Денес, 25 Ноември, се одбележува Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените, со што официјално започнува глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Кампањата ќе трае до 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права, потсетувајќи нè дека борбата против насилството врз жените е суштински дел од борбата за човекови права, правда и еднаквост.
Овие 16 дена ширум светот се посветени на кревање на свеста, мобилизирање на јавноста и преземање конкретни чекори што треба да доведат до системски промени и силен општествен отпор кон сите форми на насилство врз жените и девојчињата.
Историски, овој ден е поврзан со трагичната судбина на сестрите Мирабал, симболи на храброста и отпорот кон диктатурата на Рафаел Трухиљо во Доминиканската Република. На 25 ноември 1960 година, тие беа убиени поради нивната борба за правда и слобода. Нивната жртва го инспирираше глобалниот активизам против родово базираното насилство, поради што ООН во 1999 година го прогласи 25 ноември за Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените.
26 години ЦИВИЛ – континуирана борба за човекови права, правда и еднаквост
Овој важен ден има и особено значење за ЦИВИЛ, кој денес одбележува 26 години постоење. Во изминатите речиси три децении, организацијата стои на фронтот на борбата за човекови права, социјална правда, родова еднаквост, мир и ненасилство.
ЦИВИЛ неуморно:
се бори против сите форми на дискриминација и насилство,
спроведува истражувања, мониторинг и анализи на политики поврзани со човековите права,
иницира јавни дебати, обуки и граѓански активности,
го јакне граѓанското учество и правната култура,
работи за институционална транспарентност и отчетност,
ја промовира културата на еднаквост, меѓусебна почит и солидарност.
Насилството врз жените не е само индивидуален или семеен проблем – тоа е општествен неуспех кој бара општествен одговор.
Поврзаност со Универзалната декларација за човекови права
Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените е тесно поврзан со темелните принципи на Универзалната декларација за човекови права, кој е основен документ на кој се повикува ЦИВИЛ особено со:
Член 3: Право на живот, слобода и лична безбедност
Член 5: Забрана на тортура и нечовечко или понижувачко постапување
Член 1 и 2: Еднаквост по достоинство и забрана на дискриминација
Член 7 и 8: Еднаква заштита пред законот и право на ефикасен правен лек
Насилството врз жените претставува повреда на овие основни, универзални човечки права.
Основните вредности на ЦИВИЛ – втемелени во Декларацијата за човекови права
Во Статутот на ЦИВИЛ јасно стои:
„Во ЦИВИЛ, сите членови на проектните, набљудувачките и другите тимови и соработниците работат заедно во постигнувањето на нивната визија и мисија, преку континуирана и ефективна акција заснована на целосно почитување на човековите права, нивната универзалност и неделивост, како и на солидарност, еднаквост, непристрасност, демократија и взаемна почит.
Секоја личност, во релација со ЦИВИЛ се согласува со неговата визија и мисија и ќе се залага за неговите основни вредности во неговиот/нејзиниот приватен и професионален живот.
Универзалната декларација за човековите права се смета за составен дел на овој Статут“, стои во Статутот на ЦИВИЛ.
Повик за акција
На 26 годишнината од своето основање, ЦИВИЛ упатува јасен и силен повик:
Да изградиме општество во кое ниту една жена не живее во страв.
Да бараме силни институции кои превенираат, штитат и санкционираат.
Да не молчиме и да реагираме секогаш кога ќе препознаеме неправда или злоупотреба.
Да ја негуваме културата на почит, еднаквост и човечко достоинство.
Овие 16 дена – и секој ден во годината – се повик за заедничка акција.
Заедно можеме да ставиме крај на насилството врз жените.
ЦИВИЛ – Центар за слобода
















































