По спроведена претходна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 67-годишен жител на Неготино, на 20 октомври на профил и страница на социјална мрежа споделувал видео снимка со која поттикнал омраза и дискриминација против лица врз основа на нивната етничка припадност. Во снимката користел повеќе навредливи зборови кон припадниците на ромската националност и повикувал да им се забрани да гласаат на избори, соопштија од ОЈО Кавадарци.
ЦИВИЛ преку поткастот „САМО НЕШТО ДА ПРАШАМ“ остро реагираше на експлицитниот и понижувачки говор на омраза кон ромската заедница во Неготино упатиени од новоизбраниот советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков.
Тој во своја објава на социјалната мрежа Фејсбук на 20 октомври, ден по гласањето на првиот круг за Локални избори 2025, истакна: „На Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“.
„Ѓупците од Криволак со ѓупска работа решаваат со нас 15.000 во Неготино дали ќе живееме во здрава животна средина или ќе нè заебаваат во здрав памет со платени гласови… Тоа не може да биде и на Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“, вели меѓу другото новоизбраниот советник Темелков.
Наместо извинување или повлекување на навредливите зборови, тој испрати т.н. демант на текстот на ЦИВИЛ со што се обиде да ја оправда својата реторика и да ја релативизира употребата на расистичките изрази. Со тоа, демантот не ја ублажи, туку ја потврди неговата националистичка и омаловажувачка позиција кон ромската заедница.
„Ѓуптин е човек без чест и без достоинство, Ромите не ги спомнувам никаде – ‘џупска работа’ значи кражба“ – гласеше демантот на Љубе Темелков, советник на МААК во Неготино.
Д. Муратов












