Одамна престана да биде смешно. Веќе не е ни вознемирувачко, ни шокантно. Сега е само нормализирано.
Светската дипломатија стана шега – лоша и смртоносна, а притоа и многу скапа шега. Платена со крвта на невини цивили. Платена со животите на милиони луѓе.
Мировни напори? Мировни преговори? Шатл-дипломатија? Дали воопшто се сеќаваат на значењето на овие зборови?
Доволно е да се погледне хронологијата на „мировните напори“ на американскиот претседател Доналд Трамп, предводени од неговиот пријател, агентот за недвижности Стив Виткоф. Тоа е „дипломатија“ доведена до работ на трагична комедија, реалност што личи на Монти Пајтон според формата, но со последици запишани со крв.
Овие „мировни напори“ се истовремено толку бесцелни и толку апсурдни што авторот на овие редови го прават целосно неподготвен да ги сфати сериозно. Тие се втемелени во паралелна реалност создадена во Кремљ и трансплантирана во Белата куќа – конструкт кој, ако треба да остане запаметен, ќе заслужи посебно поглавје во човечката историја како нешто тотално бесмислено, а истовремено ужасно деструктивно и понижувачко.
Тоа е театарска претстава што никој не сака да ја гледа, но публиката е принудена да седи и да ја следи затоа што најголемиот силеџија во маалото инсистира да ја постави на сцена. Затоа, ќе застанам тука. Не вреди понатаму да се расчленува. Не повеќе.
Сакам да зборувам за еден друг аспект на дипломатијата и на дебатата на светската сцена – нешто пореално, посуштинско и повредно за внимание.
Во последните месеци, европските лидери, а високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, најјасно од сите, нагласуваат дека во оваа војна има една жртва – Украина и еден агресор – Русија. Во една пригода, Калас ја изрази оваа вистина со восхитувачка јасност, потсетувајќи го светот дека „мора да имаме предвид дека има еден агресор и една жртва“. Таа јасност не е тривијална. Таа е неопходна.
Во време на намерна дезинформација и морална магла, дури и кажувањето на очигледното стана политички значајно. Тоа го закотвува јавниот дискурс во реалноста и му се спротивставува на лажното изедначување што авторитарната пропаганда постојано се обидува да го наметне.
Веќе четири години, демократските лидери се навраќаат на оваа формула во безброј варијации, што е морален компас во една брутална епоха: има еден агресор и една жртва.
Политички е ефективно. Морално е јасно. Ги стабилизира оние што се двоумат и ги разобличува оние што избегнуваат јасност.
Но тоа не е доволно.
Зашто светот денес не се соочува со еден агресор. Се соочува со оска на агресори и помагачи.
Да, Украина е жртвата на неиспровоцирана, геноцидна војна. Тоа е неоспорно. Тоа е запишано во масовните гробници и уништените градови, во убиените цивили, во мачените, силуваните и убиените жени. Запишано е во Буча. Во Мариупол. Во масовната депортација на деца, во коморите за тортура, во систематското уништување на цивилниот живот, културата и идентитетот. Ова не е прашање на толкување. Ова е прашање на факти.
И – Русија навистина е примарниот агресор, но не и единствениот. Реалноста е посурова, поширока и далеку поопасна од тоа: Украина е под напад од коалиција на авторитарни режими, оска што се координира воено, логистички, економски и технолошки за заеднички да води војна против суверена држава. Време е тоа да се нарече со вистинското име и нејзините членки да се именуваат со нивните вистински имиња. Да се третира војната како да станува збор само за Русија не е реализам. Тоа е стратешки „мртов агол“.
Белорусија: Директен и доброволен партнер во агресијата
Белорусија не е случаен набљудувач. Не е држава-заложник. И апсолутно не е неутрална. Белорусија е ко-агресор. Точка.
Таа ја отвори целата своја територија за рускиот напад врз Кијив на 24 февруари 2022 година – чин кој сам по себе ја квалификува како страна во војна, според меѓународното право. Но не застана тука.
Белорусија обезбеди полигони за обука, касарни и складишта за руските трупи. Понуди аеродроми и логистички центри неопходни за ракетните напади. Белорускиот воен и безбедносен апаратус ја поддржа руската разузнавачка и надзорна инфраструктура и овозможи трајно распоредување и ротација на руските сили на својата територија.
Ова не е пасивно соучесништво. Се работи за активно учество во најголемиот акт на агресија на европска почва од Втората светска војна наваму.
Белорусија не е ничија земја. Тоа е држава со граници, институции и раководство. Затоа има и одговорност.
