Нафтната индустрија на Србија (НИС), која управува со единствената рафинерија во Панчево и е под мнозинска руска контрола, мора да го прекине производството на гориво поради санкциите на САД. Испораките преку ЈАНАФ од Хрватска – единствената рута за сурова нафта – се прекинати уште на почетокот на октомври. Дополнително, на крајот на декември истекува и договорот за руски гас, а нов не е договорен. Србија има одредени резерви на гориво, но недоволни за подолг период, па мора да се потпира на увоз.
Од крајот на октомври, товарот на снабдување го презеде Унгарија. Компанијата МОЛ, најголемиот нафтен играч во Централна и Југоисточна Европа, испорачува двојно повеќе нафта и деривати од вообичаено, а количествата ќе растат. Мнозинството во МОЛ е во раце на акционери блиски до Виктор Орбан. Планирана е изградба на нов нафтовод меѓу Србија и Унгарија до 2027 година, а МОЛ би можел и да купи дел од НИС, бидејќи Србија се стреми да ги откупи уделите од руските „Газпромнефт“ и „Газпром“.
За време на средбата со Александар Вучиќ во Суботица, Орбан изјави дека Унгарија добила американско ослободување од санкции и дека ќе преговара со Москва за континуитет на снабдувањето со руска нафта и гас.
„Она што го имаме ние, ќе го имате и вие“, му порача Орбан на Вучиќ. Ова всушност беше најава за денешната посета на Орбан на Москва (28 ноември 2025), каде што ќе се сретне со Владимир Путин и ќе разговара за зголемување на увозот, како и за можност МОЛ да ги преземе руските акции во НИС – нешто што Русија досега го одбиваше, пишуваат српските медиуми.
Орбан не одржува толку блиски односи со ниту еден друг лидер на соседна земја како што е случајот со Вучиќ. Со години, Унгарија се залага Србија да биде првата што ќе биде примена во Европската Унија. И со добра причина: политичкиот развој во двете земји е сличен со години – од ограничување на слободата на медиумите и политичката контрола врз судството, до прикривање на корупциски скандали и ерозија на поделбата на властите. Двете земји се блиски партнери на Русија и Кина и се стремат кон слична рамнотежа меѓу Истокот и Западот.
Подготви: Д. Тахири
















































