• Latest

ДОСИЕ: Руската „хибридна“ сенка врз државите на Западен Балкан

May 9, 2021
Фото: Фејсбук на Арбен Травари

Таравари си замина од владата на Мицкоски без испиено „сиктер кафе“

May 13, 2025

Денес: Вестминистерскиот сојуз за Украина се состанува во Лондон и онлајн за да ги зајакне демократското единство и поддршката за Украина

May 13, 2025

АНАЛИЗА: Внатрешниот долг за три месеци зголемен за 25,5 милиони евра

May 13, 2025
Фотомонтажа: Д. Мишев/ЦивилМедиа

Влатко Ѓорчев сега не го интересира изгор цената на црешите, важно краставиците да се евтини

May 13, 2025

Полска ќе му забрани влез на Додик

May 13, 2025

Нема да има реконструкција на Владата, ќе има само смена на министри

May 13, 2025

Јасна осуда на руската инвазија и дијалогот со Косово се клучни за европскиот пат на Србија, рече Кошта

May 13, 2025
Проф. д-р Љубомир Фрчкоски

(ДЕМАНТ) Фрчкоски: Срамен притисок врз критичарите на власта

May 13, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за излегувањето на Таравари од владата?

May 13, 2025
Фото: Скриншот Х

(ВИДЕО) Израел бомбардираше болница во Газа, „Хамас“ тврди дека меѓу убиените паценти е и новинарот Хасан Аслих

May 13, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home БЕЗБЕДНОСТ ХИБРИДНИ ОПЕРАЦИИ

ДОСИЕ: Руската „хибридна“ сенка врз државите на Западен Балкан

Република Северна Македонија како членка на НАТО и на прагот на преговорите за полноправното членство во ЕУ е под силна опсервација на руските разузнавачки служби, кои и во неодамнешното минато и денес се потпираат на десничарските и националистички структури во земјата, но и во блиското опкружување, зајакнувајќи ја оската која води сѐ до Будимпешта. И унгарската влада, која е силно критикувана од ЕУ, поради недостатоците во правната држава и силниот национализам, негува многу блиски контакти со Москва, што се потврди и со несебичната помош на Москва со руските вакцини за оваа земја.

May 9, 2021 08:00
in АНАЛИЗИ, РЕГИОН, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5, ХИБРИДНИ ОПЕРАЦИИ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ

Присуство на Русија во западен Балкан е неминовно и не постои сценарио според кое Русија би се повлекла од овој регион.

Русија ќе ги искористи сите хибридни начини што посилно да влијае во земјите на Западен Балкан, да го засили своето присуство и ако успее, да инсталира свои испостави во виталните области. Северна Македонија, по зачленувањето во НАТО, е под посебна опсервација на руските разузнавачки служби, бидејќи руската дипломатија, уште пред да се завиори македонското знаме пред седиштето на НАТО, изјави дека доколку тоа се случи, Москва ќе го смета како непријателски чин.

ФИНАНСИРАЊЕ ДЕСНИЧАРСКИ ПОПУЛИЗАМ И ЕКСТРЕМИЗАМ

Своето влијание во регионот на Западен Балкан, Русија за сега главно го остварува преку трговијата, енергетиката, замрзнатите конфликти и медиумите. Има способност и да промовира општествени поделби, да го ослабува цивилното општество и да влијае на трендовите во медиумите. Во најново време, користејќи ја пандемијата како дел од хибридното влијание, преку вакцина-дипломатијата, агресивно го наметнува своето присуство со величање на сопствената улога во борбата против пандемијата, притоа нескриено минимизирајќи ја улогата на ЕУ во битката со оваа болест.

Москва настојува одвнатре да ги ослаби и разбие ЕУ и НАТО и со сите дипломатски и други средства работи на зајакнување на линијата во која кохезиониот фактор за остварување на оваа цел се и допрва ќе бидат конзервативно популистичките кругови во земјите на Западен Балкан и Европска Унија.

„Ме загрижува финансирањето на екстремно-десничарските и десно националистичките партии и движења во Европа. Путин бара антиевропски, антизападни и антилиберални сили во Западен Балкан и систематски ги подржува. И тоа во комбинација со 30 процентното зголемување на вооружувањето кое трае уште од 2008 година. Јас не верувам дека ќе дојде до отворена војна, но уверена сум дека Путин се обидува во оваа форма да ја уништи и дестабилизира Европа од внатре. Има доста слаби точки кои тоа можат да му го овозможат, има многу слаби и неразвиени држави во Западен Балкан, кои [Русија] може систематски да ги користи за својата цел“ вели во интервју за Дојче Веле европратеничката Виола фон Крамон.

