Експертот за одбрана, Максим Димитриевски, пратеник и претседател на Комисијата за одбрана во СДСМ, по повод јубилејoт-25 години од формирање на АРМ, им порачува на припадниците на Армијата, но и на граѓаните дека новата Влада и новото парламентарно мнозинство имаат слух и сенс и дека ќе се заложат за подобрување на условите и осовременување на одбраната, за да се исполнат сите стандарди за полноправно членство на Македонија во НАТО.
„Најпрвин, да им го честитам денешниот празник на сите припадници на АРМ и да им посакам успех и просперитет во нивната работа, да имаат што помалку работа, а секогаш да бидат подготвени да ја чуваат целовитоста на Република Македонија и нејзниот интегритет. Република Македонија има мала Армија со интенција да се модернизира секојдневно. Факт е дека одреден период по фијаското во Букурешт во 2008 година, кога не станавме полноправни членови на НАТО, дојде до една мала депресија, а процесот на развојот на Армијата малку се запостави и одбраната се фрли со години назад, на дното во општеството“, изјави Димитриевски, за ЦИВИЛ Медиа.
Како што вели Димитриевски, новата Влада, новото парламентарно мнозинство имаат слух и сенс и ќе мора да обезбедат подобри услови за функционирање на одбраната на државата, како една од главните стратегиски цели, на патот кон остварување на полноправно членство, во колективниот чадор за безбедност – НАТО и секако во ЕУ.
„Затоа, сметам дека денешниот јубилеј, 25 години постоење на АРМ, треба сите заедно да го прославиме со една единствена порака кон припадниците на АРМ, но и кон граѓаните, дека ќе се заложиме сите заедно, без оглед на политичката припадност, да создадеме подобри услови и да ја осовремениме одбраната на Република Македонија, како би ги исполниле сите стандарди за полноправно членство во НАТО“, порачува Димитриевски.
Моника Талеска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Даниела Нисева