Мега интервју за ЦИВИЛ Медиа, со професорката д-р Мирјана Најчевска, за причините и решенијата за продлабочената политичка и институционална криза во Македонија. Според професорката Најчевска, заокружување на конститутивната собраниска седница на парламентарното мнозинство надвор од собраниската сала е едно од законските решенија за излез од кризата.
ЦИВИЛ Медиа: Имајќи го предвид исходот од вчерашната средба на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, каков развој на политичката криза нѐ очекува?
НАЈЧЕВСКА: Јас од почетокот повеќе навивав или тврдев дека станува збор за институционална, а не за политичка криза. Не станува збор за криза на идеи или криза базирана на идеологија, туку за криза којашто се заснова на потполно отсуство на законско, уставно функционирање на институциите. Оттаму, и она што се случи вчера на средбата и она што ни се случува последниот период е многу разбирливо и очекувано. Имено, сега сме на крајот на потполната ерозија на институциите и автоматски не можеме ни да очекуваме какво било правно, законско, па дури и елементарно, логично делување на институциите, односно, на оние што ги раководат тие институции, меѓу кои пред сѐ е и претседателот на државата.
ЦИВИЛ Медиа: Доколку претседателот Иванов не го даде мандатот на новото парламентарно мнозинство, изминативе месеци Вие упатувавте решението за кризата да се бара во законодавниот дом. Но, конститутивната седница стана маратонска и тешко може да се прогнозира кога ќе финишира. Која е Вашата порака до парламентарното мнозинство во моментов?
НАЈЧЕВСКА: Прво, направена е многу голема грешка на почетокот. Се дозволи Вељановски, за кого знаеме дека е „маша“ на Груевски, на Мијалков, односно на претходниот и сегашниот естаблишмент, како и да го третираме, да има клучна улога во конституирање на новото Собрание. Требаше уште од почеток да се оди со избирање на претседавач, не претседател, туку еден од пратениците којшто ќе ја води седницата, до нејзиното логично завршување. Сега, кога е направена таа грешка, всушност, се калемат, сите елементи врз неа. Тоа е исто како лавина, што почнува од една мала топка, а завршува со затрупување на некое село или помал град, предизвикувајќи многу жртви.
Во моментов, сметам дека не можеме така едноставно да ја запреме таа лавина, меѓутоа, можеме да се обидеме да поставиме законски пречки. Пратениците на мнозинската коалиција и легитимните носители на мнозинството во новиот собраниски состав, упорно треба да ги поставуваат ригидните законски пречки. Пример, имаме министри-пратеници. Се поставува прашањето дека тие мора веднаш да се тргнат од функционирањето на Собранието. Постои изигрување на Деловникот и тоа мора веднаш да се спречи. Не да се впуштат во разговор, да се прифати стапицата што моментално ја пуштаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, туку ригидно да се придржуваат до правилата и одново и одново, да ги поставуваат на дневен ред.
ЦИВИЛ Медиа: Како да се направи тоа, кога поранешниот спикер Вељановски раководи со седницата, давајќи им постојано простор за маратонски реплики на пратениците? Имаат ли реално простор за законски маневар пратениците кои го чинат новото парламентарно мнозинство?
НАЈЧЕВСКА: Лично сметам дека треба да се избере нов претседавач. Имено, мнозинството треба да се искаже дека не се согласува со вакво кршење на Деловникот и законите и дека бара да се избере нов претседавач. Па, ако треба мнозинството да одржи седница и на друго место, надвор од собраниската сала, бидејќи никаде не стои дека Собранието мора да ги одржува седниците во собраниската зграда.
ЦИВИЛ Медиа: Дали протестите „За заедничка Македонија“, според Вас, го отсликуваат гласот на македонскиот граѓанин во моментов? Или станува збор за манипулирана и водена група луѓе и колку нивниот притисок е реален во сите овие случувања?
НАЈЧЕВСКА: Сметам дека станува збор за мал број луѓе и тие се од различни категории, веќе имаше анализи за тоа кој со какви интереси, принуда или присила, излегува на овие протести. Меѓутоа, основното е дека протестите се во основа безидејни. Имено, самиот назив на протестите „За заедничка Македонија, нема врска со она што се нуди натаму како содржина, а во самото протестирање нема ниту една конзистентност, освен упорното барање да се откажат од Платформата оние кои не ја напишале. Значи, апсолутно, ова во правото е бесмислено барање. Тоа е исто, како од некого да побарате, да се откаже од сопственост на стан, што не го поседува. Всушност, целата идеја на протестите е кревање прашина, ако е можно и дигање тензии и поместување на вниманието на граѓаните од она, што навистина ни се случува. А, тоа е продолжување на кривичното дело, односно грабежот што го прави оваа структура.
