ЦИВИЛ – Центар за слобода, во својот одговор на демантот на ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш ја информира јавноста дека ќе продолжи непристрасно и објективно да ги набљудува и да известува за состојбите на човековите права и слободи и изборните процеси во Република Македонија.
Острината, искреноста и посветеноста се дел од најважните одлики на секој човек на ЦИВИЛ. Тоа го препознава македонската јавност, но и меѓународната заедница и донаторите. Во структурата на ЦИВИЛ работат искусни познавачи на состојбите, луѓе со висок професионален и морален интегритет.
Ја користиме оваа прилика, уште еднаш најостро да го осудиме политички мотивираното насилство и да ги повикаме релевантните институции на државата да ги идентификуваат сите напаѓачи во сите инциденти и да ги санкционираат согласно со законот.
Во сите изборни процеси, ЦИВИЛ покажа и докажа дека е организација со интегритет и ужива огромна доверба од граѓанките и граѓаните на Република Македонија, без оглед на нивното потекло, припадност или политичка афилијација. Извештаите на ЦИВИЛ се основа за разбирање на општествено-политичките процеси во земјата, а настаните и појавите за кои набљудувачите на ЦИВИЛ известуваа, станаа дел од истрагите и на СЈО.
Набљудувачите, активистите и членовите на ЦИВИЛ, како и граѓанските новинарки и новинари, секојдневно информираат за состојбите на теренот во текот на предизборната кампања. Голем дел од тие извештаи веднаш се објавуваат на ЦИВИЛ Медиа, додека еден дел од нив се подложени на дополнителни проверки и верификација.
Во секој случај, сите извештаи на ЦИВИЛ се достапни за домашната и меѓународната јавност, но ја поздравуваме иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ да ги сподели нашите извештаи со меѓународната заедница и да го изнесе својот став во однос на нив. Им предлагаме да ги споделат и извештаите на ЦИВИЛ од претходните изборни процеси, а ги повикуваме да ги споделат и извештаите, како и анализите и мислењата кои ги објавува ЦИВИЛ Медиа за нивните политички ривали.
Инцидентот за кој реагира ВМРО-ДПМНЕ ќе го истражиме дополнително и ќе ја известиме јавноста, како и секогаш.
Воедно, ја информираме јавноста дека веќе ги истражуваме сите наводи за злоупотреби за кои говори ВМРО-ДПМНЕ во својата комуникација со јавноста, како и во својата комуникација со претставниците на меѓународната заедница.
За крај, го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ, да ја стави редакцијата на ЦИВИЛ Медиа на својата мејлинг листа, а писмата, пораките и мејловите со покана до нив за учество во нашите јавни настани или за изјави да ги земе предвид во текот на планирањето на своите активности. Однапред им благодариме.
Контактите на ЦИВИЛ се добро познати, но еве ги и овде: [email protected] за сите активности, [email protected] за информации и теми поврзани со изборите, тел: 02 / 5209 176 (9-17 часот, секој работен ден) и 071 608 523 во секое време.