На 16 март 2025 во Кочани, избувна пожар во ноќен клуб, во кој животот го загубија 59 лица на возраст од 14 – 25 години, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа. Досега 76 настрадани во пожарот се префрлени во болниците во Бугарија, Србија, Грција, Турција, Литванијa, Будимпешта, Хрватска, Словенија, Австрија… Причина за пожарот се искри од пиротехнички средства кои што биле употребени за светлосни ефекти на концертот.
Несреќи од големи размери, особено во пожари, каде животот го губат голем број луѓе, се случуваат насекаде во светот. Но, кога трагедијата ќе се случи непосредно во нашата околина, шокот и неверувањето се придружени со солидарност и тага, но и со гнев и барање за правда и одговорност. Истовремено, тоа се трагични случаи во кои, за жал, се забележува и многу политиканството. На сметка на жртвите, нивните семејства, на граѓаните…
Несреќи како оваа во Кочани, како и онаа со железничката станица во Нови Сад, Војводина, Србија, се причина за граѓански револт и прераснуваат во вистински движења и серија протести против коруптивните практики на властите.
Протестите во Србија што избија како резултат на граѓански револт, без идеолошки и партиски мотиви, туку како реакција на корупцијата во системот не се новина. Еден од протестите кои одекнаа ширум Европа беше реакција на пожарот во ноќниот клуб “Колектив” во Букурешт, Романија, на 30 октомври 2015 година, по што целата романска влада поднесе оставка.
#ColectivRevolution – протести што ја урнаа романската влада во 2015 година
Пожарот во ноќниот клуб “Колектив” во Букурешт, Романија, на 30 октомври 2015 година, однесе 64 животи (26 на местото на несреќата, 38 во болниците) а беа повредени 146 лица. Пожарот беше предизвикан од несреќа со пиротехника. Настанот се случи за време на бесплатен концерт на металкор бендот Goodbye to Gravity, кој го прославувал издавањето на нивниот нов албум Mantras of War.
Пиротехничките ефекти на бендот ја запалија горливата полиуретанска акустична пена на клубот, по што пожарот се прошири многу брзо. Најголемиот број на жртви беа отруени од токсините ослободени од горењето на пената. По големиот број на повредени лица, властите на Романија ги пренесоа некои од сериозно повредените во болници во Израел, Холандија, Белгија, Австрија, Велика Британија, Норвешка, Германија и Франција. Масовните протести против корупцијата поврзана со пожарот доведоа до оставка на премиерот на Романија, Виктор Понта.
Главниот акционер и коосновач на клубот, Алин Џорџ Анастасеку, заедно со двајца други соработници, Костин Минку и Паул Каталињ Ганчеа, беа уапсени на 2 ноември за небрежно убиство, небрежно телесно повредување и небрежно уништување Табакарилар, во Сектор 4 во Букурешт, на помалку од 3 км од Палатата на Парламентот.
Поради тоа што беше пожар со висока смртност предизвикан од нелегално користење пиротехнички ефекти на затворено, оваа катастрофа од 2015 година е слична на пожарите во ноќните клубови Canecão Mineiro во Бразил во 2001 година; Station во САД во 2003 година; República Cromañón во Аргентина во 2004 година; Wuwang Club во Кина во 2008 година; Santika Club во Тајланд во 2009 година (причината е оспорена); Lame Horse во Русија во 2009 година, Kiss во Бразил во 2013 година и во Кочани, Северна Македонија, 16 март 2025 година.
На 3 ноември 2015, повеќе од 15.000 луѓе протестираа пред Палатата Викторија – седиштето на романската влада – блокирајќи го сообраќајот на Плоштадот на Победата. Протестите беа наречени #ColectivRevolution и се бараа оставки од премиерот Виктор Понта, министерот Габриел Опреа и Кристијан Попеску Пиедоне, градоначалник на Сектор 4, кој беше критикуван за тоа што издал дозвола за работа на клубот без дозвола од противпожарната служба. Пред владината зграда, големи кордони на жандармерија ги спречија демонстрантите да се приближат до зградата. Од Плоштадот на Победата, демонстраните маршираа до Министерството за внатрешни работи, каде што им оддадоа почит на настраданите. Еден од најистакнатите транспаренти беше „Корупцијата убива“.
Протести беа одржани и во Брашов, Плоешти, Бузау и Јаши. Претседателот Клаус Јоханис ги поздрави уличните демонстрации и предупреди дека таквите настани не можат да бидат игнорирани од политичката класа.
