После двочасовното заседавање, седницата на Советот за безбедност на ОН за кризата на руско-украинската граница е прекината без заклучоци. Дури не е усвоена ни заедничка изјава. Но присутните имаа прилика да чујат двочасовен „вербален двобој“ меѓу рускиот и американскиот амбасадор во ОН, кои меѓусебно се обвинуваа за ескалацијата на руско-украинската граница.
На самиот почеток на седницата, мнозинство од членките ја поддржаа иницијативата на САД да се одржи јавна седница на Советот, Русија и Кина беа против, Индија, Габон и Кенија беа воздржани, но останатите десет членки гласаа седницата да се одржи. Украина, иако не е членка на Советот за безбедност присуствуваше на седницата.
Поддршка за дипломатијата
Ни по два часа бурна дискусија, Советот не донесе заклучоци околу можна разврска на кризата во Украина, но како што изјави потсекретарката на Обединетите нации Розмари Ди Карло, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги поддржува дипломатските напори на сите нивоа за да се намали напнатоста.
На забелешките на рускиот амбасадор дека седницата е тенденциозна и дека се работи за „микрофон дипломатија“, американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд одговори со прашање:
„Како би се чувствувале и колку би ви било непријатно да имате 100.000 војници кои се на вашата граница и таму спроведуваат активности како што тоа го прават руските трупи на украинската граница. Овде не се работи за судир меѓу САД и Русија, туку се работи за безбедност на држава која ни е партнер.“
Во својот говор таа ја обвини Русија за најголемата воена мобилизација на трупите во Европа во последните неколку децении и рече дека тоа може да заврши со војна доколку не се пронајде решение за статусот и распоред на НАТО трупите во земјите членки во источноевропските држави.
Рускиот амбасадор Василиј Небензиа повторно негираше дека Русија сака да ја нападне „оваа бивша советска држава, сега растечка демократија“, бранејќи го ставот на Москва дека има право да распоредува свои трупи на своја територија, негирајќи дека бројката на војниците на украинската граница е 100.000 како што тврди Запад.
„Тие (мислејќи на Запад) сами креваат тензии и предизвикуваат ескалација и самите дискусии за воена закана од наша страна се провокација. Речиси како да повикувате тоа да се случи. Вие сакате тоа да се случи, вие чекате тоа да се случи“ – рече Небензиа.
Украина ќе се брани
„Да, заканите со агресија на границата со Украина се провокација, а нашите констатации дека тоа може да се случи не се провокација“ – му реплицираше Гринфилд.
Украина која не е членка на Советот за безбедност, но беше поканета да учествува, ја повика Русија да го почитува нејзиното суверено право да бира со кои држави ќе биде партнер.
„Украина нема да потклекне пред заканите кои имаат за цел да ја подриваат нејзината економска и финансиска стабилност и да предизвикуваат фрустрации меѓу населението. Тоа нема да се случи и Кремљ мора да запамети дека Украина е спремна да се брани“ – рече украинскиот амбасадор во ОН, Серхи Оленович Кислиција.
Нови надежи за мир во оваа недела
Иако седницата на Советот не даде никакви резултати, таа сепак означува почеток на уште една недела на активна дипломатија меѓу Русија и САД и нејзините сојузници околу Украина. Русија од ова седница јасно можеше да го слушне единствениот став на мнозинството членки на Советот, што влева надеж дека тоа ќе влијае да се дојде до дипломатско решение.
Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави одржувањето на седницата која е свикана на иницијатива на САД оценувајќи ја како „критичен чекор Советот да зборува во еден глас, да ја отфрли употребата на сила и да повика на дипломатско решение за деескалација на состојбата.“
Руската страна како чекор кон дипломатско решение изјави дека дел од трупите е повлечен од украинската граница. САД не ја потврдија оваа информација, а Гринфилд предупреди дека, според нејзините информации, САД имаат докази дека Русија го проширува своето присуство во Белорусија со додатни 30.000 војници и повеќе, кои се на два часа до Киев.
Нови иницијативи
Американските и руските шефови на дипломатијата, Блинкен и Лавров, утре телефонски ќе разговараат, а за вечерва е закажана виртуелна средба на британскиот премиер Борис Џонсон и рускиот претседател Владимир Путин.
Лондон е за дипломатско решение на украинската криза, но предупредува дека во случај на ескалација ќе примени сериозни санкции против руските олигарси и најблиските соработници на Владимир Путин. Тој најави дека ќе му порача на претседателот Путин дека е неопходно „сите да се тргнеме од работ на амбисот пред кој се наоѓаме.“ Било каков напад на Русија надвор од териториите кои веќе ги окупирала во 2014 година ќе биде катастрофа за целиот свет, а посебно за Русија. Се очекува дека ваква порака утре ќе му ја пренесе на својот домаќин Путин во Москва и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Александар Н. Писарев