ЦИВИЛ денеска ќе одржи јавна презентација на сеопфатниот Извештај за Локалните избори 2025 во Северна Македонија, кој ги сумира клучните наоди од изборниот процес и нуди стратешки препораки за унапредување на демократските стандарди и изборниот интегритет. Настанот ќе се одржи денеска, 15 декември, во Граѓанскиот ресурсен центар, Скопје, со почеток во 14 часот.
Извештајот се темели на систематско и долгорочно следење на изборниот процес и обезбедува детална анализа на најважните предизвици со кои се соочи изборниот процес. Во фокусот се институционалното постапување, изборниот интегритет, медиумската средина, јавниот дискурс, како и влијанието на дезинформациите и современите хибридни закани врз демократските процеси.
Документот, исто така, ги идентификува структурните слабости на изборниот систем и ги сумира клучните научени лекции, нудејќи конкретни, применливи препораки за подобрување на идните изборни циклуси и зајакнување на довербата во изборниот процес.
Јавната презентација ќе биде проследена со дискусија и Q&A сесија, а настанот ќе се пренесува во живо. Работни јазици на настанот се македонски и албански.
Презентацијата е дел од меѓународната конференција „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, насочена кон јакнење на демократската отпорност, изборниот интегритет и справувањето со современите хибридни закани.
Проектот „Демократски навигатор“ е поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
















































