Граѓанскиот форум на ЦИВИЛ за учество во креирање на владините политики ги повикува сите свои членови и поддржувачи, соработници, сите граѓанки и граѓани да ги споделат своите очекувања, предлози и барања од Владата.
Денешното прашање на #ГраѓанскиФорумЦИВИЛ: Дајте го своето мислење, забелешки и препораки за мерките за заштита од коронавирусот. Што е добро, што не е и што треба да се направи?, е со цел граѓанките граѓаните да учествуваат во креирањето на мерките, како што имаат право да учествуваат во креирањето на политиките и практиките во целост.
Граѓанскиот форум започна во август кога на повидок беше формирањето на Владата, а прашањата се однесуваа на очекувањата на граѓанките и граѓание од новата програма, кои се приоритетите што треба да бидат во фокусот на владините политики, како да се остварат овие предизвици, со оглед на пандемијата со Ковид-19. Понатаму Граѓанскиот форум продолжи со панел дискустии на тема „Национализам“, како и со птосетување на уште едно значајно прашање, а тоа се жртвите на режимот, за кои ЦИВИЛ побара задоволување на правдата за штетите што им ги нанесе режимот на Никола Груевски.
На нашите електронски адреси пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто се објавуваа на медиумската платформа на ЦИВИЛ, а кои може тематски да се поделат во повеќе категории.
Економија
„Главен фокус на ново формираната Влада на Република Северна Македонија треба да биде развојот на економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните. За таа цел потребна е цврста определба за поддршка на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, кои ќе инвестираат и ќе отвораат работни места, а деловната клима да биде ослободена од политички притисоци и репресии. Понатаму, посебно внимание треба да се посвети на зголемувањето на вработеноста во економијата, преку активните мерки за вработување кои ќе се планираат годишно да вработат поголем број на лица во приватниот сектор.
Задолжителна обврска на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. Растот на платите треба да прави притисок продуктивноста во економијата да се зголемува, а напоредно да се обезбеди заштита на работничките права“, се предлозите на Марина Новакоска.
Активистката Весна Цветановска нејзините очекувања на економски план ги дефинираше како пресудни за понатамошниот пат на државата и за добивањето доверба на наредните парламентарни избори.
„Граѓаните сметаат дека новата влада треба да биде насочена кон креирање квалитетни економски политики кои ќе придонесат кон создавање подобар и поквалитетен живот за сите, со посебен акцент на создавањето квалитетни работни места за млади луѓе. Во суштина, тие нивни барања се оправдани, затоа што тоа е еден од основните постулати и компоненти кои се предвидени и со отворањето на европските поглавја, односно стабилна економија“, вели Цветановска.
Социјална правда
„Да престане праксата на водење инает и да не се кочат едни со други, особено кога се работи за прописи во областа на социјалната правда, конечно да покажат зрелост и единство кога станува збор за таквите политики. Затоа што, ние граѓаните гласавме и заслужуваме политичари во законодавниот дом кои ќе носат закони во корист на граѓаните. Да се донесе веднаш новиот закон за работни односи кој ќе ги штити правата на работниците“, вели активстката и соработничка на ЦИВИЛ, Симона Манева Живкова.
Активистот Александар Филиповиќ, смета дека Владата треба да се фокусира на социјалната заштита,Законот за проценка на ранливост, права и бенефиции и Законот за лица со статус (деца без родителска грижа, стечајнни работници, бездомни лица, лица со хендикеп или одредена попреченост, лица кои поради ново настаната ситуација се спречени да водат нормален живот, во случај на природна непогода, случај на војна, случај на економска криза во државата.
„Да се формира комисија која ќе биде транспарентна и неподмитлива во однос на постапувањето по пристигнатите барања од страна на ранливата категорија. Поединец, семејство итн. Секој обид за фрлање во фиока на предмет или заташкување од страна на внатрешните лица задолжени за спроведување на закон и одредување да биде казниво со закон и казната да не биде парична туку затворска во времетраење кое ќе го одреди јавното обвинителство согласно критериумите за степени на кривично дело сторено од правно лице… За секоја постапка која е почната а прекината, да се наведат причините за истата и секако времено да се извести странката за промените, и со детален опис и понатамошни дирекции“, вели Александар Филиповиќ.