Демонстрантите ја критикуваа и Романската православна црква и нејзиниот лидер, Патријархот Даниел, за нивната неактивност по трагедијата во клубот. Илјадници демонстранти маршираа на Делул Митрополије во центарот на Букурешт, каде што се наоѓа седиштето на Црквата.
Утрото на 4 ноември, владата на Понта поднесе оставка.
“Се надевам дека оставката на владата ќе ги задоволи луѓето кои излегоа на улица”, изјави Понта во соопштение.
Еден час по објавувањето на оставката на владата, градоначалникот Пиедоне исто така објави дека поднесува оставка. Тој ја прифати својата улога во трагедијата и изрази жалење за своите постапки и неактивност, изјавувајќи: “Тоа беше грешка што не поднесов оставка од првиот ден или вториот ден по несреќата”.
На 4 ноември протестите продолжија. Демонстрантите бараа предвремени избори и целосна промена на политичката класа.
Протести во солидарност со оние во Романија беа одржани во Лондон, Париз и Мадрид.
На 5 ноември околу 12.000 луѓе протестираа во Букурешт и 10.000 во другите големи градови. За прв пат претседателот ги покани претставниците на демострантите на консултации за да ги слушнат нивните барања. Откако претседателската администрација централизираше 5.520 предлози, 20 луѓе, главно членови на невладини организации, беа избрани да учествуваат во консултациите со Клаус Јоханис.
Следниот ден, на 6 ноември, луѓето продолжија да протестираат, иако во помал број (6.000 во Букурешт и неколку илјади во други градови). Претседателот им рече на претставниците на граѓанството дека ќе дојде инкогнито да разговара со луѓето на улиците, индиректно навестувајќи дека ако сакаат вистинска промена треба да продолжат да ја бараат за да не можат политичарите да се преправаат дека не разбираат што се бара од нив.
На 8 ноември, на седмиот ден од протестите, Клаус Јоханис отиде на Универзитетскиот плоштад каде што разговараше со некои демонстранти и ги слушаше нивните барања. Додека многумина изразуваа задоволство од присуството на претседателот на плоштадот, други свиреа и скандираа „Срам да ви е“, „Оставка“, „Крадци“ и „Не ве сакаме“.
Протестот дополнително предизвика различни движења на граѓански активизам во следните години, како и неколку истраги во печатот во врска со лошите услови во болниците, фалсификуваните средства за дезинфекција, лошата комуникација со институциите и несоодветните медицински процедури.
Веднаш по трагедијата на Клуб Колектив, Романија можеше да побара помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Меѓутоа, барањето се поднесе шест дена по пожарот. Така, Европската комисија на 5 ноември прими барање од романската влада да префрли во други земји-членки на Европската унија или во Европската економска област околу 80 пациенти кои не можеа да се лекуваат во Романија. Привремениот премиер Сорин Цимпеану изјави дека Романија не го активирала механизмот бидејќи трагедијата на Клуб Колектив не одговарала на формалната дефиниција за катастрофи.
На 8 ноември, 10 повредени жртви беа пренесени со авион на НАТО Ц-17 во клиниките во Обединетото Кралство и Норвешка. Претходно, двајца пациенти беа префрлени во Виена, а двајца други во болницата Тел ХаШомер во Тел Авив. Исто така, еден ден претходно, 16 жртви беа пренесени во болниците во Холандија и Белгија. Двајца од нив (романски државјанин и Италијанка) починаа во Ротердам.
Долгометражниот документарен филм „Колектив“ (2019) на Александар Нанау ја раскажува приказната за последиците од пожарот и скандалите поврзани со корупцијата во здравствениот систем на Романија што влијаеше на третманот на изгорените жртви од пожарот.
Искуството на Романија и понудената помош: Северна Македонија учествува во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ
Поранешниот министер за здравство на Романија, Влад Воикулеску, кој беше министер за време на пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија апелираше веднаш, поучен од искуството, македонските власти да побараат европска помош за жртвите со изгореници.
„Ниту една земја во ЕУ – ниту една земја во светот – не може сама да се справи со толку голем број жртви со тешки изгореници. Северна Македонија учествува во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (UCPM) и може да побара помош во случаи на големи катастрофи. Ова е токму таква ситуација. Сигурен сум дека комесарката Хаџа Лахбиб веќе е вклучена и дека европските институции како што се Центарот за координација на итни одговори (ERCC), Генералниот директорат за цивилна заштита и хуманитарна помош (DG ECHO) и Европската комисија за подготвеност и одговор на здравствени итни случаи (HERA) веќе ги преземаат првите чекори за да помогнат. Но без официјално барање од Северна Македонија, се губи драгоцено време – време што може да спаси животи“, напиша Воикулеску на Фејсбук.
