Оваа статија е дел од Серијата извештаи за рано предупредување за хибридна војна на ЦИВИЛ, продуцирани во рамките на проектот „Демократски навигатор“.
1.ВОВЕД: ТИВКА ФРОНТОВСКА ЛИНИЈА ВО СЕНКАТА НА ЕВРОПА
Северна Македонија можеби никогаш нема да ги привлече насловните страници како Кијив или Вилнус, но сепак се наоѓа на една од посуптилните и поранливи фронтовски линии на хибридното војување во Европа. Тука битките се водат повеќе со наративи отколку со куршуми, со лојалности повеќе отколку со територии. Во последните години, особено од крајот на 2016 година, Русија — честопати работејќи преку прокси структури и локални вектори — го приспособи својот прирачник за да ги искористи политичката и етничката фрагментација и поларизација, институционалните слаби точки, јазичните поделби и историските незадоволства во Северна Македонија.
Овој извештај ја мапира таа еволуирачка закана, ги идентификува нејзините вектори и посочува индикатори кои бараат итна акција.
2. ОТИСОКОТ НА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
2.1 Стратешки контекст
Северна Македонија е под опсада — не од армии, туку од наративи. Земјата се соочува со координиран хибриден напад од Србија и Русија, осмислен да ги еродира демократските институции, да ја поткопа и евентуално парализира евроатлантската интеграција и да го преобликува националниот идентитет преку културни, политички и психолошки средства.
Анализата објавена претходно на „CIVIL Today“ се потпира на извештаи од терен, лично искуство и ексклузивни експертски согледувања, како и сведоштва од јавни личности и анонимни внатрешни извори од областа на разузнавањето, политиката и граѓанско општество. Таа разоткрива како странската пропаганда, влијанието на свештенците и медиумската манипулација работат заедно за нормализирање на авторитаризмот и дискредитирање на демократската отпорност.
Доколку не се преземат итни контрамерки, Северна Македонија може да стане следната жртва на регионалниот авторитарен бран, претворена во уште една прокси-држава на мапата на влијание и доминација на Москва — со длабоки последици за демократската иднина на југоистокот на Европа.
(Без куршуми, без граници, освоена со наратив: Тивкото освојување на Северна Македонија – CIVIL Today, 11 септември 2025)
Проф. д-р Оливер Андонов, ветеран на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и професор на Воената академија во Скопје, оди уште подалеку, пишувајќи за CIVIL Today:
„Исклучително е видливо дека војната за Северна Македонија и нејзиното отуѓување од НАТО и ЕУ е клучна за руската геополитика како почетна основа за активни дејствија и создавање конфликти во регионот. Успехот што Кремљ го постигна во овој момент со претворањето на Северна Македонија во прокси-држава што јавно зборува за НАТО и ЕУ, склучува стратешки договори со Обединетото Кралство и САД, но всушност постојано гледа и чека сигнали од Москва преку Белград и Будимпешта. Сепак, тоа нема потенцијал да се развие до степен до кој целосно ќе ја отуѓи Македонија од НАТО“.
Според Истражувачката служба на Европскиот парламент (European Parliamentary Research Service), Северна Македонија покажува една од најниските ранливости на странско влијание во Западен Балкан, но сепак останува изложена поради незавршените институционални реформи и доцнењата во евроатлантската интеграција. (Европски парламент)
Со ограничено директно економско влијание во споредба со Србија или Босна, влијанието на Москва во Северна Македонија е структурно и наративно, а не трансакциско — но е одлучувачко. Целта на Русија не е доминација, туку дестабилизација на усогласувањето: одржување на западната ориентација на Северна Македонија кревка, а нејзиниот интеграциски пат неизвесен.
2.2 Политички и медиумски вектори
Мониторингот на ЦИВИЛ и други локални студии идентификуваат мрежа на медиумски и политички актери во Северна Македонија кои ги одекнуваат наративите „Српскиот свет“ и „Рускиот свет“: антизападни, анти-НАТО и скептични кон реформите на ЕУ.
Брановите директни или индиректни русофилни пораки и медиумски содржини пренесени преку медиуми на српски јазик, канали на православната црква и профили на социјалните мрежи што дејствуваат како прокси, делуваат како одлучувачко условување на јавното мислење.