Образование
Арбен Зеќири, новинар и соработник на ЦИВИЛ како клучни приоритети на Владата ги наведе образованието и младите
Судство, правосудсто, почитување на законите
„Од Влада очекувам конечно исполнување на ветеното, т.е ‘’владеење на правото’’ во вистинска смисла на зборот, што би се рекло неселективна правда за секого. Ова подразбира дека очекувам правосудните органи конечно да дојдат вистински професионалци, а не партиски послушници. Исто така очекувам исполнување на ветувањето дека конечно ќе се спроведе ветинг во правосудството, и ќе се спроведе испитување на потеклото на имотот на судиите и обвинителите, како и на функционери во Министерството за правда, Советот на Јавни обвинители и Советот на судии“, се очекувањата на активистката Марија Пупулиева.
Јавна администрација
„Предлагам поттикнување и професионализација на администрацијата преку конечна примена на правилото: Вработување преку селекција по основ на квалитет, наспроти партиска книшка, политичката определба е право на секој граѓанин, а не услов за вработување, укинување на етничките балансери, вработување под еднакви услови за секој граѓанин врз основа на исполнети критериуми.
Државната администрација да стане служба од квалитетни службеници за интересите на граѓаните. Напредување во служба по заслуга, а не кога кандидатот ќе биде партиски подобен!“, се гласно искажаните барања на граѓанката Деспина Влаќеска.
Активистката Анета Перковска смета дека конечно Владата треба да се фокусира на вистинска програма против корупцијата во јавниот сектор.
„Живееме во дигитално опшество и многу е лесно да се детектира доколку некој јавен службеник троши повеќе пари од што заработува. Патувањата во странство и ескурзиите во светските метрополи не се покривааат со плата од 30.000,00 денари. Фокусот не треба да биде само на највисоко ниво, туку и на многу пониско, како што се службениците со кои граѓаните се среќаваат секојдневно, не може некој веднаш да добие Решение од Катастар, а некој да чека со години“, објаснува Перковска.
Зелено општество
„Реализацијата на Концептот за развој на Попова Шапка да биде прв приоритет и прва фаза од долгорочниот стратегиски развој на Шарпланинскиот масив во рамките на Полошкиот плански пегион. Носител на реализацијата на развојниот проект да биде Владата преку ресорните министерства , Агенцијата за регионален развој во соработка со Полошкиот плански регион и општината Тетово“, со конкретен предлог и решенија излезе граѓанскиот активист и соработник на ЦИВИЛ, Перо Наумовски.
Подигнување на општата свест за адаптација и навремено и адекватно реагирање на климатските промени е предлогот на активистката Виолета Димовска.
„Сето тоа би требало да започне со образованието уште од најмала возараст со цел да се креираат генерации кои во иднина би биле спремни да се соочат со сите предизвици кои ги носи едно турбулентно и ризично време за човештвото“, вели Димовска.
„Канцеларии на отворено или зелени канцеларии каде би имало активен контакт за следење на граѓаните, слушање на нивните мислења, насочување и воедно набљудување на однесувањето на поединци (мониторинг канцеларии), намалување на јазот меѓу урбаните и руралните средини, поттикнување за зелено Општество (намалување на употребата на возила, поттикнување за конзумација на растителна храна, престој во природа, живеење во рурални средини, распределба на вишоците на луѓето, заштита на женските права и детските итн), се дел од предлозите на активистката Билјана Атанасовска.
Национализам
ЦИВИЛ организираше серија панел дискусии и други онлајн настани со заеднички наслов „Национализам“ на 18 и 19 август. На првиот панел зборуваа универзитетските професорки Мирјана Најчевска и Виолета Петровска Бешка. Втората панел дискусија продолжи со Филип Стојановски, од Фондацијата Метаморфозис и Петрит Сарачини, ЦИВИЛ. На тема национализам зборуваа и активистите Јане Ѓорѓиоски и Ариан Мехмети.
Граѓанските активисти Фари Хисени од МОФ, артистката и граѓанската активистка Владанка Димковска и активистот на Хоризон Цивитас, Самет Шабани зборуваа за национализмот и младите.
На оваа тема, како дел од Граѓанскиот форум, во серија интервјуа своите ставови ги искажаа и Бранимир Јовановиќ, Марсиха Смаиловиќ и Рамуш Муарем – Цирко.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓанките и граѓаните своите предлози ги пратат по електронска пошта на адреса: [email protected] со назнака #ГраѓанскиФорумЦИВИЛ или во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.
Б. Ј.