Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, ЦИВИЛ – Центар за слобода со деветдневна стратешка, граѓанска и мултимедијална програма по повод Неделата на човековите права 2025.
Панел 3: Европски и глобални перспективи на демократска отпорност
Третиот панел истражува како демократиите низ Европа и поширокиот свет се соочуваат со ескалирачките хибридни закани, демократската ерозија и геополитичките притисоци. Ги обединува различните гласови за да ги испитаат научените лекции, новите ранливости и стратешките промени потребни за зајакнување на демократската отпорност. Дискусијата има за цел да идентификува акциони патишта за колективна безбедност, институционален интегритет и долгорочен општествен отпор кон авторитарното влијание.
Панелисти: Гудрун Штајнакер, Бојан Маричиќ, Волфганг Ресман, Емануеле Ерикиело, Адмир Лисица, Тони Поповски.
Модератори: Хедер Роберсон и Џабир Дерала
Ерикиело: САД со доктрината на Трамп одат кон состојба на конкуренција на големите сили, прифаќајќи го мултиполарниот поредок во кој се позиционираат како супер сила
– Проблемот е што нападот на демократскиот поредок и демократските слободи е истовремено од две страни: однадвор и одвнатре, и тоа е нешто за што мора добро да размислиме. Пред неколку дена, САД ја издадоа нивната голема стратегија за нивната позиција во однос на Европа, но исто така и нивната позиција во однос на светот. Дотрината на Трамп прилично јасно истакнува дека САД не гледа да го изгради нивниот глобален приод, туку јасно оди кон состојба на конкуренција на големите сили, прифаќајќи го мултиполарниот поредок во кој се позиционираат како супер сила, натпреварувајќи се со други големи сили, вели Емануеле Ерикиело, заменик-директор, Centro Studi Internazionali (Италија).
Емануеле Ерикиело е истражувач и аналитичар специјализиран за европска геополитика, безбедносна политика и трансатлантски односи. Како заменик-директор на Centro Studi Internazionali (CSI), тој придонесува за стратешки проценки на глобалните кризи, хибридното војување и демократската отпорност. Тој тесно соработува со европските партнери за зајакнување на регионалната соработка и унапредување на меѓународен поредок базиран на правила.
Штајнакер: ЕУ е премногу спора и слаба во справување на предизвиците на нашето време, надежта е во граѓанските организации
– ЕУ е најмалиот заеднички именител на 27-те држави, а тоа е една од главните слабости на оваа организација. И е премногу спора и слаба за да реагира на предизвиците на нашето време, а особено на предизвиците за демократијата, а покрај тоа, и ЕУ, како и повеќето земји, мојата земја е Германија, има специфична форма на неокапитализам. Исто така, меѓу другите проблеми е и потеклото на повеќекратната криза во која се наоѓаме сега. И се надевам дека организациите во овие земји кои се демократски, заедно со оние кои не се целосно демократски, можат да сторат нешто во врска со ова, изјави Амбасадорката Гудрун Штајнакер, потпретседателка на Здружението на Југоисточна Европа (Германија).
Амбасадорката Штајнакер е искусен германски дипломат и виш аналитичар за прашања од Југоисточна Европа. Таа има служено на клучни дипломатски позиции, вклучително и како амбасадор на Германија во Црна Гора и Северна Македонија, и останува длабоко ангажирана во регионалната соработка, демократските реформи и европската интеграција. Како потпретседател на Здружението на Југоисточна Европа, таа придонесува за истражување и политички дијалог за управување, безбедност и демократска отпорност.
Поповски: Демократијата треба да се третира како европско јавно добро, исто како безбедноста, енергијата или климатските акции
– Во однос на очекувањата од Европската Унија, би сакал да се придружам на оние гласови кои се залагаат за една фундаментална и моќна идеја: Демократијата треба да се третира како европско јавно добро, исто како безбедноста, енергијата или климатските акции.
Препознавање на демократијата како заедничка европска инфраструктура и обезбедување одржливи инвестиции во демократските институции, медиумите од јавен интерес, дигиталната писменост, граѓанското учество и механизмите за владеење на правото.
Вградување на демократијата во следниот буџет на ЕУ – не како мала програма, туку како основа на безбедноста, конкурентноста и социјалната кохезија на Европа, порача меѓу другото Тони Поповски, Политиколог, архитект, поранешен министер за животна средина.
Тони Поповски е политиколог, автор и поранешен министер во владата со разновидна позадина во јавните политики, одржливиот развој и демократското управување. Како министер за животна средина и преку повеќе советнички улоги, тој придонесе за институционални реформи, политика за животна средина и развој на политичкиот систем. Неговата работа нагласува долгорочно стратешко управување, европска интеграција и зајакнување на демократските институции.

Маричиќ: Треба да покажеме отпорност од една страна и решеност да се бориме за европските вредности
– Европскиот континент има оригинално развиени институции и легални инструменти, интернационални правни инструменти, што не се присутни во други делови на светот, како Европската конвенција за човекови права, кои се проследени со суд и со цела структура на Советот на Европа.
