Од пред Уставниот суд во Скопје, потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, испрати порака дека СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор.
„Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија и демократијата. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и политичкото дејствување на опозицијата. Целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани дебата за ‘договорот – мигранти за пари’, спречувајќи вистината да излезе на виделина“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека секој кој јавно зборува за мигрантите се таргетира со закани за кривични пријави и затвор, поради што властите забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството.
„Кога се носат неуставни резолуции против опозицијата, тоа е автократија – вовед во диктатура и режим. СДСМ нема да го дозволи тоа и ќе се спротивстави заедно со граѓаните“, нагласи Тренчевска.
Таа најави дека ќе се поднесе претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок, бидејќи предавничката Резолуција е спротивна на Уставот, особено во делот на основните човекови слободи и права на граѓаните, вклучително и слободата на изразување.
„Понатаму, ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции, вклучително и до институциите на ЕУ и до сестринските партии во Европа. Со сите демократски алатки и механизми што ни стојат на располагање, ќе се бориме за Македонија, за слобода и демократија. Борбата продолжува“, заклучи Тренчевска.
Во согласност со тоа, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на својот Фејсбук профил додаде:
„Удривме во осино гнездо. Ја откривме најголемата предавничка операција што се подготвувала и денес можеме да кажеме дека таа веќе е потпишана. Паниката во редовите на ДПМНЕ е толку голема што не бираат средства – лажни вести, измислени афери и закани со затвор за секој кој ќе зборува. Ние го разбираме секој член кој се најде во тешка ситуација и нема да се пресметуваме со него, но на патот на правдата никој нема да нè запре. Македонија ќе ја вратиме во рацете на народот“.
Со ова, СДСМ ја јасно става позицијата дека неуставната резолуција е неприфатлива, а партијата ќе користи сите демократски алатки и механизми за да ја одбрани слободата на говорот и демократијата во земјата.
Д.М.
















































