(акценти – прелиминарна оценка на изборниот процес, прес центар на ЦИВИЛ, 29 октомври 2017, 21:30 часот)
Неофицијално, денеска бевме сведоци на една убедлива победа на СДСМ на локалните избори во Република Македонија. Заврши еден турбулентен изборен процес кој, наспроти сите недостатоци, може да се нарече дека беше фер и демократски. Се спроведоа слободни избори во земјата по долго време тешки изборни манипулации, злоупотреби и кражби.
И овој изборен процес, иако за локална власт, изобилуваше со национални теми, далеку повеќе отколку со локални. За жал, националните теми беа на темната страна, исполнети со говор на омраза, етничка и верска омраза и тензии, ксенофобија и хомофобија кои ги промовираа дел од политичките партии. Видовме и низа постапки и политички операции кои ги спроведоа партиите кои, можеби беа во рамки на законски дозволеното, но беа далеку од морално оправдани.
За жал, изборната администрација не го положи испитот, по целата вертикала. По толку сериозни недостатоци, наредните денови, изборната администрација треба да даде објаснување пред јавноста и да понесе одговорност, по два изборни процеси во кои не успеа да ги спроведе соодветно на ресурсите кои ѝ беа обезбедени и во смисла на експертиза и во смисла на финансии и институционална поддршка.
(…)
Ги повикуваме политичките партии да се соочат со резултатите, но и со недостатоците на изборниот процес и да го започнат утрешниот ден со санирање на штетите што ги предизвикаа во изминатиот период.
Очекуваме од институциите да продолжат со заздравување и враќање на владеењето на правото и демократскиот поредок во земјата.
(…)