На британски државјанин во Австралија му е поништена визата и се соочува со депортација поради наводно прикажување нацистички симболи, пренесува Би-би-си.
43-годишниот маж што живее во Квинсленд беше уапсен и обвинет претходно овој месец, откако наводно користел профил на социјалните мрежи за да објави нацистичка свастика, да промовира пронацистичка идеологија и да повикува на насилство кон еврејската заедница.
Мажот беше приведен во имиграциски притвор оваа недела во Бризбејн и треба да се соочи со суд во јануари. Полицијата презема мерки против употребата на забранети симболи поради неодамнешниот пораст на антисемитизмот и десничарскиот екстремизам.
„Тој дојде тука да мрази – нема право да остане“, рече министерот за внатрешни работи Тони Бурк
„Ако дојдете во Австралија со виза, тука сте како гостин“, изјави Бурк за Австралиската радиодифузна корпорација (ABC) во среда.
Минатиот месец, Бурк му ја одзеде визата и на Метју Грутер, јужноафрикански државјанин кој живееше во Австралија од 2022 година, откако беше виден како присуствува на неонацистички митинг пред парламентот на Нов Јужен Велс.
Како и Грутер, Британецот може да поднесе жалба за одземањето на неговата виза. Тој може доброволно да ја напушти Австралија или да чека да биде депортиран во неговата матична земја.
Полицијата проценува дали да ја одложи депортацијата на човекот за да може да се соочи со суд следниот месец.
Полицијата започна истрага против Британецот во октомври поради наводни објави на X. Платформата за социјални медиуми го блокираше неговиот профил, што го натера да создаде нов со слично име каде што продолжи да објавува навредлива и штетна содржина, соопшти полицијата.
Властите го претресоа домот на човекот во Кабултур, на периферијата на Бризбејн, кон крајот на ноември и запленија телефони, оружје и неколку мечеви со симболи на свастика.
Тој беше обвинет по три точки за прикажување забранети нацистички симболи и едно точки за користење на интернет за предизвикување навреда.
М. Д.
















































