Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија со решение од 19 август 2025 ја запре постапката за преземање на Стопанска банка а.д. Битола по барање на Алта Гроуп ДОО Белград. Одлуката е доставена до банката на 25 август (арх. бр. 02-10332/1).
Според образложението, постапката е запрена поради промена на преземачот во рамки на истата групација, а не поради откажување од намерата. Алта Груп навела дека останува при намерата за преземање на Стопанска банка Битола, со тоа што ќе има измена во субјектот кој ќе се јави како формален преземач.

Овој развој следи по анализата СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка? што ЦИВИЛ ја објави на 23 август, два дена пред соопштувањето за ова решение – анализа во која се разгледуваат политичко-економските импликации од најавеното преземање.
Постапката се води согласно Законот за преземање на акционерски друштва и Законот за општа управна постапка. За да продолжи процесот, ќе биде потребно ново разгледување и евентуални одобренија од надлежните институции, вклучувајќи ја и Народната банка на Северна Македонија.
Деск на ЦИВИЛ МЕДИА