ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу ќе одржи јавен настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“ во просториите објектот на Општина Чаир, денеска, со почеток во 11 часот.
На оваа граѓанска средба се поканети претставнички и претставници на граѓанските здруженија, медиумите, локалните институции, бизнис секторот, верските заедници, политичките партии и подмладоци и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Настанот ќе го води Дијана Тахири од ЦИВИЛ, а на почетокот ќе говорат градоначалникот г. Висар Ганиу и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, како и Дехран Муратов од ЦИВИЛ. По воведните излагања, ќе биде отворена дискусија со кратки излагања до пет минути. Учесниците се поканети да говорат, како за предизвиците, така и за решенијата што ги предлагаат.
На крајот од дискусијата, ќе се направат нацрт заклучоци и препораки кои потоа ќе бидат разработени во комуникација со локалните власти и ќе бидат упатени на соодветни институции и организации.
Настанот е дел од активностите од проектот „Заедно за подобра иднина“, кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со министерството за надворешни работи и Европски прашања, на Големото војводство Луксембург.
„Граѓански дијалози за меѓуетничките односи: Предизвици и решенија“ во општина Чаир е дел од серијата јавни настани кои ЦИВИЛ во претходниот период ги одржа во општините Гостивар, Куманово, и Центар.