Антикорупциска
Комисијата за селекција на идните антикорупционери продолжува и денеска со интервјуата на уште 17 можни кандидати за претседател и членови на ДКСК.
Се очекува интервјуата на 57 кандидати да заврши во среда по што Комисијата за избори именувања ќе треба да достави листа од 7 кандидати до Собранието. За избор на ДКСК потребно е двотретинско мнозинство.
Досега 11 интервјуирани кандидати одговараа на прашања поставени од пратениците, но и од претставници на невладиниот сектор како и новинари.
Предизборни препукувања
Oд ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ и Зоран Заев подготвуваат изборен фалсификат на претседателските избори и затоа бегаат од техничка Влада и предвремени парламентарни избори.
Од СДСМ потенцираат дека антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е во паника од успехот на Македонија и членството во НАТО.
Изборен медиумски мониторинг
На денешната собраниска седница на дневен ред беше и предлог законот од пратениците од мнозинството и опозицијата, обврската на Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми за време на изборните процеси да се префрли во надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Ова е една од предвидените промени на Изборниот законик, чие изменување и дополнување денеска е на дневен ред на Собранието.
АВМУ е должна во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој законик треба да донесе Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси, за време на изборните процеси и истите ги објавува на својата веб страница.
Со последните измени и дополнувања на Законот регулирана е исплатата на средства од Буџетот за платеното политичко рекламирање врз основа на доказ на барателот, но без можност тие докази да бидат проверени. Поради потребата од допрецизирање на овие законски одредби со Предлог законот се утврдува и начин на проверка на приложените барања за надомест на средства од Буџетот на Република Македонија, стои во образложението.
МТСП
Министерката Мила Царовска денеска ги потпиша договорите со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба.
Со изградбата на градинките капацитетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.
МТСП досега учествуваше во изградбата на вкупно 24 градинки, од кои поголемиот дел се веќе ставени во функција. Истовремено МТСП обезбеди над 1.000 согласности за вработувања на кадар во градинките од кои поголемиот дел е на неопределено време.
Екологија
Во изминатите неколку недели Македонија се искачи прва на листата на најзагадените држави во светот. Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции, укажува дека индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, а потоа следува загадувањето предизвикано од домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.
Во Извештајот се посочува дека Македонија треба да се наметнат санкции за централно и локално ниво за непочитување на целите на квалитетот на воздухот, како и дека самиот систем за управување со квалитетот на воздухот во Македонија не е правилно организиран и координиран, односно дека и инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ – Центар за слобода организира голема национална конференција #Перспективи2019 на 13 февруари, со почеток во 11 часот. Конференцијата ќе ја отвори германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, а како говорнички и говорници ќе учествуваат видни интелектуалци и експерти, лидери во граѓанското општество и високи политичари.
Серијата интервјуа и текстови преку кои ЦИВИЛ МЕДИА ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски , Марјан Ристески, Бранко Героски, Уранија Пировска и Емина Нурединоска.
Д. Тахири