Иако Русија нема воспоставено големи економски упоришта, еден бизнисмен со руско потекло (Сергеј Самсоненко) служи како пример за тоа како неформалните мрежи обезбедуваат пристап и влијание. Сепак, многу други компании , меѓу кои и Лукоил, со големо присуство на пазарот во земјата, работат со години, обезбедувајќи економска платформа што игра важна – иако не директна – улога во политичката и медиумската сфера.
Сепак, неколку помали политички партии, вклучително и еден кандидат за градоначалник, добија истакнато медиумско внимание на локалните избори во октомври 2025 година, промовирајќи инвестиции од Русија и Белорусија.
2.3 Инструменти на меката моќ и идентитетот
Руските културни центри, јазичните институти и црковните врски преку Руската православна црква (РПЦ) и Српската православна црква (СПЦ) обезбедуваат идеолошко покритие. (New Geopolitics Research Network)
Наративите за „словенско братство“, „православни вредности“ и „западно мешање“ се наративи кои се длабоко вкоренети во политичката сцена на Северна Македонија, како и во институциите, вклучително и академските кругови и универзитетите, како продолжетоци на странска контрола, а не на домашно самоопределување.
3. ПРОКСИ-МРЕЖИ И ЛОКАЛНИ ОВОЗМОЖУВАЧИ
Определувачката карактеристика на пристапот на Русија во Северна Македонија е информациски доминантно хибридно војување — обликување на институциите, медиумските наративи и колективните идентитети долго пред каква било потенцијална кинетичка акција.
Иако земјата сè уште не станала театар на големоразмерни саботажни операции што би можеле да се припишат на Русија (како што се гледа во Полска или балтичките држави), архитектурата на влијание веќе е видлива и постепено се продлабочува. Како што соодветно забележува една анализа објавена од „CIVIL Today“, „нема потреба од саботажа во земја што веќе се префрлила од тоа да биде цел во тоа да стане прокси.“
Локалните политички партии, бизнис мрежите и медиумите служат како посредници и засилувачи на руските наративи. Тие се домаќини на личности усогласени со Москва, се спротивставуваат на западните реформи и систематски ја еродираат институционалната отпорност. Ова го одразува поширокиот модел забележан низ целиот Балкан — операција „со ниски трошоци, висока негирливост“, која напредува во услови на слабо управување и фрагментирана јавна доверба.
Дури и во рамките на владата, официјално со про-ЕУ позиција, проруското усогласување е несомнена. Вицепремиерот Иван Стоилковиќ одржува отворени блиски врски со Белград и Москва.
Исто така, Максим Димитриевски, лидер на коалицискиот партнер ЗНАМ и градоначалник на Куманово, одржува видливо пријателство со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин. Под неговата градоначалничка администрација, изучувањето на рускиот јазик беше промовирано во локалните основни училишта— симболичен, но стратешки значаен гест што ги зајакнува културната и политичката усогласеност со Москва.
Иако главната руска енергетска или гасна инфраструктура е ограничена тука, освен Лукоил, Русија користи културно-образовни, медиумски и верски канали како вектори на влијание.
Овие вектори обезбедуваат долготрајност: скриената структура останува активна дури и кога насловите се префрлаат на друго место.
4. СТРАТЕШКИ РАНЛИВОСТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Северна Македонија останува една од најизложените средини во Југоисточна Европа на невоено хибридно мешање. Иако нејзиното евроатлантско усогласување формално е обезбедено, нејзината институционалната кревкост, поларизираната политика и оспорениот идентитетски пејзаж продолжуваат да обезбедуваат плодна почва за операции на влијание. Кремљ и неговите регионални посредници ги искористуваат овие структурни празнини — не за да освојат територија, туку за да ја еродираат довербата во демократијата, западната интеграција и општествената кохезија одвнатре.
- Одложеното пристапување во ЕУ и застојот во реформите создаваат вакуми што хибридните актери ги искористуваат. Уште повеќе, етничките/ јазичните поделби (македонски наспроти албански, словенски наспроти несловенски) интензивно се користат за манипулација од домашни и руски актери преку наративи на исклучување и незадоволство, а често и со експлицитни кампањи на омраза и отворени повици на насилство.