Сараевскиот аналитичар Милош Шолаја вели дека Русија не сака да ѝ ја препушти контролата над овој дел од Балканот на Америка. За тоа зборуваат предупредувањата на Москва до новите членки на НАТО и новите аспиранти за членството во Алијансата дека се можни последици по овие земји, а какви тие ќе бидат, тоа сè уште не се знае. Босна е директно предупредена за последиците, посебно што политичките ставови во БИХ за продолжување на патот за членство во НАТО се поделени. Република Српска има усвоено во Собранието Документ дека слепо ќе ја следи политиката на Србија во сојузништво со Русија, додека од друга страна, бошњачко-хрватскиот корпус јасно ја застапува идејата БиХ да стане рамноправна членка на Алијансата.

Русија не сака да воспостави регионална хегемонија на Западен Балкан. Нејзината основна цел во овој регион е да постигне што поголема рамнотежа со НАТО и ЕУ и користејќи ги локалните ресурси и приврзаници да им направи што поголема политичка штета и да го намали и закочи што е можно повеќе нивното влијание на балканските политики и доближување до ЕУ и НАТО. За остварување на оваа цел Москва користи разни алатки и инструменти од кои некои се од тетратката на класична дипломатија од почетокот на 19 век.

ТРИ ЦЕЛИ: ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ВНАТРЕШНАТА СТАБИЛНОСТ, КОНТРОЛА НА ПОСТСОВЕТСКИОТ И БАЛКАНСКИОТ ПРОСТОР, ВЛИЈАНИЕ И СТАТУС НА СВЕТСКАТА СЦЕНА

Руската надворешна политика следи три меѓусебно поврзани цели. Прво, да оствари што поголемо влијание во светската политика, пред сè, како инструмент за зацврстување на внатрешната стабилност – стабилност на владејачкиот режим. Подобро кажано, на владејачката елита од која многумина имаат минато во руските безбедносни служби и на глобалните движења во светот гледаат како на закана по сопствените интереси. За Кремљ, најголемата опасност се САД и нејзините европски сојузници „кои се обидуваат“ да промовираат промени во руското соседство и во самата Русија. Оттаму, рускиот политички врв смета дека одбрана на татковината од странско мешање треба да е концентрирана вон границите на Русија.

Втората цел, која произлегува од првата е што поголема контрола и влијание врз постсоветскиот простор, вклучително и на Западен Балкан и спечување на влијанието на САД, НАТО и ЕУ врз овој простор.

И последната цел е да се сочува статусот и угледот на Русија како голема сила на глобално ниво користејќи го своето место во Советот за безбедност на ОН, иако нејзината хегемонија е сериозно загрозена не само од САД и ЕУ, туку и од Кина која е во експанзија, а се наоѓа на нејзината граница и е со многу побројно население од Русија.

Илустрација: ARU.TV, медиумски проект на прогонувани руски новинари

ЗАПАДЕН БАЛКАН – РАНЛИВА ТЕРИТОРИЈА

На Западен Балкан Москва гледа како на ранлива територија преку која може да им наштети на НАТО и ЕУ.  Русија е свесна  дека не постои реална перспектива земјите од Западен Балкан да влезат во Евроазиска економска унија или да го потпишат договорот за колективна безбедност кој го протежира Москва. Затоа, единствената опција е да делува опструктивно во овие земји на нивниот пат кон евроатланските структури и одвнатре да  ги поткопува ЕУ и НАТО користејќи ги слабите точки на државите од западниот Балкан и потпирајќи се на нивните националистички, десничарски, анти-НАТО и анти-ЕУ политички структури и поединци.

Според тоа, во голема заблуда се сите кои мислат дека Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе имаат некаков економски бенефит од руското влијание во регионот потпирајќи се на „словенското братство“. Тоа го знае и Русија, но сака да прави штета влечејќи ја рачната кочница за доближување на регионот до ЕУ и НАТО, и сатанизирајќи ги овие две институции за да ја велича и промовира својата политика.

Република Северна Македонија како членка на НАТО и на прагот на преговорите за полноправното членство во ЕУ е под силна опсервација на руските разузнавачки служби, кои и во неодамнешното минато и денес се потпираат на десничарските и националистички структури во земјата, но и во блиското опкружување, зајакнувајќи ја оската која води сѐ до Будимпешта. И унгарската влада, која е силно критикувана од ЕУ, поради недостатоците во правната држава и силниот национализам, негува многу блиски контакти со Москва, што се потврди и со несебичната помош на Москва со руските вакцини за оваа земја.

