Во контекст на обидот на премиерот Христијан Мицкоски, преку лидерска средба во која СДСМ одби да учествува, Џабир Дерала остро го критикува потегот на власта да укине демократски заштитен механизам за време на изборите воведен токму поради заштита од изборните кражби на партијата што сега е на власт.
Во меѓувреме, шефот на владејачката партија, по тричасовната лидерска средба, соопшти дека на средбата со политичките лидери е постигната согласност техничката влада да се укине. Мицкоски, во обид да покаже демократска широкоградост, изјави дека, иако одлуката може да се донесе со 61 глас, не сака решенија „на сила“ и понуди компромис – укинувањето да не важи за следните избори, туку за тие потоа.
Но токму во тоа се состои и критиката на овој потег. Дерала за тоа пишува пред лидерската средба и да заврши, дека „техничката влада се роди од длабока политичка криза. Нејзиното укинување е водено од желба за понатамошна концентрација на моќта“.
Еве извадок од колумната во тој контекст:
Ова не е расправа за партии. Ова е расправа за правилата на играта. Прашањето не е дали техничката влада е совршена. Прашањето е дали исчезнале причините поради кои беше воведена. Дали институциите се неутрални? Дали злоупотребата на ресурси е спречена? Дали администрацијата е деполитизирана?
Ако не — тогаш укинувањето не е реформа, туку чекор наназад.
Демократијата не го вади појасот затоа што возачот вели дека е внимателен. Тврдењата за одговорност не се замена за структурни заштитни механизми.
Патот во Северна Македонија не се променил. Само се вративме на истите возачи поради кои појасот беше воведен.
Кога оние на власт ги укинуваат заштитните механизми, тие ретко се враќаат. А последиците ги носат сите граѓани.
Техничката влада се роди од длабока политичка криза. Нејзиното укинување е водено од желба за понатамошна концентрација на моќта.
Тоа не е напредок. Тоа е амнезија.
Целата колумна под наслов „Мицкоски во координација со Мицкоски: Како демократската заштитна мерка се укинува од оние поради кои е воведена“ објавена на ЦИВИЛ МЕДИА.















