- Медиумските екосистеми на кои им недостасува транспарентност овозможуваат засилување на проруски и антизападни наративи, прикриени како локална автентичност или дури и како „професионална рамнотежа“ и „неутралност“.
- Конечно, слабиот институционален капацитет во области како граѓански надзор, координација на разузнавањето и медиумска регулација ги отвора вратите за постојана хибридна пенетрација.
5. ИНДИКАТОРИ И СИГНАЛИ ЗА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Хибридните закани ретко се појавуваат ненадејно — тие се акумулираат под површината, еволуирајќи преку наративи, мрежи и канали на влијание, далеку пред да станат видливи кризи. За Северна Македонија, каде што геополитичката и внатрешната поларизација и манипулацијата со инфрмации се спојуваат, раното откривање зависи од будноста низ општествените, политичките, економските и културните домени. Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ препорачува внимателно следење на следните сигнали (списокот не е исцрпен):
- Информациски простор: Необичен пораст на активности на социјалните мрежи што промовираат анти-ЕУ или анти-НАТО наративи, особено преку новосоздадени или координирани страници и Телеграм канали.
- Културно и дипломатско присуство: Посети на руски или српски деловни, културни, верски или образовни делегации во Скопје или регионални градови со двосмислени или неформални мандати, како и чести посети на локални свештеници, бизнисмени и политичари на Белград, Москва или Будимпешта, што се совпаѓаат со политички или медиумски ескалации.
- Економска инфилтрација: Појава на нови деловни субјекти или офшор компании со нејасна руска сопственост или финансирање, особено во медиумскиот, енергетскиот, градежниот и секторот за недвижности. ЦИВИЛ веќе откри бројни сомнителни деловни потези, вклучително и влезот на српската „Алта банка“ во банкарскиот систем на Северна Македонијами активностите на одредени стопански комори кои моментално се под истрага за можна операција на влијание и нелегални финансиски врски.
- Политички пораки: Локални политички личности или партии кои усвојуваат или засилуваат проруска реторика, често врамена околу суверенитетот, националниот идентитет или историскиот ревизионизам, а честопати испреплетена со националистички антиалбански или антибугарски чувства. Ваквите наративи често се одразуваат со реакционерна антимакедонска реторика од определени етнички албански актери, создавајќи циклус на меѓусебна недоверба и конфронтација заснована на идентитетот. Оваа поларизација им служи на интересите на надворешните актери — пред сè на Русија и Србија — со продлабочување на внатрешните поделби, слабеење на општествената кохезија и одвлекува на вниманието од неуспесите во владеењето, корупциските скандали и евроатлантските обврски на земјата.
- Дезинформациски кампањи: Координирани пропагандни напади поврзани со симболични или политички чувствителни датуми (годишнини на НАТО, самити на ЕУ, државни празници) насочени кон поткопување на институционалната доверба и општествената кохезија.
Хибридната војна напредува во сивите зони на перцепцијата и пасивноста. Раното препознавање на овие сигнали овозможува институционален одговор и граѓанска отпорност — капацитетот на граѓаните, новинарите и едукаторите да ја препознаат манипулацијата пред таа да стане реалност.
6. ПЕРСПЕКТИВА: ТРАЕКТОРИЈА НА РИЗИКОТ ЗА СЛЕДНИТЕ 3–6 МЕСЕЦИ
Во следните месеци, пејсажот на хибридните закани во Северна Македонија се очекува да остане нестабилен и повеќедимензионален. Главната опасност не лежи во отворениот конфликт, туку во спојот на надворешна манипулација и домашната нестабилност. Москва и нејзините регионални овозможувачи — пред сè преку српските политички, свештенички и медиумски мрежи — ќе продолжат да ја искористуваат секоја форма на поларизација: политичка, етничка и идеолошка. Целта е да се држи земјата внатрешно преокупирана, институционално слаба и надворешно неизвесна.
Проектирани трендови
- Ниска веројатност за голема кинетичка саботажа, но висок ризик од кумулативни операции на влијание — преку манипулација со информации, целна корупција и политичка кооптација на елити или институции.
- Интензивирање на информативните и психолошките операции, вклучувајќи засилени дезинформациски кампањи, провокации на социјалните мрежи и координирани наративи што ги прикажуваат западните партнери како несигурни или манипулативни.
- Можно појавување на политичка криза предизвикана од меѓуетнички тензии и опаѓање на легитимитетот на актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски, особено ако принципите на поделба на власта според Бадинтеровата рамка се дополнителено под притисок.
Растечки меѓуетничките тензии, проблемите со легитимитетот, како и можната јавна фрустрација поради слабите резултати во евроинтеграцијата и застојот во реформите, би можеле да ја зголемат веројатноста за предвремени парламентарни избори со висок ризик, што би создало прозорец на можност за злонамерни актери да ја тестираат општествената кохезија и институционалната издржливост.
- Потенцијални активирачки настани вклучуваат промени во западните политики — како што се проширени вежби на НАТО во регионот, самити за помош или санкции на Украина, или мерки на ЕУ што се перцепираат како „исклучувачки“ – што би можеле да ги поттикнат руските прокси мрежи да активираат синхронизирани кампањи за „вложување“ во медиумскиот и политичкиот дискурс.
- Доколку Северна Македонија продолжи да ги одложува реформите или да се колеба во своето евроатлантско усогласување, може да остане „безбедна“ од отворени хибридни напади — не поради отпорност, туку затоа што е стратешки неутрализирана, што е тивка победа за долгорочната стратегија на Кремљ.
Следните шест месеци може да се покажат како одлучувачки во одредувањето дали Северна Македонија ќе ја одржи својата демократска траекторија или ќе подлегне на циклус на одвлекување и распаѓање. Како што аналитичарите и набљудувачите заклучиле многу пати досега, хибридната војна не се потпира на армии — таа се храни со забуна, цинизам и замор. Таа напредува кога граѓаните ја губат вербата, кога институциите се заробени и кога вистината станува предмет на преговори. Препознавањето на ова — и реагирањето пред дезинформациите да се претворат во дезинтеграција — не е само прашање на безбедност, туку прашање на опстанок на самата демократија.
Најсериозната закана не е еден чин на саботажа, туку бавната ерозија на легитимитетот, при што институциите го губат авторитетот, заедниците ја губат довербата, а граѓаните ја губат вербата дека демократијата може да даде резултати.
Затоа, Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ ќе го насочи своето идно известување на раните индикатори за политичка дестабилизација, меѓуетничка поларизација и ескалација на наративот — фактори кои, доколку се комбинираат, би можеле да го трансформираат латентниот хибриден притисок во системска национална криза.
7. ПРЕПОРАКИ: ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА И ГРАЃАНСКАТА ОТПОРНОСТ
Хибридната војна напредува таму каде што владеењето е слабо, новинарството е заплашено, а граѓаните се дезориентирани. Спречувањето на нормализацијата на манипулацијата бара координирано дејствување меѓу институциите, медиумите и граѓанското општество.
Сепак, во време кога институциите се заробени или парализирани од политичко влијание, одговорноста паѓа врз граѓанското општество, независните медиуми и интелектуалците да го преземат водството за враќање на општествената доверба и демократската отпорност. Но, овој напор не може да успее изолирано — тој бара силна, одржлива и принципиелна поддршка од меѓународните и европските демократски партнери кои ја споделуваат одговорноста за одбрана на вредностите и стабилноста на континентот.
Потпирајќи се на обемната теренска работа на ЦИВИЛ и на меѓународните партнерства на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI), следните стратешки препораки имаат за цел да ја зајакнат отпорноста на Северна Македонија на хибридни закани во текот на следните 6–12 месеци.
7.1. Институционален интегритет и отчетност
Институционалната отпорност започнува со интегритет. Хибридните закани ги искористуваат нејасноста, слабото владеење и поделената власт — често претворајќи ја бюрократската инерција во оружје. За да се спротивстави на ова, Северна Македонија мора да ги зајакне своите системи за транспарентност, отчетност и координација. Следниве мерки истакнуваат ги итните чекори за заштита на институциите од странска пенетрација, политичко заробување и корупција:
- Создавање Механизам за координација на хибридни закани што ќе поврзува професионалци од државните институции, академијата и граѓанското општество за заедничка анализа, извештаи за рано предупредување и брз одговор.
- Барање целосна транспарентност во политичкото финансирање, лобирањето и странските донации, осигурувајќи дека каналите за финансирање и влијание поврзани со Русија и Србија се јавно проследени.