Затоа е многу битно ЕУ да не остави вакуум во Западен Балкан, бидејќи постои опасност дека ќе го пополнат некои други сили кои не споделуваат исти вредности со ЕУ. А мирот и регионалното помирување и демократијата на Западен Балкан се од стратешко значење за цела Европа, посебно затоа што регионот е во нејзиното непосредно соседство.

СЛАБО ФАЈДЕ ОД СЛОВЕНСКОТО БРАТСТВО

Пред да преминеме на конкретните активности кои ги презема Русија во овој регион во обид да го шири своето влијание, оваа теза за слабо фајде од „словенското братство“, ќе ја поткрепиме само со неколку бројки.

И покрај тоа што медиумите во Србија посебно оние кои се потпираат на рускиот „Спутник“ како агрегат на информации, ја проектираат сликата за Русија како „голем донатор“ рамноправен со Запад, Развојната агенција на Србија според статистичките податоци, вели дека за период 2010 до 2020 година вредноста на директните странски инвестиции од државите на ЕУ и од САД е 31 милијарда евра. На прво место е Германија, потоа следат Италија, Франција, Австрија, САД… Русија воопшто не се најде меѓу првите девет големи инвеститори во Србија. Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот Владимир Путин во последните десет години имале повеќе од 12 средби, а за оваа есен е најавена уште една посета на Путин на Србија. Бројот на проруските медиуми и руските НВО во Србија се повеќе од сто.

Русија учествува со директни странски инвестиции во Србија одвај со 3,9 проценти, а Европска унија со 80 проценти. Практично, Руската федерација регионот го снабдува само со гас и сирова нафта. Во Македонија оваа слика е уште полоша кога се во прашање руските директни инвестиции.

Преку енергенсите, Русија вложува и во влијанието во политички осетливи подрачја на Западен Балкан, посебно во секторот на нафта и гас во Србија, БиХ и Северна Македонија, каде е респектабилен добавувач на сурова нафта и гас и учествува во трговијата со овие енергенси на големо и мало. Така, влијае на јавните претпријатија од оваа гранка, како што се Србија гас во Србија, МЕР (Македонски енергетски ресурси) во Северна Македонија , Гас-рес во република Српска кои се, покрај економскиот, подложни и на политичко влијание.

Мотивациите на руските приватни инвеститори се главном комерцијални, но би било наивно да се занемари и „геополитичката дивиденда“. Иако руските компании не се директен инструмент на Кремљ, нивното учество во кревките економии во регионот може да има и поширока лепеза на влијанија, како што се бензинските пумпи на Лукоил во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

ТРАНСФЕР НА ОРУЖЈЕ И БЕЗБЕДНОСНА СОРАБОТКА

Своето влијание во регионот Русија сака да го претстави и преку военото присуство и вооружување, пред сѐ, на Србија и Република Српска, подривајќи ги на тој начин безбедносните структури и инсталации на ЕУ и НАТО. Ако се изземе медиумскиот балон во кој регионално и во Србија се вклучени над 30 медими кои ја поддржуват руската пропаганда и кои го величаат ова присуство, фактичката состојба малку се разликува.

„Седејки на две столици“, да ја употребиме фразата на  Брајан Хој Хојт Ји, бившиот  заменик на помошникот американски државен секретар, поединечни договори на Србија за партнерството со НАТО (ИПАП) и мисиите на Србија во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ (ЗБОП), српската војска годишно во просек има 200 воени активности со НАТО и САД и само 17 со Русија.

Меѓутоа, Русија успева да го задржи своето влијание врз српскиот безбедносен сектор преку договори за одржување и услугите поврзани со половните Миг 29 (произведени  1989-91 година) и хелихоптерите Ми 17/35 што провладините медиуми во Србија го величаат како силно партнерство со Русија.

Поопасно за регионот на Западен Балкан е што Русија, преку тајните мисии, ѝ помага на Република Српска со испорака на оружје да се доопремат нејзините полициски сили во рамките на српскиот ентитет со што тие, според опременоста, прераснуват во воена формација затскриена зад старото име на локалната полиција. Подривајќи ја на тој начин директно целовитоста на Босна, односно Дејтонскиот договор. Трансферот, пак, на 2.500 руски автоматски пушки одел преку Србија. Контролата и обезбедувањето на испораката ја вршеле руските специјалци. Во овој контекст, треба да се спомне и заедничкиот руско-српски центар за хуманитарни операции во Ниш, кој според опременост, структура и тактички способности има и друга намена.

