Кривичниот суд денеска и официјално потврди дека на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор.
Како што соопшти Судот, условниот отпуст започнува на 21 декември 2025 година и ќе трае до 21 август 2026 година. Од вкупната затворска казна од седум години, Јанева ќе биде ослободена осум месеци порано.
Според СДСМ, токму времетраењето на условниот отпуст – од крајот на годинава до летото следната година – целосно го потврдува, како што велат, сценариото на ВМРО-ДПМНЕ кое опозицијата одамна го разобличила.
„Зошто сега? Затоа што темата ‘мигранти за пари’ прерасна во национален скандал, затоа што корупциските афери со наместени тендери покажуваат како се испумпуваат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, и затоа што граѓаните секојдневно го чувствуваат ударот од празниот буџет – без пари за плати и пензии“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека власта е под силен притисок и дека, како што велат, „ѝ гори под нозе“, поради што се активираат добро познати сценарија за дефокус и политички пресметки.
„Планот е јасен – до изборите што ги планираат следната година, Катица Јанева да биде злоупотребена како алатка во црната кампања на ДПМНЕ и во нападите врз СДСМ“, тврдат од опозициската партија.
СДСМ обвинува дека кривичните пријави, политичкиот прогон, лажните вести, манипулациите и притисоците врз медиумите веќе не даваат резултат, па власта, според нив, ги засилува нападите користејќи „српски рецепти“.
„Станува збор за копи-пејст стратегија, идентична со случајот Дијана Хркаловиќ во Србија – исти методи, исти наративи и иста цел: дефокус од реалните проблеми и удар врз опозицијата“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ порачуваат дека нема да дозволат ваквите сценарија да поминат.
„Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“, порачуваат од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.
















































