Нецели два дена до истекот на мандататот за составување влада што претседателот Ѓорге Иванов му го врачи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, сé е можно. Имајќи ги предвид досегашните искуства, не е исклучено, Груевски во недела „во 5 до 12“, да соопшти дали има парламентарно мнозинство и со која партија ќе влезе во коалиција…
Сите опции остануваат во игра со оглед на фактот дека ниту Груевски, ниту Али Ахмети досега не излегоа во јавноста со детали околу преговорите за можна старо-нова коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ.
Дел од медиумите пренесоа неофицијални информации од синоќешната средба на Ахмети со четворицата потпретседатели на ДУИ, која наводно поминала во тензична атмосфера, бидејќи сите, освен лидерот Ахмети, биле против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. И, додека дел од лидерите во ДУИ е за почитување на Мајскиот договор и за коалиција „со победникот на изборите“, другиот дел од раководството не сака коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски, односно со лица кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Бидејќи договор не бил постигнат, разговорите ќе продолжат и денеска.