Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет по допрен глас за да се утврдат наводите за злоупотреба на буџетски пари од страна на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави за МИА претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска.
Како што посочила, ќе биде испратено барањето за обезбедување на документацијата.
Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција рече дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.
Според Костадиновска-Стојчевска, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот.
„И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Другиот дел е тешка манипулација и целосна невистина“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, истакна дека ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во Лондон потрошила 714 фунти од службената картичка за купување, фудбалска топка, кадифено мече „падингтон“, куфери „самсонајт”, до чорапи, хулахопки и подароци од „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“.