ВЕСТ НА ДЕНОТ
Закани кон директорот на АВМУ поради одбиено барање за одземање дозвола на ТВ Алсат М
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја известува јавноста дека на 13 јули, од страна на непознато лице, на мобилниот телефон на директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски, се упатени пораки со заканувачка содржина.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Значи дури војни кога има на крај седнуваат на маса и се договараат, да не зборуваме во нормални политички ситуации, секогаш треба да има комуникација меѓу чинителите, главните политички чинители, односно политичките партии и таа комуникација треба да се одржува и тој став дека не комуницирам со партии од владејачкото мнозинство е мислам дека не е ни логично, ни конструктивно“, изјави Арбен Таравари. во интервјуто за Цивил Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Одлуката на ЕУ за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, стапи во сила, откако денеска официјално е објавена во Службениот весник на Европската Унија.
КОНЦЕСИИ Владата утре на седница ќе ја преиспитува одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот во Иловица и ќе разгледа поопширна информација од министерот за економија Крешник Бектеши и вработените во Министерството за економија надлежни за доделување на концесиите, најави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
СКРИНИНГ Според скрининг агендата, почнувајќи од денес па сè до 20-ти јули, во Брисел, македонската делегација, заедно со албанската, ќе го следи објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија”.
ЧОВЕКОВИ ПРАВА На 10. и 11. јули во Уставниот суд се одржа дводневна работилница за стручната служба на тема „Забраната за дискриминација во судската пракса на Европскиот суд за човекови права”.
БЕЗБЕДНОСТ Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) објави нова публикација за влијанието на војната во Украина врз пазарите на дрога во Југоисточна Европа. Автор на оваа публикација е аналитичарот Ругеро Скатуро.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Фокусот на руската пропаганда сé уште е насочен на Самитот на НАТО во Вилнус во обид да ја поткопа поддршката која земјите – членки на Алијансата и ја дадоа на Украина. Каналите на Z-Телеграм и ботови на Твитер споделуваат лажна насловната страна на германскиот деловен дневен весник Handelsblatt, на која е прикажана карикатура на претседателот на Украина Володимир Зеленски кому не му е дозволено да влезе во НАТО
АЛ-ПРЕС
Во Тирана денеска ќе се одржи неформална средба помеѓу лидерите на земјите од Западен Балкан, во пресрет на Самитот на Берлински процес. На средбата нема да учествува косовскиот премиер Албин Курти, поради присуство на конференција во Крит, а на неговиот супститут за средбата, вицепремиерот Бесник Бислими, му е одбиено учеството поради несоодветно ниво на позиција. Ова се дел од темите што редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ги издвои од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
БРЗА ПОШТА
Јавниот градски превоз во „престолнината“ на Северна Македонија, во Скопје де, на корисниците им дава неколку можности за менување на здравствената состојба, во зависност од индивидуалните состојби, пишува Дијана Тахири во „ЈСП – шлог машини!“
СЛОБОДНА ЗОНА
Сите плусови и минуси во овој текст се теми заслужуваат и посебни, уште подлабоки и фокусирани анализи. Ова се само кратки поенти (takeaways) од самитот на НАТО во Вилнус кој генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, амбициозно го оцени дека станал историски, пред и да почне, пишува Џабир Дерала во анализата „ Плусови и минуси за самитот на НАТО во Вилнус: Историски одлуки, единство, решителност и дипломатско искричење“
*
Она што како констатација и мнозинско мислење е дека овој модел на избирање на пратеници не ги дава очекуваните резултати. На политички план се искристализираа политички партии кои горе-доле функционираат како политички организации без подоследна идеолошка или програмска основа, а се структуирани како приватни компании. Внатрешната демократија ѐ или формализирана или се практикува како постојана кулоарска борба на разни внатерепартиски групации и интереси, пишува Војо Маневски во колумната „ Изборни моделирања“
Д. Мишев