Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, е можност владите на земјите-членки на ОН, како и сите луѓе ширум светот, да се потсетат на заедничката обврска: признавање и почитување на правата, слободите и изборите на секој поединец. Овој ден е повик за размислување, но и за отворена дебата за последиците што произлегуваат од нетолеранцијата.
Генералното собрание на ОН во 1996 година со Резолуцијата 51/95 го прогласи 16 ноември за Меѓународен ден за толеранција. Оваа одлука следеше по усвојувањето на Декларацијата за принципите на толеранцијата од страна на УНЕСКО една година претходно, на 16 ноември 1995.
Толеранцијата подразбира почит кон богатата културна разновидност во светот, кон различните форми на изразување и кон многубројните начини на постоење. Таа се темели врз признание на универзалните човекови права и слободи – без кои ниту едно општество не може да биде праведно и демократско.
И денес, светот е потресен од бруталната руска агресија врз Украина и од страдањата на цивилното население во Појасот Газа, во војната што Израел ја започна по терористичките напади на Хамас од 7 октомври 2023 година. Паралелно, постојат и бројни други крвави конфликти низ планетата.
Во таков контекст, Меѓународниот ден за толеранција делува како болен потсетник на јазот меѓу меѓународните декларации и реалната состојба на терен. Руската Федерација – и покрај агресијата врз Украина – останува дел од клучните меѓународни институции, вклучително и Советот за безбедност на ОН. Лицемерието е уште поочигледно со паралелното покренување „мировни иницијативи“ за Газа, во момент кога Москва има влијание врз ескалацијата на тој конфликт.
По повод Меѓународниот ден за толеранција, ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува меѓународните институции и организации:
Да стават крај на војните и насилствата и да преземат конкретни мерки за доследно почитување на меѓународното право и декларациите што самите ги усвоиле;
Да ги практикуваат принципите на толеранција и да обезбедат заштита на човековите права и слободи.
ЦИВИЛ апелира и до сите граѓанки и граѓани да ги негуваат вредностите на толеранцијата – почит кон различностите и безрезервно придржување кон човековите права, без разлика на потекло, припадност, определба или ориентација.
Граѓанските организации и медиумите имаат особена одговорност да ги промовираат и бранат овие принципи, бидејќи токму тие се темелот на слободно, праведно и демократско општество.












