Анита Тополова-Исајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на Република Северна Македонија. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница на Советот на јавни обвинители. Тополова-Исајловска доаѓа на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.
Изборот на в.д. државен јавен обвинител првично беше закажан за 19 декември, но беше одложен поради отсуство на членот на Советот, Јелена Догазанска-Колева, со цел одлуката за ова прашање да биде донесена во полн состав.
Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференцијата на која ја соопшти својата оставка, истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, нагласувајќи дека поднесува оставка поради „очигледното непочитување на принципте врз кои почива правната држава“.
















