ИДЕОЛОШКО ВЛИЈАНИЕ

Идеолошкото влијание на Русија во регионот е прилично силно и тоа се остварува преку медиумите, црквата, хуманитарната помош, поддршката на националистичките, недемократските и анти-НАТО и анти-ЕУ политичките партии во регионот. Понатаму, се спроведува и кампања за демонизација на невладиниот сектор кој работи на реформите и доближување на регионот на Западен Балкан до ЕУ, пред сѐ во Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и на Косово.

Еклатантен пример за влијанието е испораката на 284 тони храна, ќебиња, генератори за струја и друга опрема распоредена во 25 камиони испорачан на косовските Срби во северниот дел на Косово за организирање на блокада и поставување на барикади на границата спрема Србија во декември 2011 година и покрај сите предупредувања на мисијата на ЕУ-ЕУЛЕКС тоа да не се прави. Русија го испратила и организирала и „патриотскиот воз“ на релација Косовска Митровица – Белград, свесна дека тоа ќе биде силна провокација со оглед на иконографијата и паролите со кои возот беше закитен.

Русија има значајно влијание врз внатрешната политика во неколку земји од Западен Балкан. Покрај официјалните врски со нивните влади, Москва има силни врски со низа политички партии во Западен Балкан и во Унгарија и Словенија, чиј предзнак се десно националистички, анти-НАТО и анти-ЕУ политики на нивните влади. Да речеме, актуелната партија на власт, Единствена Русија, пред изборите во 2016 година, како гости на својата конвенција ги поканила, покрај другите, Нова српска демократија и Демократска народна партија, двете од Црна Гора, Демократска партија на Србите во Македонија, Српска народна странка, Демократска странка на Србија, Сојуз на независни социјалисти од Република Српска. Сите тие во Москва ја потпишале декларацијата против проширување на НАТО во Западен Балкан во склад со руските интереси.

На сличен начин, Москва се обидува во силно поларизирани држави како што се Босна, Северна Македонија и Црна Гора, со мешање во внатрешните работи, максимално да го прошири своето геополитичко влијание. Користејќи ги политичките превирања во Македонија, Русија успеала да го инструментализира политичкото ривалство и пукнатините меѓу мнозинското македонско и албанското население.

Кремљ во 2015 година отворено застана на страната на националистичката десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ и на бившиот премиер на Република Северна Македонија, Никола Груевски, помагајќи ги и медиумите да подигнат хајка против Шарената револуција која од страна на Москва е етикетирана како „оркестар диригиран од Запад“. Русија и нејзините полномошници во Македонија силно се спротивставија и на договорот со Грција, потпишан во јуни 2018 година, со кој на Република Северна Македонија ѝ е отворен патот кон НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Лично Путин, Преспанскиот договор го опишал како еклатантен пример на присила од страна на Запад да ја наметне својата волја. Кремљ истовремено им дава силна поддршка на националистичките партии и нивните медиуми.

Русија на сличен начин се однесува и во Црна Гора, застанувајќи на страната на анти-НАТО опозицијата, а црногорските безбедносни служби откриле и дека опозициските партии и руските разузнавачи биле вмешани и во обид за државен удар во Црна Гора во октомври 2016 година во пресрет на општите избори. Тоа резултираше со кривична постапка против  Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, лидерите на прорускиот Демократски фронт на Црна Гора. Овој процес, кој сѐ уште е во тек, Русија го користи за понатамошна поларизација и политички поделби во оваа земјата во која, после нејзиното зачленување во НАТО, занемарлив дел од населението е проруски расположен.

Во двата случаи, и преку Северна Македонија и преку Црна Гора, целта на Русија е да се уфрли како фактор и да влијае на самостојното одлучување на двете суверени држави, за да се блокира проширувањето на НАТО и ЕУ во регионот на Западен Балкан.

ЦРКВАТА КАКО АЛАТКА

Руската православна црква е еден од важните канали преку кои Москва проектира своето влијание во балканските држави каде живее мнозинско православно население како што се Србија, Северна Македонија, Грција и Бугарија. Главниот регионален центар на тоа влијание е Српската православна црква која донекаде е во слична ситуација како и Руската црква во посткомунистичкиот период.