Тој истакна дека Романија направи трагични грешки при пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во 2015 година, доцнејќи со меѓународната помош и не евакуирајќи ги пациентите навреме и апелира Македонија да не ги повтори истите грешки.
Нашите власти не ја направија таа грешка, самоиницијативно или прифаќајќи подадена рака, веднаш се реагираше да се обезбеди трансфер на критичните пациенти, жртви од трагичниот настан во Кочани.
Бугарија испрати воен авион Alenia C-27J Spartan за транспорт на осум од најкритично повредените жртви во болниците во Софија и Варна, додека уште пет беа пренесени со амбулантни возила во Софија и Пловдив. Уште три жртви биле пренесени во Турција, а три во Грција.
Србија испрати CASA C-295 на српските воздухопловни сили за да земе 12 најкритично повредени кои се транспортирани во Воено-медицинската академија и Клиничкиот центар на Србија. Дополнително, Србија испрати 5 амбулантни возила со 14 лица персонал за помош на болниците во Скопје. Со две амбулантни возила двајца од најкритично повредените се пренесени во Ниш, каде што се примени во Универзитетско-клиничкиот центар во Ниш и во Воената болница Ниш.
Авион на романските воздухопловни сили C-27J Spartan, конфигуриран за медицински мисии, замина во понеделник, 17 март, од Отопени за да изврши хуманитарна мисија за транспорт на четворица пациенти со дијагностицирани изгореници од Скопје, Северна Македонија, во болница во Вилнус/Литванија.
Во Холандија, центрите за изгореници во Гронинген, Бевервијк и Ротердам се обврзаа на обезбедување медицинска помош.
Дополнително се префрлаат пациенти и во Хрватска, Словенија, Австрија…
Во пожарот животот го загубија 59 лица на возраст од 14 – 25 години, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа. Причина за пожарот се искри од пиротехнички средства кои што биле употребени за светлосни ефекти на концертот.
Граданочалникот на Кочани Љупчо Папазов си поднесе оставка, а јавноста ја информираше преку Фејсбук. Градоначалникот не беше достапен за медиумите, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека со него извршен службен разговор и дека, доколку се утврди било каква одговорност, тој ќе биде санкциониран.
Но, затоа премиерот Христијан Мицкоски беше доволно присутен за да се сфати дека попатно со расчистуањето на трагичната несреќа во Кочани, ќе се пресметува и по други основи.
„Нема да има милост. Кој сака нека биде, од каква сака нека биде етничка припадност и од која сака нека биде политичка партија. Тоа што се случувало е повеќе од криминал, ова е би рекол масовно убиство кое што некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција да се случи. Да им одговорам на оние што прават полноќни прес конференции, тука нема политика, ќе одговарате сите коишто сте се дрзнале на овој начин да водите политика, на грбот на граѓаните и на животите коишто овие деца ги изгубија. И нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство како што вчера се обидоа, со тие полноќни прес конференции. Од дома, за уши ќе ги вадиме. Ова треба да го знаат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес –конференција.
Се поставува прашањето: Дали изјава на премиер, која звучи како пресметка со неговите опоненти, отколку фактичко прикажување на ситуацијата, за уши вадење од дома, обвинување за политиканство (а, што прави тој?), на крајот ќе предизвика (а би требало да предизвика) граѓани на улица?
Да. И ќе излезат и не само во Кочани и Штип, и не на мирни протести кои искажуваат солидарност и чест кон жртвите од пожарот, туку граѓани кои ќе бараат одговорност, оставки и истрага која нема да се повикува на „30 години корупција“, туку ќе се базира на преземање целосна морална и фактичка одговорност од оние кои сега ја управуваат државата, во чија надлежност се сите институции и нивните пропусти, сегашни или наследени.
„Навистина не гледам дека има некој во Македонија кој не би требало да чувствува морална одговорност за ваква работа, особено некој што вршел државна функција изминативе 30 и повеќе години. Ако има минимум доблест и морал кај некој човек, треба да чувствува морална одговорност“, одговори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање и ги замоли медиумите да дозволат истрагата да се води темелно зашто доказите се премногу обемни.
Но, Тошковски не одговори на директно поставеното прашање – Дали тој чувствува морална одговорност – а не сите поранешни функционери, министри, премиери од 1991 па наваму.
И не само тој.
Биљана Јордановска