Околу 250 членови на ВМРО ДПМНЕ со три големи автобуси и четири минибуси, попладнево во 17.30 часот тргнаа од Прилеп, на контра-протест во Скопје.
„Најавено им беше да тргнат околу 17 часот, но најверојатно задоцнија, па додека се собраа, помина половина час. Зборно место и овој пат им беа рекламите во центарот на Прилеп“, информираа извори за ЦИВИЛ.
Поголем дел од учесниците во најавениот контра-протест биле наставен кадар од училиштата.
„Чекаа да завршат часовите, не знам, дали некои ја откажаа наставата, но знам сигурно дека заминаа организирано на контра-протест во Скопје“, потврди друг извор од основно училиште во Прилеп.
Според очевидци, голем дел од оваа група учесници во контра-протестот ја сочинуваат кадри од сите училишта во градот.
„Крај автобусите беа и директори на одделни училишта, дали и тие заминаа на протест или дојдоа да извршат увид, кој навистина ќе замине, не можеме да тврдиме со сигурност. Но, тие што заминаа се од втората смена, единствено останаа класните раководители во училишта каде се закажани родителски состаноци, како во ОУ „Кочо Рацин“. Дел од партиското членство не ни знаеше дека мора да заминат во Скопје, им беше кажано попладнево кога дојдоа на работа“, потврдуваат извори за ЦИВИЛ, кои се на работни места во прилепските училишта.