- Ревизија на стратешките сектори — медиуми, енергетика, банкарство, недвижности — за нејасни или офшор сопственички структури, вклучувајќи мрежи поврзани со „Алта банка“ и други регионални посредници.
- Воведување тестирање на интегритет и проверка на интегритетот за високи функционери и регулатори, според рамките за борба против корупција на НАТО и ЕУ.
7.2. Отпорност на информации и слобода на медиумите
Информациската отпорност е првата линија на одбрана во современата хибридна војна. Кога вистината станува оспорена, транспарентноста, образованието и професионалното новинарство го формираат јадрото на општествената заштита. Градењето медиумска средина отпорна на манипулација бара: структурни заштитни механизми, медиумска писменост и непоколеблива поддршка за слободно, независно известување.
- Промовирање на интеграција на образованието за медиумска писменост во јавното и високо образование со цел подобрување на критичкото размислување и дигиталната проникливост.
- Спроведување на транспарентност во сопственоста и финансирањето на медиумите, особено кога станува збор за политичките огласувачи или странските спонзори.
- Обезбедување целенa меѓународна донаторска поддршка за независно новинарство кое ги разоткрива мрежите на хибридно влијание и корупција, со правна и безбедносна заштита за новинарите.
- Воспоставување на меѓуплатформски систем за брзо предупредување за координирање на проверката на факти и одговорот на порастот на дезинформации околу изборите или чувствителни геополитички, регионални и национални настани.
7.3. Граѓанско општество и јавна свест
Граѓанското општество останува најадаптибилниот штит на демократијата. Во моменти кога институциите се двоумат или се заробени, граѓанските организации, едукаторите и новинарите го зачувуваат демократскиот дух. Зајакнувањето на нивниот капацитетт да препознаваат, откриваат и објаснуваат хибридни операции е критично за одржување на јавната доверба и спротивставување на поларизацијата на ниво на заедница.
- Оспособување на граѓанските организации и надзорните тела да документираат и јавно да разоткриваат актери поврзани со Русија и Србија во политиката, културата и бизнисот.
- Поддршка на локалните новинари и иницијативи во заедницата способни да препознаваат хибридна манипулација на ниво на заедницата.
- Поттикнување на платформи за граѓански дијалог кои ги премостуваат етничките и политичките поделби и се спротставуваат на поларизацијата преку инклузивна јавна дебата.
- Интегрирање на свеста за хибридните закани во програмите за граѓанско образование и лидерство, врамувајќи ги демократијата, човековите права и безбедноста како меѓусебно зависни вредности.
7.4. Регионална, меѓународна и донаторска ангажираност
Ниту една демократија не може самостојно да се соочи со хибридна војна изолирано. Регионалната координација и одржливата меѓународна поддршка се неопходни за отпорност. Со усогласување на националните напори со рамките на ЕУ и НАТО и со ангажирање на доверливи партнери и донатори, Северна Македонија може да ја претвори солидарноста во практична, долгорочна одбранбена стратегија против злонамерно влијание.
- Продлабочување на соработката со ЕУ, НАТО, ОБСЕ и демократски влади со цел усогласување со рамката на ЕУ за странско мешање и манипулација со информации (FIMI).
- Поттикнување на меѓународните донатори и европските влади да дадат приоритет на долгорочното, флексибилно и стратешко финансирање за граѓанското општество и независните медиуми, наместо краткорочни проектни циклуси кои ја ограничуваат одржливоста.
- Зајакнато преку партнерства со Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI) и нејзините коосновачи и партнери — вклучувајќи ги „Media Dialogue“, „Youth4Media“ и „New European People’s Forum“ (Германија), како и „Jean Monnet Association“ (Франција),„ Centro Studi Internazionali“ (Италија) и други — CIVIL е позициониран да координира мониторинг подобрен со АИ, да споделува проверени разузнавачки информации и да произведува повеќејазична содржина за борба против дезинформации низ Европа и Западниот Балкан.
- Промовирање на граѓанско-дипломатски кампањи низ Европа кои ги истакнуваат човечките, општествениот и економските трошоци од хибридната агресија – претворајќи ја свеста во практична солидарност.
