Четворица поранешни министри и заменици за земјоделие утрово се приведени во истрага поврзана со злоупотреби на земјоделска помош и издавање на државно земјоделско земјиште. Во акцијата на одделот за организиран криминал на МВР се приведени поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев. Тројцата се однесени во суд на распит, а четвртиот осомничен е актуелниот пратеник Љупчо Димовски, кого полицијата сè уште го бара.
Администрацијата мора да даде сѐ од себе да наоѓа решенија за граѓаните
„Дури и да има некој формална причина, не смее да им се прават проблеми на граѓаните. Администрацијата мора да даде сѐ од себе да наоѓа решенија за граѓаните. Најлесно е да се каже не! Но, тоа мора да заврши! Не може со години да ви прави некој склекови. Кој сака нека биде! Смислата на постоењето на политичарите, државата и општините, е да бидат во служба на граѓаните, ние постоиме заради граѓаните!“, рече премиерот Зоран Заев во својот емотивен одговор на граѓанка што постави прашање поврзано со работата на катастарот, на Трибината во Охрид, „Силна економија, шанса за сите!“
Дали албанските партии ќе излезат со заеднички кандидат за претседател?
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, за вечерва свикал седница на Централното претседателство на која ќе се расправа за претседателските избори, можните кандидати, како и за понудата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, албанскиот блок да излезе со заеднички кандидат на изборите за шеф на државата.
Во ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата ќе се тркаат Ѓорчев и Петровски
Најдоцна до 5 февруари ќе се знае кој се пријавил на јавниот оглас за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера истече рокот за пријавување кандидатури. На 16 февруари на конвенцијата во Струга партијата ќе го избере партискиот кандидат за претстојните претседателски избори. Засега е познато во јавноста дека кандидатури поднесоа пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски. Во јавноста како можен кандидат се споменува и името на професорката Гордана Силјановска Давкова, но од партијата засега нема потврда дека таа се пријавила на огласот кој заврши вчера.
Доколку не се реши Дрисла, следува блокада на Град Скопје
Како што ветија, од „Движењето за чист воздух“ со 15 минутен протест пред депонијата „Дрисла“ ги пренесоа своите барања за што ќе придонесат до санирање на штетите од загадувањето. На надлежните им се оставаат 15 дена за реакција, по што од движењето најавуваат блокирање на Град Скопје и тужба.
Ефектите на МТСП
Министерката Мила Царовска изјави дека најголeм дел од обврските што ги преземале МТСП ги завршило во 2018 година и дека во оваа година ќе можат да се видат ефектите од постигнатото.
„Очекувам дека некои закони ќе се донесат многу скоро. Особено што гледам дека во Собранието Законот за детска оштета, Законот за социјална заштита на стари лица, Законот за недискриминација, тој повеќе од 6 месеци, уште чекаат на донесување. Јас очекувам сите пратеници со национален консензус конечно да се согласат дека тие реформи се потребни во нашата држава“, изјави Царовска.
Разговорот со Мила Царовска е во рамки на серијата интервјуа и текстови преку кои ЦИВИЛ МЕДИА ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски , Марјан Ристески, Бранко Героски и Уранија Пировска.
Десет нови амбасадори земаат “виза” од Собранието
На дневен ред на собраниската комисија за надворешна политика, денеска се одлучуваше за 10 нови амбасадори во 10 светски метрополи. Седницата се одвиваше зад затворени врати и се води завршниот разговор за конечната одлука. Игор Џундев се спрема за вонреден и полномоштен амбасадор, постојан представник на Република Македонија во меѓународните организации во Виена, Горан Стевчевски во Унгарија, Оливер Крлиу за амбасадор во Шпанија, Ненад Колев во Австрија, Абдулкадер Мемеди во Обединетите Арапски Емирати, Сузана Зеленковска во Словенија, Екрем Ебиби во Босна и Херцеговина, Рамадан Азифи во Сојузна Република Германија, Крум Ефремов во Украина и Мира Крајачиќ во Кралството Шведска.
Голем семинар за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ организира голем семинар за граѓанско новинарство на 16 и 17 февруари (викенд) во хотел „Гарденија“ во Велес. Бројот е ограничен на 25 учеснички и учесници, а право на учество имаат заинтересираните од целата земја. Од почетокот на проектот „Граѓански објектив“ во 2015 година до денес, речиси илјада млади луѓе беа посетители на семинарите и работилниците за граѓанско новинарство. За разлика од повеќето семинари одржани во текот на проектот, кои беа еднодневни, на општинско или регионално ниво, овој семинар се одржува на национално ниво и ќе трае два дена. На семинарот може да се пријават сите полнолетни граѓанки и граѓани од цела Македонија. Сè што е потребно е добра волја, желба и ентузијазам. И се разбира, да се пријават на Апликацијата за учество.
Д. Муратов