Прославениот автохтон македонски стенд ап комедијант – Христијан Мицкоски – чија светска слава е добро позната одовде преку Белград до Будимпешта, истата е присутна и во периметарот на Трамп, сега својот раскошен талент го распосла пред светските лидери на бината во Давос.
Омилениот комедијант на голем број жители на оваа земја, во своето последно ток шоу, пред одбрана публика изјави дека не бил статист и не правел селфија минатата недела во Давос, што наиде на делириум кај публиката.
„Јас не бев статист таму или по ходници да барам селфи со учесниците на Давос, туку бев активен учесник на три панели и штета што не можеме да ги објавиме моите говори, но сите беа проследени со аплауз од страна на присутните“, истакна Мицкоски предизвикувајќи повторно аплауз на отворена сцена помеѓу Триангла и Железара.
По кратката пауза поради неможноста да го продолжи своето хумористично обраќање поради тоа што не ствнуваа овациите е ракоплескањето за претходната изјава, Мицкоским евоцирајќи спомени од патувањето спонзорирано од парите на граѓаните, се пофали дека на свечената вечера каде што бил поканет и дел од 500-600 гости, со него на маса биле главниот извршен директор на „Гленкор“, потоа Џо Донован којшто бил поранешен главен извршен директор на „АТиТ“, најголемата американска телекомуникациска компанија, а сега член на бордот на директори на „Локид Мартин“, потоа Хаурд Лутник, американскиот секретар за економија, а лево од него бил австрискиот канцелар Кристијан Штокер, директорката на Интерпол и тн, што уште повеќе ја запали публиката.
Расположението кај аудиториумот речиси кулминираше кога Мицкоски нафрли дека „времето на дипломатијата на свиткана кичма и снисходливост на црвените дебели ќилими“, завршило, и „Сега е дипломатија која што носи реални резултати и која што се бори и ги чува македонските национални интереси“, рече Мицкоски, додавајќи дека имал средби, а ќе има и на претстојната Минхенска безбедносна конференција уште такви средби.
И кога се чинеше дека Мицкоски ги испука сите добри доsетки и вицови, како секој добар на крајот од претставата го извади асот од ракавот, и во непосредна интеракција со публиката, запрашан да ги открие имињата на тие со кои се сретнал, Мицкоски поентираше:
„Мислам дека доволно ви дадов исцрпен одговор“
Бидете така. Наскоро следува нова стенд-ап акција на вашиот омилен комедијант.
Тажниот Кловн
Оградување, одбрана и заштита: Ова е козерија. Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.
















































