Давос
Премиерот Зоран Заев, придружуван од Кочо Анѓушев и од министерот за економија Крешник Бектеши, денеска се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
На средбата беше констатирано дека спроведувањето на историскиот Договор од Преспа се одвива според планираното, и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите, за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.
Стабилизација на пензиите?
Пензиите се стабилни велат од Министерството за труд и социјална политика. Тие додаваат дека пензиите ќе се усогласуваат два пати во годината и тоа 100% со порастот на трошоците на живот, наместо 50% како што беше претходно. Воведена е и законска одредба со која што ќе има дополнително усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст над 4%.
Исто така, од МТСП велат дека оваа Влада во изминатите две години обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, а доказ за тоа се статистичките параметри коишто покажуваат евидентен раст на пензиите во Македонија.
Закани кон СЈО
Судијата во предметот „Титаник 3“, го одложи денешното рочиште за 22 февруари со цел да се обезбеди еден од клучните сведоци во постапката, предложен од СЈО. Предметот „Титаник 3“ се однесува на уништување изборен материјал во Чаир во 2013 година, а обвинети се Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ.
Во расправија меѓу одбраната и обвинителите од СЈО околу обезбедување на еден од клучните сведоци во случајот, Фатиме Фетаи откри дека имало закани за нејзиниот колега Гаврил Бубевски.
Бугарско државјанство
Бугарија планира да го укине законот кој овозможува „купување“ бугарско државјанство преку инвестирање во државата, соопшти бугарското Министерство за правда, укажувајќи дека овој закон не донел никакви значајни економски бенефити за земјата.
Овие законски измени следат по извештајот на Европската комисија во кој се предупредува Бугарија дека со тој закон се овозможува странски организирани криминални групи да се инфилтрираат во Европската унија и да се зголеми ризикот од перење пари, корупција и затајување данок.
Неизвесност во Грција
Доколку не се случи нешто непредвидено, вечерва или во текот на ноќта планирано е да се одржи гласањето во грчкиот парламент за ратификација на Договорот од Преспа. Истовремено во попладневните часови почнуваат и протести во центарот на Атина. Еден од т.н. „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата што стои зад протестите против Договорот од Преспа, друг од Комунистичката партија на Грција.
Меѓународен ден на образованието
Денеска се одбележува првата годишнина на Меѓународниот ден на образованието. По тој повод УНЕСКО ги повикува владите и сите партнери да го направат универзалното квалитетно образование водечки приоритет. Генералното собрание на Обединетите нации на 3 декември 2018 година, со консензус ја усвои резолуцијата за прогласување на 24 јануари како Меѓународен ден на образование, во одбележување на улогата на образованието за мир и развој.
Граѓанско новинарство
До редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, граѓанскиот новинар Влатко Мишевски испрати фотографии и видео од ОХИС.
Овие денови кога, загадувањето на воздухот во Скопје ги надминува светските рекорди, и покрај официјалните информации дека оваа фабрика со години не е во функција, во неа сепак се случуваат некакви активности.
Перспективи 2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски , Марјан Ристески и Бранко Героски.
Б. Јордановска