Надвор од диецезата на СПЦ, руската црква ги контролира и наметнува влијание врз парохиите во Република Српска во Босна, Косово, Црна Гора и Хрватска, а има надлежност и над црквата во Северна Македонија. Карактеристично за руската црква е тоа што во континуитет се обидува да биде во цврста спрега со националистичките политички структури и со своето делување да се наметне како „наследник на Византија“, сатанизирајќи го притоа западниот свет НАТО и ЕУ како креатори на светскиот заговор против православието. Бара и успева да добие наклонетост на медиумите кои се залагаат за радикално православие. Ги користи за таа намена и руските бизнисмени и олигарси во регионот на Западен Балкан, помагајќи им да го форсираат руското влијание преку помош на локалните цркви или изградба на руски цркви во регионот. Најголемиот православен храм на Балканот, црквата св. Сава на Врачар во Белград е завршена токму со донација од Русија.

Руската „црковна дипломатија“ практично ја изградила и осветила црквата во Бања Лука, заедно со РускиОТ културен центар во овој дел на Босна. Чинот кој го величи претседателот на ентитетот Република Српска Милорад Додик и тамошниот руски амбасадор беше проследен со силна медиумска кампања.

Во Скопје, рускиот бизнисмен Самсоненко помогна во финансирањето на катедралната црква св. Климент Охридски и го финансира основањето и изградбата на Руската црква во Скопје. Користејќи го спортот како алатка за наметнување на руското влијание, Самсоненко се појавува и како сопственик и спонзор на фудбалски и ракометни клубови во Северна Македонија.

РУСКИОТ НАРАТИВ ВО МЕДИУМИТЕ

Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан е пресудно за ширењето на нејзиното влијание и пропагандата, пред сè, во „србосферата“, како тие самите ја нарекуваат, вклучувајќи ги тука Србија и Република Српска, но и Црна Гора и Косово, а во извесна смисла и Северна Македонија, како подрачја блиски на српското јазично подрачје. Тенденција е на Балканот да се промовира руска надворешна политика како единствено исправна и праведна. Владимир Путин да се претстави во позитивно, дури славеничко светло, а Русија како историски сојузник и заштитник на Јужните Словени од непријателските сили на Запад.

Притоа, се прават напори, што е можно повеќе да се сатанизираат западните медиуми, западната демократија како декадентна, ЕУ и НАТО како креатори на светски заговор. Рускиот наратив во медиумите врз кои има влијание е „НАТО е во криза“ и „Европската унија се распаѓа“. Темата „братство со Русија“ е вградена во уредувачките политики на медиумите во Западен Балкан кои се во орбита на руското влијание, пред сè, преку агенцијата Спутник. Спутник има цела една медиумска машинерија на српски јазик, која во регионот делува како агрегат на лажни вести преку веб страницата, преку радио станицата. Вестите на Радио Спутник достапни се преку мрежа на повеќе од триесет регионални станици и онлајн медиуми кои се поврзани со високотиражните таблоиди како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње Новости, и Б92. Понатаму, овие „вести“ патуваат преку границите на Србија на поширокото српско јазично подрачје и јазиците блиски до српскиот, вклучително и во Северна Македонија, каде што ги пренесуваат локалните медиуми блиски до националистички и анти-НАТО и анти-ЕУ структури.

Критичарите, вклучувајќи ја и платформата на ЕУ против дезинформации која ја сервисира Европската служба за надворешно делување во континуитет ја обвинуваат агенцијата Спутник за ширење лажни вести и промоција на теориите на завера.

Спутник не е сам во ширењето на руското влијание. Тука се и другите платформи на руската влада  чии содржини допираат до локалната публика на Западен Балкан како што се Русија Сегоднаја, РБтХ –  Russia Beyond the Headlines (RBtH) која со информации ја снабдува и етаблираната белградска „Политика“ која заедно со Курир, Ало и Спортски телеграф, во своите содржини во континуитет ја величаат Русија, ја промовираат заедничката култура, блискоста на јазикот и ги сатанизираат ЕУ и НАТО. Тој наратив е дополнет со „српската победа над Косово, ако треба и со помош на руското оружје“.

Меѓутоа, разни анкети во регионот покажуваат дека младата генерација, дури и оној дел кој го поддржува сојузништвото со Москва, идеолошки е ориентирана кон Запад и порасположени се да патуваат на работа, студии или усовршување во западна Европа, а не во Русија. Руската култура и јазикот иако имаат ограничен домет, но Москва, сепак, агресивно ги протежира низ јавни иницијативи и за културна соработка во Северна Македонија.

