Има голем наплив на дезинформации кои создаваат погрешна слика кај јавноста и граѓаните, но постои и еден опасен тренд каде успеваат да се пробијат во медиумите преку некои наративи кои упатуваат на постоење на дезинформации, а како извори на овие информации се јавуваат носители на моќ, функционери, јавни личности, некој кому публиката му верува, вели во интервју за ЦИВИЛ медиа Марина Тунева, поранешна директорка на Советот за етика во медиумите и професор на Институтот за комуникациски студии.
-На социјалните мрежи пак имаме уште еден проблем каде дел од граѓаните веруваат на само на еден извор на информации и тие не се ни обидуваат ниту пак сакаат да истражат дека постои и друг извор на информација, а некој им помогнал своето убедување да го креираат на овој начин, додава таа.
Според Тунева имаме потреба од вмрежување за соработка на повеќе институции кои би го спречиле ширењето на дезинформациите, на социјалните мрежи, во медиумите и воопшто и на тој начин да се едуцираат граѓаните и сами да реагираат кога ќе дојдат во контакт со некоја информација која е неточна.
-Опасен терен е кога улогата за контрола на дезинформациите и се остава на власта и државните институции, бидејќи тоа може да предизвика цензура и самоцензура на одредени информации со што ќе се изгуби смислата на еден критички производ, поточно непотребно да се детектира некоја информација како лажна информација или дезинформација и со тоа да се спречи слободата на говор, вели Тунева.
Соња Танеска
камера и монтажа/ Ариан Мехмети
Интервјуто е дел од проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ кој ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Youth4Media (Y4M), со поддршка од Владата на Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф, Германија.