Најавата на премиерот Христијан Мицкоски за свикување лидерска средба со цел разговор за укинување на техничката влада и постигнување политички консензус околу реформските закони отвори ново поглавје во македонската политичка динамика. Иако формално претставена како повик за дијалог, иницијативата веќе предизвика различни толкувања, воздржани реакции и политички калкулации.
Мицкоски ја најави лидерската средба во божиќно интервју за телевизија „Алфа“, истакнувајќи дека нема намера да иницира укинување на техничката влада без широк политички консензус. Според него, ова прашање не смее да се решава еднострано, туку преку договор меѓу сите релевантни парламентарни чинители. Средбата, според најавите, би се одржала во период од седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос.
Политичка позадина: наследство од кризата
Техничката влада, воспоставена со Пржинскиот договор во 2015 година, беше резултат на длабока политичка и институционална криза, сериозни обвинувања за изборни манипулации и силен меѓународен притисок. Таа никогаш не беше замислена како трајно решение, туку како вонреден механизам за враќање на довербата во изборниот процес.
Со текот на времето, меѓутоа, техничката влада прерасна во редовна изборна практика, што отвори дилеми дали државата сè уште функционира во „кризен режим“ или е подготвена за нормализација на демократските процеси. Но, прашањето е дали актуелната иницијатива на Мицкоски е обид да се затвори едно долго политичко поглавје или се работи за маневрирање и дефокусирање од други реални проблеми кои де факто ја каретеризираат состојбата во земјата како кризна?
Европската перспектива: Исклучок, не правило
Во поширок европски контекст, македонскиот модел на техничка влада е исклучок, а не правило. Во повеќето земји членки на Европската Унија, изборите се организираат од редовните институции, под надзор на независни изборни тела, медиумски регулатори и судството. Привремени или технички влади се формираат само во услови на институционален ќорсокак или неможност да се состави парламентарно мнозинство — како што беше случајот во Белгија, Италија или Бугарија во одредени периоди.
И токму затоа, во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, фокусот сè помалку е ставен на техничката влада, а сè повеќе на независноста на институциите, професионализацијата на администрацијата, слободата на медиумите и транспарентноста на изборниот процес. Индиректната порака од Брисел е јасна: демократската зрелост не се мери со вонредни механизми, туку со доверба во институциите.
Реакции дома: Воздржаност и тактичко чекање
Реакциите од политичките партии засега се ограничени. ДУИ соопшти дека сè уште нема добиено официјална покана и дека ќе го формира својот став дури по формалното обраќање.
Од СДСМ излезе јасен одговор дали ќе ја прифатат поканата: Најавата за укинување на техничката влада не е дијалог за реформи, туку политичка калкулација за брзо распишување предвремени избори. Мицкоски се наоѓа во тесна ситуација и користи кризата со мигрантите за финансиски и изборни придобивки. Наместо стабилност и доверба во институциите, јавноста гледа краткорочни интереси на власта, заклучуваат од партијата.
Дијалог или калкулација?
Иако Мицкоски ја постави иницијативата како обид за дијалог, фактот дека формалните покани сè уште не се испратени, а реакциите се воздржани, покажува дека процесот е во чувствителна почетна фаза. Укинувањето на техничката влада не е само административно прашање, туку длабоко политичко — поврзано со довербата во изборниот процес и рамнотежата меѓу власта и опозицијата.
Од меѓународна перспектива, лидерската средба може да се чита или како сигнал за политичка зрелост и приближување кон европските стандарди (што би било искажано со голема доза скептицизам) или како внатрешнополитички маневар, доколку консензусот остане декларативен.
Следните недели ќе покажат дали најавената лидерска средба ќе прерасне во политички дијалог или ќе остане уште една нереализирана иницијатива. За Европската Унија и меѓународните партнери, клучното нема да биде дали техничката влада ќе се укине, туку како ќе се донесе таквата одлука — дали преку инклузивен, транспарентен и демократски процес, или преку политичка надмоќ.
Во таа смисла, ова не е само дебата за модел на влада, туку тест за демократската зрелост на државата, која во пракса покажува дека ја нема. Која и да е целта на Мицкоски, во следните денови ќе се види колку ќе се применуваат тактиките на чекање, калкулации и меѓусебни обвинувања, а колку некој повеќе од формалност ќе ја прифати инцијативата на премиерот.
Б. Ј.














































