Нашата култура на компромис, култура на дијалог, којашто, за жал, е сѐ поретка не само во регионот, туку и во светот, ја прават Северна Македонија референца за тоа како европската идеја може да се прошири во регионот, истакна во интервјуто за Рацин.мк, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Фактот што имаше сериозен прогрес сега во Брисел (во дијалогот Белград-Приштина), фактот што тој прогрес може да добие конечна форма токму во Охрид, прво има своја симболика заради успесите на Охридскиот рамковен договор нудејќи модел како се решаваат етничките прашања и е признание за Северна Македонија како важен чинител во регионот, односно како контрибутор на стабилност и безбедност во регионот, рефлектирајќи ја на тој начин нашата функционална меѓуетничка демократија, нагласи Османи.
Во интервјуто министерот Османи вели дека „во регионот има две потенцијални слаби алки, слаби точки. Едно е косовско-српскиот спор и второ е Босна и Херцеговина и потешкотиите во функционирањето на Дејтонскиот договор и дека „затворањето на едно од овие две прашања ќе биде значителен исчекор во конечно за негово стабилизирање, за помирувањето и за натамошното евро-атлантско консолидирање на Западен Балкан“.