ЦИВИЛ – Центар за слобода во петок, 5 декември 2025 година, ќе ја одржи прес-конференцијата со која официјално ќе започне деветдневната програма „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, посветена на јакнењето на демократската отпорност во услови на засилени хибридни операции, дезинформациски кампањи и глобална нестабилност. Настанот ќе се одржи во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, со почеток во 11:00 часот, на македонски и албански јазик.
Оваа година, ЦИВИЛ ја проширува рамката на програмата Демократски навигатор 2025 – Недела на човековите права со нови анализи, јавни настани, дебати и извештаи што ги обработуваат најактуелните предизвици за демократијата: хибридните влијанија, политичката манипулација, изборниот интегритет и заштитата на човековите права.
Во пресрет на конференцијата, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, ја истакнува драматичната трансформација на политичко-општествениот контекст во кој денес се одвива борбата за демократија:
„Алармантно е тоа што до пред само 5-6 години говоревме за промоција и едукација, а денес говориме за одбрана на демократијата и човековите права. Крајно време е демократските општества и држави да преземат итни и решителни чекори за ставање крај на империјализмот, агресијата и авторитаризмот.
Време е сите искрено да се соочат со сопствената одговорност: како и зошто се дозволи да се продлабочат ерозијата на демократските вредности и кризата на институциите — во земјата, во регионот и на глобално ниво.
Имаме одговори, можеме да понудиме решенија, но акцијата мора да биде заедничка и да ги надминува политичко-идеолошките разлики, со цел да ја одбраниме демократијата кај нас и во светот“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, во пресрет на почетокот на „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“.
На прес-конференцијата ќе се обратат претставниците на ЦИВИЛ, кои ќе ги претстават главните теми и активности на програмата Хоризонти на слободата, како и централните цели на Демократски навигатор 2025.
Тие ќе објаснат како организацијата се справува со растечките дезинформации и хибридни закани, и кои нови модели на граѓанско учество се потребни за модерна, одбранбена демократија.
Особено внимание ќе биде посветено на претстојниот Извештај за Локалните избори 2025 и на Стратешките препораки, кои треба да придонесат кон реформи, поголема транспарентност и зајакната институционална отпорност.
ЦИВИЛ ги повикува организациите, медиумите, претставниците на институциите, политичките субјекти и сите граѓани заинтересирани за одбраната на демократијата да присуствуваат на настанот и активно да учествуваат со прашања и коментари.
Пријава за присуство: info@civil.mk
Организацијата потсетува дека демократската отпорност бара континуирана мобилизација, јавна свест и соработка меѓу институциите, медиумите и граѓанскиот сектор — особено во време на интензивирани хибридни операции и нарушување на медиумскиот и политичкиот амбиент.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
















