Суштината на Советот на Европа, е да ги сочува и заштити јадрото на трите вредности на континентот: владеење на законот, демократијата и човековите права. Затоа и постои. И целиот корпус од закони е земен како дел од закон на ЕУ и нејзини вредности. Значи, веќе има цел сет од уредби кои веќе треба да ги искористиме и да покажеме отпорност од една страна и решеност да се бориме за овие вредности, вели Бојан Маричиќ, поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен министер за правда на Северна Македонија.
Бојан Маричиќ е правен и експерт за управување со богато искуство во европските интеграции, институционалните реформи и модернизацијата на правосудниот сектор. Како вицепремиер за европски прашања, а претходно како министер за правда, тој водеше клучни процеси поврзани со усогласувањето со ЕУ, реформите во владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација. Неговата работа продолжува да се фокусира на зајакнување на демократските институции и унапредување на европската траекторија на Северна Македонија.
Лисица: Европа треба да ги насочи своите капацитети кон зајакнување на демократијата во балканските земји
Денешна Европа се соочува со бројни предизвици. Според мое мислење, Европа изгледа прилично поделена. Оваа состојба е под влијание на континуираниот пораст на десничарските политики, христијанскиот радикализам, исламофобијата и меѓусебното неразбирање. Ригидните десничарски политики повеќе не се феномен присутен само во традиционално десничарски општества како Унгарија, Словачка или Полска; денес овој феномен го гледаме и во либерални општества како Данска, Холандија, Германија и Франција, вели Адмир Лисица, директор на Центарот за геополитички истражувања „Геопол“ (Босна и Херцеговина).
„Денес, за време на руската агресија врз Украина, се соочуваме и со малигното руско влијание во европските региони како Западен Балкан. Поточно, во Босна и Херцеговина, Црна Гора, но и тука, во Северна Македонија. Русија се обидува, преку своите прокси-актери – српските политичари во Босна и Херцеговина, како и официјална Србија – да ги комплицира односите во регионот, што директно би се одразило и врз остатокот од Европа.
Стравувам дека Европа недоволно разбира дека треба да ги насочи своите капацитети кон зајакнување на демократијата во балканските земји. На пример, Босна и Херцеговина и Бошњаците често се мета на различни српски и хрватски лобисти кои создаваат лажни пропагандни наративи насочени против бошњачките муслимани, на кои сакаат да им припишат радикализам кој не постои. Низ историјата, бошњачките муслимани ги заштитувале своите еврејски соседи за време на Втората светска војна, за време на османлиските освојувања, но и за време на последната српска агресија врз Босна.
Европа треба да знае колку Бошњаците се важни за европското општество и демократија и, наместо да дозволи нивна дехуманизација, Бошњаците како европски народ треба дополнително да се зајакнат. Ваквата состојба ѝ го олеснува на Русија вршењето влијание на Балканот. Затоа Европа мора да нè поддржи сите нас кои се бориме за европска перспектива, за влез во Европската Унија и за членство во НАТО.
Доколку сакаме мир во Европа во наредните години, геополитичката одлука број еден би била влезот на Босна и Херцеговина во НАТО. На тој начин Европа би ѝ помогнала не само на Босна и Херцеговина, туку и на целиот Западен Балкан, како и на самата Европа! Доколку Европа не сака нова Украина на Балканот, мора посилно да ги поддржи земјите во кои Русија се обидува да воспостави сопствена сфера на влијание.
Денес можеме да кажеме дека е неопходно да се промовираат идеи на единство, а не на поделби. Исто така, мора да развиваме меѓусебна доверба и да ја зајакнуваме соработката, каде што јас секако гледам простор за унапредување. Конечно, важно е Европа да ја разбере геополитичката позиција на земји како Босна и Херцеговина и Северна Македонија, кои имале и сè уште имаат многу проблеми со надворешни малигни влијанија“, порача Лисица.
Адмир Лисица е политички аналитичар и истражувач фокусиран на геополитичките случувања во Југоисточна Европа, меѓународната безбедност и хибридните закани. Како директор на Геопол Сараево, тој води истражувања за операциите за регионално влијание, безбедносните ранливости и политичката динамика што го обликува Западен Балкан.
Ресман: Слободната трговија е минато, Европа мора да ја брани демократијата со економска моќ
Би сакал да кажам нешто за рамката што треба да ја дискутираме, за одбраната на нашата демократија тука, а една од работите е – базирана на економијата. Легитимацијата на демократијата доаѓа и од економскиот резултат и мислам дека има многу предизвици за Европа.
Мислам дека една од најважните работи е дека Европската Унија – ние, во ЕУ и земјите од кои очекуваме, исто така, имаме предвид дека мора да ги искористиме перформансите во ЕУ, за да станеме подобри и независни. А тоа значи слободна трговија, точка – како теорија и идеологија, слободната трговија е завршена. Тоа значи дека мора да ја базираме нашата демократија врз дефинирање на нашата безбедност, нашиот економски раст и нашите демократски права, врз нашата моќ, порача меѓу другото Д-р Волфганг Ресман, на панелот Европски и глобални перспективи на демократска отпорност.




















































