Премиерот Христијан Мицкоски, вчера пред медиумите истакна дека Владата постојано работи на подобрување на условите за живот на граѓаните и на поголема еднаквост во распределбата на приходите.
За време на вчерашната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски се осврна и на најновите статистички податоци за сиромаштијата во земјата. Говорејќи за стапката на сиромаштија и т.н. „џини индекс“, премиерот истакна дека овој параметар, кој ја покажува распределбата на доходите кај населението, во 2024 година е понизок во однос на претходната година и, пошироко гледано, најповолен во последните четири години.
– Ако во 2020 година стапката на сиромаштија изнесувала 23 проценти, во 2024 таа е 21,9 проценти. Кога станува збор за нееднаквоста во доходите, џини индексот во Македонија во 2024 година за првпат во последните триесет години е под 30 проценти – од 33,3 е намален на 29,1 процент и е најдобар во регионот. Можеби некој ќе се исмејува, но овој индекс е подобар од европскиот просек и од сите држави во регионот, што значи дека имаме поголема еднаквост во распределбата на доходите меѓу населението, рече Мицкоски.
Тој најави дека Владата ќе продолжи активно да работи на програми за подобрување на состојбите, со охрабрување до општините да продолжат со проекти како парцијализацијата за млади брачни парови и ослободувањето од плаќање комуналии.
– Како Влада ќе започнеме со имплементација на поврат на даноци за мајките за прво, второ и трето и секое наредно дете. Тука е и проектот за шест „ин-витро“ процедури кој веќе функционира, вложуваме во вакви објекти кои треба да се грижат за оваа област, така што едно по едно ветувањата продолжуваме да ги реализираме, истакна тој.
Во однос на растот на стапката на сиромаштија кај пензионерите, премиерот посочи дека токму поради тој параметар била донесена одлуката за линеарно зголемување на пензиите.
– Очекувам лаекенскиот параметар, односно стапката на сиромаштија кај пензионерите, во 2025 година драматично да се подобри. Со зголемувањето од 2.500 денари во ноември 2024 година, потоа дополнителни 2.500 денари линеарно во април 2025 и уште 1.000 денари во ноември, очекувам значително подобрување на состојбата кај пензионерите во споредба со претходните години, рече Мицкоски.
Тој додаде дека крајните резултати во подобрувањето на индексот на сиромаштија кај пензионерите сè уште не можат целосно да се согледаат, бидејќи главните зголемувања на пензиите се реализирани на крајот на календарските години, но нагласи дека споредбата со 2023 година покажува подобрување од 1,23 проценти.
– Тоа не е доволно, но резултатите појасно ќе се видат кога ќе бидат објавени податоците за 2025 година, истакна премиерот.
Премиерот Мицкоски вчера ја посети Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде беше заокружен процесот на реконструкција и набавка на нова медицинска опрема.
















