Секоја ракета лансирана од белоруска територија не е само руски чин на војна, туку и белоруски. Секој руски баталјон што поминува низ Белорусија ја носи политичката и моралната одговорност на Минск. Секој логистички коридор што се одржува отворен е продолжение на волјата на Лукашенко – волјата на човек кој избрал да му служи на Кремљ како најпослушен соучесник во агресијата.
Лукашенко не е набљудувач, ниту заложник. Тој е доброволен партнер во освојувачката војна на Кремљ, подреден сојузник на криминалниот проект на Владимир Путин.
Белорусија не го изгуби својот суверенитет. Таа го предаде. Денес таа отворено служи како напредна оперативна база на Русија, послушно продолжение на воениот отпечаток на Кремљ. Со тоа, таа се стави во улога на целосен ко-агресор во оваа војна: правно, политички и морално.
Северна Кореја: Извозник на смрт
Улогата на Северна Кореја во оваа војна повеќе не е шпекулативна. Таа е присутна, документирана и се шири. Пјонгјанг веќе испорача милиони артилериски гранати на Русија и обезбеди компоненти за балистички ракети, лансирни системи и муниција за некои од најбруталните офанзиви на Москва. Ги продлабочи воената и сајбер соработката со Кремљ. И во најјасен знак на целосно соучесништво, Северна Кореја сега испраќа трупи да се борат и да умираат заедно со руските сили.
Ова е без преседан: нуклеарна диктатура од Источна Азија извезува и човечки потенцијал и муниција за империјална војна во Европа. Ова е доказ дека повеќе не се работи дури ни само за европски конфликт, туку транс-континентален и глобализиран проект на авторитарната моќ.
Тоа е првата интерконтинентална платеничка држава на дваесет и првиот век, режим подготвен да тргува со војници и оружје за дипломатско покритие, технологија и стратешки придобивки, без оглед на тоа колку украински цивили умираат како последица на тоа.
Како да го наречеме ова? Воено-техничка соработка? Помош? Ова се еуфемизми создадени за да ја анестезираат одговорноста. Ова е директно учество во освојувачка војна: аутсорсинг на смртта за да се одржат живи империјалните илузии на една сродна диктатура.
Северна Кореја не е набљудувач. Таа е ко-агресор, директен соучесник во војната на Русија против Украина.
Иран: Империјата на дронови што го храни рускиот терор врз цивилите
Ако Белорусија обезбедува географија, а Северна Кореја обезбедува артилерија и пешадија, тогаш Иран го обезбедува воздушниот терор што ги прогонува украинските цивили.
Иран е архитектот на руската дроновска војна. Испорача илјадници камиказе-дронови „Шахед“, достави огромни количества муниција и обезбеди балистички ракети, вклучувајќи ја и „Фатех-360“. Техеран активно му помага на Кремљ да изгради сопствен капацитет за производство на дронови со испраќање инженери, техничари и инструктори за поддршка на развојот и производството. Исто така, сподели системи за надзор, таргетирање и разузнавање, токму оние системи што го насочуваат рускиот терор од небото.
Накратко, Иран извршува конкретна функција во систем на масовно насилство. Тој овозможува евтина, масовно произведена смрт во рацете на агресорот.
Секој „Шахед“ што шишти над Одеса, Кијив, Лвив, Днипро или Запорижја е иранско оружје на терор, создадено со изречна цел да убива цивили, да уништува инфраструктура и да ја исцрпува украинската воздушна одбрана. Иран е присутен на бојното поле преку своето оружје, својата технологија, своето производствено знаење и својата стратешка усогласеност со Кремљ.
Да не се именува Техеран како агресор не е неутралност. Тоа е политичко слепило и, речиси сигурно, своеволно.
Кина: Незаменливиот снабдувач зад завесата
Кина ги избегнува насловите. Ги избегнува злосторствата. Ја избегнува отворената усогласеност. Таа ја прикрива својата улога со јазик што некои сè уште инсистираат да го нарекуваат „мека моќ“. Ништо не е меко во кинеската моќ кога станува збор за оваа војна. Време е да се признае очигледното: Кина е, тивко и методично, еден од најзначајните овозможувачи на воената машинерија на Кремљ.
Списокот на она што Пекинг му го испорачува на Москва е долг и смртоносен. Двојно-наменска електроника, мотори за дронови, производствени технологии и машински алати клучни за руските фабрики за оружје. Чипови, сензори, термална оптика, барут, хемикалии, прекурсори за експлозиви и индустриска опрема. И над сè, разгранета архитектура за заобиколување на санкциите, без која руската воена машинерија би се задушила.
