Секој трет граѓанин во Македонија дал одреден вид мито за да му се заврши некоја работа. Ова го покажуваат првичните резултати од најновиот извештај за проценка на корупцијата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), чиј дел денеска го презентираше директорот Александар Кржаловски, на настан по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември. Комплетното истражување ќе биде објавено во наредните денови.
Кржаловски истакна дека за разлика од претходните години, кога корупцијата беше перципирана како топ-проблем во општеството, сега е на второ место.
„Корупцијата е тежок проблем, широко распространет и, за жал, доста прифатен“, рече тој.
Податоците покажуваат влошување на коруптивниот притисок: на 37% од граѓаните им било побарано мито, а 31% навистина дале мито за да им се заврши услуга.
Судиите и јавните обвинители се на дното на листата на доверба – и како поединци и како институции. Ниската доверба ги следи и пратениците и политичарите, додека за разлика од нив, Парламентот како институција ужива релативно високо ниво на доверба.
Во поглед на институциите кои се борат против корупцијата, довербата во Државната комисија за спречување на корупцијата останува на 32%, додека Министерството за внатрешни работи бележи раст – до 50%.
















































