Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, денеска поднесе неотповиклива оставка, непосредно пред почетокот на седницата на Собранието на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување.
Коцевски во оставката го образложи својот чин, оценувајќи ја постапката како политички мотивирана, а не заснована на законски причини. Тој истакна дека предлогот за разрешување не содржи аргументи или факти за тешка дисциплинска повреда, што е единствениот законски основ за отповикување на јавен обвинител.
„Се повлекувам од функцијата чесно и достоинствено, со горно крената глава, но со разочараност поради непочитување на принципите на правната држава и поделбата на власта“, наведе Коцевски.
Процедурата за негово разрешување ја иницираше Владата, наведувајќи професионални пропусти, меѓу кои, како што беше соопштено, неовластено откривање информации и нарушување на угледот на Јавното обвинителство. Предлогот беше ставен на дневен ред на Собранието оваа недела, но пред расправата Коцевски одлучи да поднесе оставка.
Сега Собранието треба официјално да ја констатира оставката, по што ќе започне процедурата за избор на нов државен јавен обвинител согласно законските прописи.
















