ЦИВИЛ Медиа: „Јас ја имав бомбата, да кажам симболично и ја фрлив кај претседателот“. Ова го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неуспехот на постизборните преговори со ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев неодамна ја промовираше програмата на идната влада. При тоа беше мошне дециден, дека нема простор за сомнеж од загрозување на унитарниот карактер на државата, промена на знамето, химната, двојазичност на полициските униформи… И беше категоричен дека таа програма не излегува надвор од Уставот. Ако е така, зошто тогаш беше објавена Платформа на партиите што ги застапуваат интересите на етничките Албанци, постизборно. Има ли простор за сомнеж дека сите овие чекори се однапред договорени меѓу Ахмети и Груевски, со цел да нѐ доведат токму до овде?
НАЈЧЕВСКА: Тоа е и вистинскиот проблем. Упорно се поместува тежишната точна од она за што навистина станува збор во некои имагинарни проблеми. Секоја партија, секоја политичка структура, има право да си изгради своја платформа, свои ставови, принципи, систем од вредности… Доколку тие не соодветствуваат или се спротивни на Уставот и уставниот поредок на Република Македонија, има или би требало да има, институции што ќе реагираат на тоа. Значи, било да станува збор за јавниот обвинител, било да станува збор за Уставниот суд како заштитник на Уставот, тие можат да реагираат ако мислат дека некоја политичка партија излегува со програмски идеи, кои што се насочени кон насилно уривање на уставниот систем. Се заборава дека не е забрането мирно менување на уставниот систем и сите одеднаш скокаат дека некој барал промена, дека некој излегол со вакви или такви идеи. Токму во тоа се состои демократијата, секој може да излезе со одредени идеи. Тие идеи треба да поминат низ институциите, во случајов низ Собранието, каде што претставниците на граѓаните, треба да најдат начин како, или да ги отфрлат доколку се несоодветни и неприфатливи за поголем дел од граѓаните, или да ги претворат во политики, односно, во норми. Значи, нема зошто однапред да се оспорува нечија идеја или замисла. Едноставно, секој има право да излезе со каква што сака замисла, но дали таа ќе се оживотвори зависи од највисокото законодавно тело и од тоа дали е спротивна на она што претставува основен вредносен систем или не.
ЦИВИЛ Медиа: Очигледно е дека протестите „За заедничка Македонија“ ќе продолжат. Со колкав интензитет, не можеме да прогнозираме, но,сметате ли дека во моментов, одговорноста за политичка криза во Македонија, подеднакво ја делат и Груевски и Ахмети, односно и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Не треба ли лидерот на ДУИ, Ахмети да излезе пред јавноста и тој да понуди решение за кризата, како коалиционен партнер во идната влада, со што можеби и ќе се пресече „гордиевиот јазол за Македонија“?
НАЈЧЕВСКА: Сметам дека во ДУИ постои голем раскол и дека нема во моментов начин, како да се изгради единствен став во партијата. Очигледно е дека има две или повеќе струи и автоматски партијата се движи во зависност од тоа какво е моментално политичко милје во кое се движат. И не можам по автоматизам да очекувам дека Али Ахмети или претставник на друга или трета струја, ќе излезе со јасен, дециден став што би значел, пресекување на работите. Сметам дека она што тие во моментов го прават е оставање простор во којшто може да делуваат законите, во којшто може да се бара примена на правото и на некој начин, не би очекувала нешто повеќе во овој моментов од оваа политичка структура.
ЦИВИЛ Медиа: Колку во моментов ќе се продлабочи политичката криза, доколку се реализираат најавите на ДУИ за повлекување на министрите од техничката влада?
НАЈЧЕВСКА: Јас бев од почетокот за едно такво решение. Постои ризикот. Имено, тие министри веднаш ќе бидат функционално заменети со замениците министри. Меѓутоа, политичката порака, јаснотијата на едно такво дејство, може да биде онаа пресвртница, оној последен удар којшто е можеби потребен за да се истурка понатаму промената. Доколку се има предвид дека во моментов, во Владата има четворица пратеници што не се министри, коишто само ја узурпираат функцијата министер, и ако кон тој број, го додадеме и бројот на министрите-Албанци и на замениците министри-Албанци, нивното излегување може да значи потполна нефункционалност на Владата и да ги забрза на некаков начин работите.
ЦИВИЛ Медиа: Најкусо, како ќе го дефинирате решението за политичката криза?
НАЈЧЕВСКА: Сите велат дека диктатура не може да се смени, по мирен пат. Јас сѐ уште верувам во правото и во законите, во институциите, барем во она малку што останало од нив. И секогаш повторувам дека целта ги определува средствата. Тоа значи дека мора да се обидеме да ги употребиме сите алатки на правото, и да видиме дали можеме да ја истуркаме работата на таков начин.
ЦИВИЛ Медиа: Верувате дека сме на добар пат?
НАЈЧЕВСКА: Не! Мислам дека пропуштаме добри моменти. Мислам дека доцниме и со ненавременото дејствување се доведовме во ситуација, како што реков претходно, сега да треба да застанеме и да се спротивставиме на веќе забрзаната лавина. Така што, сите можности се отворени. Проблемот е навистина многу голем и ризикот е голем. Меѓутоа, не гледам друго решение, освен да пробаме да ја запреме лавината, пред сите да нѐ однесе.
Моника Талеска