Додека цела Македонија е во исчекување кој ќе добие мандат за формирање на нова влада, тимот на ЦИВИЛ Медиа ги праша граѓан(к)ите на Скопје за нивното мислење: кому треба претседателот Ѓорѓе Иванов да му го додели мандатот?
Мислењата беа поделени и спротивставени. Дел граѓан(к)ите сметаат дека мандатот треба да го добие лидерот на СДСМ, Зоран Заев, затоа што мандатарот Никола Груевски не успеа да формира влада во законскиот рок. Но, имаше и поддржувачи на ВМРО–ДПМНЕ кои сметаат дека мандатот треба да му се даде повторно на Груевски, и , да не му се одземе, сé додека не успее да формира влада!
„Има една поговорка: ‘Подобро пет години да се преговара, отколку еден ден да се војува’“, ни рече еден од анкетираните. На прашањето дали би го поддржувал Груевски и ако прифати двојазичност на целата територија, граѓанинот вели: „Груевски ќе го сакаам додека сум жив, за другите, не знам“.
„Иванов треба да му го даде мандатот на Груевски, или да си даде оставка, само за да не му го даде мандатот на Заев. Тогаш, ќе мора да има претседателски, парламентарни и локални избори, сите три во едно“, речиси истоветно, ни одговорија двајца соговорници
„Првата власт беше лоша, но оваа власт што владееше последните неколку години е полоша и треба да се смени“, дециден е еден од анкетираните. Негов истомисленик смета дека „Заев треба да формира влада!“
Имаше и граѓан(к)и кои не сакаа да зборуваат пред камерата на ЦИВИЛ Медиа. Еден од нив потенцираше: „Ве молам, не ме снимајте, затоа што работам во суд и да ви кажам право, се срамам од институцијата од која што доаѓам, бидејќи е ваква ситуацијата во државата!“
Вулнет Махмути / Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска