СДСМ остро реагира на објавите во британските медиуми за можни преговори за прием на мигранти, обвинувајќи ја владата на Христијан Мицкоски за изолација, сиромаштија и бегство на младите. Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски уверува дека такви договори за бегалски кампови нема и дека станува збор за спин.
СДСМ оценува дека Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ со своите погрешни и криминални политики ја туркаат Македонија во изолација, ја претвораат во црна точка на Европа и ги бркаат младите надвор од државата.
Од партијата посочуваат дека криминалот цвета, корупцијата расте, европските коридори нè заобиколуваат, народот осиромашува – а власта, според угледни британски медиуми, тивко преговара за прием на мигранти во Македонија.
„Само кај нас – молк и обиди за перење“, велат од СДСМ.
Британските медиуми објавија дека Велика Британија води формални разговори со Северна Македонија за депортирање одбиени азиланти, а аналитичари веќе ја споменуваат земјата како можен траен приемник на дел од мигрантите – со домови, работа и интеграција.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја смири јавноста.
Пратеникот и член на ИО на партијата, Антонијо Милошоски, изјави дека Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија не предвидува изградба на бегалски кампови во Македонија. Тој нагласи дека документот се однесува на инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија – а не на сместување азиланти.
Милошоски нагласи дека „нема подобар демант“ од изјавата на британскиот амбасадор, кој потврдил дека договорот содржи инвестиции и проекти, но не и мигрантски кампови. Според него, „тие што спинуваат“ немаат визија и немаат што да понудат.
И покрај демантот, СДСМ предупредува дека младите масовно ја напуштаат државата, сиромаштијата расте, а власта се занимава со теми што отвораат сомнежи за иднината и безбедноста на државата.
„СДСМ ќе се спротивстави со цел капацитет на овие антидржавни политики на Мицкоски и ДПМНЕ. Ги повикуваме граѓаните, невладините организации и сите свесни луѓе да кажат гласно: НЕ – за Македонија се работи! Работата не е завршена!“, соопштија од партијата.















