КОВИД ДИПЛОМАТИЈА 

Ковид дипломатијата е алатка во хибридната стратегија, која се појави со почетокот на ковид пандемијата пред повеќе од една година. Се протежира руската вакцина како најдобра во светот, се величаат нејзините ефекти, а со критички тон се зборува за европскиот здравствен систем и европските вакцини. Преку лажните вести и пропагандата, користејќи ја состојбата со вакцините во борбата против корона вирусот, големите држави вршат притисок врз владите во регионот. Македонија не е имуна на таквиот притисок, вели првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Ерол Муслиу за ЦИВИЛ МЕДИА:

„Ние сме изложени на хибридни напади од страна на Русија и како мала земја мораме на хибриден начин да се браниме од тие влијанија вели Муслиу. Затоа развиваме хибридна соработка со службите од пријателските земји каде акцентот е ставен на размена на информации од разузнавачки и безбедносен карактер“.

САД и ЕУ не сметаат дека кампањата со вакцинации на странските државјани во Србија е позитивна приказна. Виола фон Крамон-Таубадел смета дека внатреполитичките структури во ЕУ ги занемаруваат геополитичките импликации на процесот на вакцинација во Србија, пред сè, кога станува збор за руската вакцина Спутник. Посебно поради тоа што ЕУ има испратено во Србија огромна помош во медицинска опрема за што во српските медиуми многу малку и во негативна конотација се пишува, а многу позитивно и континуирано се пишува за руската вакцина Спутник. Тоа не е случајно, зад тоа стои систем.

Министерот за здравство на Германија Јенс Шпан е уверен дека Русија со помош на вакцината го засилува своето влијание во Европа и Западен Балкан и ги остварува своите геополитички цели. Тој предупредува дека Русија ја снабдува Србија со вакцина која се шири низ регионот. Србија од една страна сака да стане членка на ЕУ, а од друга страна и прави геополитичка промоција на Русија преку вакцината и „корона дипломатијата“ – оценува Шпан.

Очигледно е дека Русија со помош на вакцината применува нова стратегија во надворешната политика и се обидува да го прошири своето влијание во Европа, посебно во постсоветскиот простор и во Западен Балкан.

„Европската унија мора да мисли на регионот на Западен Балкан од хуманитарни причини, но мора и да ги штити своите геополитички интереси. Русија, заедно со Кина, во моментов има геополитичка предност кога зборуваме за вакцина-дипломатијата на Западен Балкан, вели за Дојче Веле Игор Пеличери, професор по меѓународни односи на универзитетот во Урбин.

„Интересно е тоа што се случува во Западен Балкан, каде што донаторите секогаш биле ЕУ и Америка. Нив одеднаш ги нема, а се појавува Русија. Не е изненадување што Русија и Кина ја играат таа игра, но е изненадување што Запад не ја започна таа трка прв. Тоа ќе мора бргу да се реши доколку се сака рамнотежа во сегашните  геополитички односи. Пружање на државна помош е легитимен инструмент на надворешна политика, но треба секогаш да се води сметка каков интерес има оној кој ја дава таа помош. Донаторот често има поголем политички интерес, отколку оној кој ја примил помошта. Така што, во овој момент, со ковид дипломатијата, политичкиот интерес на Русија е јасен“ – вели Пеличери.

Нема сомнеж дека вакцината против Ковид би требало да биде политички неутрален медицински ресурс кој е наменет да ги спасува човечките животи. Меѓутоа, очигледно е дека таа се дистрибуира според геостратешките сфери на влијание.

Професорот Пеличери вели дека во оваа ситуација, следејќи ги геостратешките влијанија, можеме да зборуваме за источна „политичка вакцина“ и западна „економска вакцина“. Двете имаат иста медицинска цел, но различни политички цели. Источната е државна од сите аспекти, од планирање, преку научни истражувања до производство и дистрибуција. Источната вакцина се дели врз основа на интересите на надворешната политика на Русија и таа во оваа ситуација е чисто геополитички инструмент.

Пеличери вели дека на Запад имаме ситуација сите ние и нашите влади да зависат од приватните фармацевтски компании и нивната вакцина не е директно политичка.

Како и да е, пред нас се силни предизвици кои ги наметнува руската пропаганда и геополитички игри, кои ни оддалеку не се едноставни за разбирање, а уште помалку за справување.

 


Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.


Print Friendly, PDF & Email
Tags: безбедностдезинформацииЕУЗападен БалканНАТОнационализамПутинРусијаСеверна Македонијахибридна војнацрква
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    131 shares
    Share 52 Tweet 33
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    93 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