Кина не мора да испрати ниту еден војник. Со тоа што ја одржува руската воена индустрија во живот, таа веќе е целосен соучесник во геноцидниот напад врз Украина.
Кина може да прогласува неутралност, но она што го испорачува е индустриски крвоток, животната линија на руската воена машинерија. Без кинеските синџири на снабдување, способноста на Русија да води војна би се распаднала за неколку месеци. Со нив, таа може да се одржува со години.
Само тоа ја издигнува Кина од „загрижен набљудувач“ во структурен ко-агресор, без разлика дали Пекинг тоа го признава или не.
Украина и митот за неминовноста
Постои уште една вистина што мора да се каже јасно, но и внимателно: авторитарните режими прават избор. Како и народите.
И Украина некогаш имаше раководство усогласено со Кремљ. Виктор Јанукович владееше како подреден партнер на Москва, прилагодувајќи го украинскиот суверенитет според преференциите на една странска сила. Но украинското општество го отфрли тој аранжман. Избра политичка автономија наместо подреденост, и институционално достоинство наместо наметната лојалност.
Тој избор имаше цена. Таа беше платена со Мајдан – и повторно се плаќа на бојното поле.
Ова е важно затоа што разградува еден упорен мит што често се повторува, експлицитно или имплицитно, за да се оправда однесувањето на државите што денес ја овозможуваат руската агресија: идејата дека општествата под авторитарен притисок немаат алтернатива, немаат дејствување, немаат одговорност.
Имаат. Ограничувањето е реално. Репресијата е реална. Стравот е реален. Но неминовноста – не е.
Украина покажа дека и под екстремен притисок, едно општество сè уште може да избере политичко самоопределување. И токму затоа авторитарната оска, од Минск до Техеран, Пјонгјанг и Пекинг – се здружува против Украина.
Украина не е закана затоа што е воено моќна. Таа е закана затоа што покажува дека покорноста не е судбина. Тој пример е корозивен за секој авторитарен систем изграден врз тврдењето дека послушноста е природна, а алтернативите се невозможни.
Соjузниците можат да обезбедат оружје, средства, обука и политичка поддршка. Но Украинците, војници и цивили, се тие што ја плаќаат цената. Не зборуваме за симболи тука. Тие се материјалните носители на овој избор.
Затоа Украина е важна и надвор од Украина. Таа го руши наративот за неминовноста – идејата дека кога една земја ќе влезе во орбитата на Москва, мора таму да остане засекогаш.
Тоа е подлабоката причина поради која оваа војна има уништувачки, истребувачки карактер. Не затоа што Украина е слаба, туку затоа што Украина е слободна.
Од семантика кон стратешка јасност
Формулата „еден агресор, една жртва“ имаше смисла во првите часови на војната, кога тенковите тргнаа кон Кијив и светот беше сè уште во шок. Четири години подоцна, ова е опасно поедноставување.
Третирањето на оваа војна како „Русија против Украина“ ја потценува големината на авторитарната коалиција зад Путин и ги прикрива глобализираните синџири на снабдување што ја одржуваат руската воена машинерија. Таа ги прави Белорусија и Северна Кореја политички невидливи и им дозволува на Иран и Кина да избегнат одговорност за овозможувањето на масовното насилство.
Оваа рамка ги доведува во заблуда демократските општества за големината на заканата и создава илузија за ограничен конфликт. Во реалноста, таа му дозволува на Кремљ тивко и речиси неказнето да ја проширува својата оска и ја ослабува способноста на Европа да одговори.
Да не се именува структурата, значи да не се разбере. А да не се разбере, значи неуспех да се сопре таа структура.
Затоа јазикот мора да се промени. Еуфемизмите мора да ѝ отстапат место на прецизноста. Светот треба јасно да каже: постои една жртва, Украина, и коалиција на агресори: Русија како примарен агресор, потпомогната и зајакната од Белорусија, Северна Кореја, Иран, Кина и други авторитарни режими.
Ова не е семантичка корекција. Се работи за стратешка јасност.
Европа не може да се брани од оска што одбива да ја именува.
Праведен мир ќе дојде само кога секој член на оваа коалиција ќе биде соочен со одговорност – политичка, економска, правна и морална. Дотогаш, Украина останува двојна жртва: на геноцидниот напад, и на неподготвеноста на светот да ја признае неговата целосна природа.
There Is One Victim, and an Axis of Aggressors, CIVIL Today

















































