Во вториот дел од големото ексклузивно интервју за ЦИВИЛ, проф. д-р Стево Пендаровски отворено и прецизно одговара на прашањето за влијанието на Србија и концептот на „српскиот свет“ врз стабилноста на Северна Македонија и регионот.
„До која мера Србија и ‘српскиот свет’ претставуваат ризик? И дали тоа е само политички проект или дел од поширока стратегија која оди во прилог на Москва?“, го прашавме нашиот соговорник.
Според него, влијанието на Белград врз Северна Македонија не е резултат на класичен надворешен притисок, туку на внатрешни политички структури кои свесно ја отвораат земјата кон геополитичкиот проект на Србија — проект кој, според Пендаровски, е длабоко усогласен со стратегиските цели на Москва.
Тој во интервјуто објаснува дека „српскиот свет“ функционира како регионална платформа за ширење на рускиот политички и безбедносен наратив, но клучната слабост не доаѓа однадвор, туку од дома: политичари, партии, медиумски центри и моќни интересни групи кои се доброволни амбасадори на туѓи агенди.
Пендаровски изнесува теза што целосно ја менува рамката на јавната дебата.
„Јас тврдам дека од Србија нема никаков притисок или експлицитна заложба за ние како држава да влеземе во тој свет. Нашите политички гарнитури – не сите, се разбира – сакаат самите да бидат дел од тој свет“, изјави Пендаровски во интервјуто за медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Проф. Пендаровски говори и за генезата на рускиот и српскиот свет, и јасно ја опишува временската рамка и општествено политичките контексти во кои тие дејствуваат.
Понатаму, нашиот соговорник ги открива димензиите на рускиот и српскиот свет, притоа истакнувајќи ја улогата на црквата, како и на сите други чинители.
Во тој контекст, Пендаровски го поткрепи овој став со фактот дека вицепремиер во владата кој не крие дека работи за интересите на тој свет и е експлицитно против ЕУ и НАТО.
Џабир Дерала
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска
Продукција: ЦИВИЛ Медиа












