика, Никола Димитров, за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и денеска, за министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Министерот Љупчо Николовски се најде прв на листата за интерпелација, поради, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, непсособноста да се справи со пожарите и ненавремената реакција поради што пожарите екалирале.
Според ВМРО-ДПМНЕ, причините за интрепелацијата на Никола Димитров се Договорот со Бугарија и неименувањето на Александар Николовски (ВМРО-ДПМНЕ) за амбасадор во Брисел.
Како причина за интерпелација за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја наведуваат Стратегијата за мигранти и бегалци. Пратеникот Влатко Ѓорчев изјави дека Царовска не ги консултирала граѓаните и дека тие не се запознаени со стратегијата, а ниту се конслултирани општините, туку се ставени пред свршен чин. Тој наведе дека не треба да градат кампови за мигрантите и дека треба примарна да биде грижата за граѓаните на Македонија, а не за странците.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и против министерот за финансии Драган Тевдовски, односно како што го нарекуваат – „министерот за кратење и задолжување“.
„Како клучни причини за поднесување на интерпелацијата за работата на Тевдовски, ги потенцираме целосно неразвојниот ребаланс на буџетот за 2017 година, значителното намалување на капиталните расходи, засиленото и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемувањето на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитувањето на народните претставници во Собранието на Република Македонија и манипулирањето со економските податоци, параметри и индикатори“, истакна Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.