ПОСЛЕДНАТА ЛИНИЈА НА ОДБРАНА: ГРАЃАНСКА ХРАБРОСТ И ДЕМОКРАТСКА ОДГОВОРНОСТ
Отпорноста започнува таму каде што институциите завршуваат, а граѓанската одговорност започнува.
Кога институциите се заробени или компромитирани, граѓанското општество и медиумите стануваат последната линија на демократска одбрана. Но, отпорноста не може да зависи единствено од нивната храброст — таа мора да биде зајакната со морална и материјална поддршка од демократските влади, институции и донатори на Европа, чиј кредибилитет се темели на одбраната на оние кои ја бранат демократијата.
Тимот за мониторинг на хибридни закани на CIVIL, заедно со Глобалната инцијатива за одбрана на демократијата и нејзините партнери, ќе продолжи да ги следи, разоткрива и да се спротивставува на злонамерното влијание — работејќи со сојузници низ цела Европа за да ја поддржи вистината, транспарентноста и солидарноста како најмоќна одбрана на континентот.
Read More:
- European Parliament Research Service (EPRS): Russia and the Western Balkans (briefing) (LINK)
- OSCE/ODIHR: North Macedonia 2024 Presidential & Early Parliamentary Elections—Final Report (media & online environment) (LINK)
- OSCE/ODIHR: Local Elections 19 Oct 2025—Interim Report (campaign context, information space) (LINK)
- U.S.–North Macedonia: MoU on a Strategic Counter-Disinformation Partnership – State Dept. (LINK)
- U.S.–EU: Coordination Mechanism on Information Integrity in the Western Balkans (LINK)
- European Parliament (AFET): 2023 and 2024 Commission reports on North Macedonia (LINK)
- Russia’s influence in the Balkans: Challenges for supporting Ukraine in countering Russian armed aggression – Kateryna Shymkevych (LINK)
- Disinformation in the Western Balkans – Daniel Sunter, NATO (LINK)
- Information Integrity and Countering Foreign Information Manipulation & Interference – FIMI (LINK)
- Presidential and Parliamentary Elections, 24 April and 8 May 2024, Interim Report – ODIHR (LINK)
- Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them – Samuel Greene, Gregory Asmolov, and others, AFET, European Parliament (LINK)
- Russia and the Western Balkans Geopolitical confrontation, economic influence and political interference – European Parliament (LINK)
- How the Renaming of a Country Became a Battleground Between Russia and the West – Billy Perrigo, TIME (LINK)
House Reading:
- No Bullets, No Borders, Conquered by Narrative: The Silent Conquest of North Macedonia – Jabir Deralla, CIVIL Today (LINK)
- THE HYBRID THREATS FROM RUSSIA (2): From Victim to Proxy State – Prof. Dr. Oliver Andonov, CIVIL Today (LINK)
- Analysis Section of CIVIL Today [English] (LINK)
- Analysis Section of CIVIL Media [Macedonian] (LINK)
Подготвено од: Џабир Дерала и Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ, во соработка со партнерите во рамките на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата.
Датум/Место: 28 октомври 2025, Скопје
Проектна белешка: Изработено во рамките на „Демократски навигатор – Стратешки одговор на дезинформации и хибридни закани (2025)“, предводен од ЦИВИЛ – Центар за слобода и поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Уредничка независност и одговорност: Анализите, наодите и заклучоците презентирани во овој извештај се на авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на партнерите или поддржувачите. ЦИВИЛ задржува целосна уредничка независност. Сите евентуални грешки се единствена одговорност на авторите.
Употреба на вештачка интелигенција (методолошка белешка): Истражувањето, изготвувањето на нацртите, структурирањето и преводната поддршка беа реализирани со помош на ChatGPT (OpenAI) под насока на авторите. Сите резултати изработени со помош на ВИ беа прегледани, проверени и уредени од луѓе. Одговорноста за содржината е целосно на авторите.
Извори и методологија: Анализа(истражување од јавнодостапни извори (OSINT), записи од мониторингот на ЦИВИЛ, брифинзи од партнери, медиумски анализи и јавни записи. Сензитивните извори се анонимизирани од безбедносни причини.
Исправки и контакт: Ве молиме испратете исправки или коментари до уредничкиот тим на ЦИВИЛ.
Лиценца: CC BY 4.0 — задолжително наведување на извор.
Преведено од оргиналот: Н. Цветковска












