Во Собранието мора да преовлада взаемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите себеси едни кон други, немаме почит, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе не почитуваат. Оттука почнува се, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Африм Гаши.
-Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн, посочува Гаши.
Во однос на работата на Собранието во изминатата година тој вели дека врз основа на истражување на јавното мислење за првпат после десет години имаме подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. Но, исто така укажува дека треба да се намали бројот на закони по скратена постапка што се предлагаат и оти на тоа постојано ќе посочува. Според него, едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на Парламентот што треба да се донесе во јануари
– Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар. Ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. Кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени, вели Гаши.
Д. Т.















































