Осум години од терористичкиот напад на канцелариите на сатиричниот магазин Шарли Ебдо како и серијата терористички напади што ја потресоа Франција, кои ги одземаа животите на 17 лица, вклучително и 11 новинари и безбедносни лица во канцелариите на списанието во Париз.
Но наместо одмазда по нападот, во светот се појави бран на солидарност. Слоганот #JeSuisCharlie „Јас сум Шарли“ беше присутен на сите страни, а повеќе од еден милион луѓе излегоа на улици за да упатат поддршка, солидарност, порака против тероризмот и порака за уште пожестока борба за слободата на изразување, како и за заштита на новинарството како професија.
Користејќи ги хаштагоовите #JeSuisCharlie, #CharlieHebdo, #IamCharlie, новинарите од целиот свет преку социјалните мрежи ја искажаа својата поддршка, солидарност, тага и револт. ЦИВИЛ во тој момент изрази сочувство и поддршка до граѓаните на Франција.
„Овој терористички чин претставува директен напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите. Ваквиот варварски чин покажува уште еднаш дека оние кои силно и посветено се борат за слободата ја плаќаат највисоката цена. Франција е во шок, но и целиот свет. Слободното новинарство ваквото насилно пресметување го смета за личен напад на секој човек кој држи до достоинството, слободата и почитувањето на човековите права и слободи“, се вели во тогашното соопштение на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ, имајќи ја предвид и руската агресија врз Украина, што резултираше и со 8 загинати новинари во 2022, уште пожестоко апелира дека безбедноста на медиумските работници низ целиот свет треба и мора да бидат врвен приоритет во време кога слободата на говор, слободата на изразување и пред сѐ слободата на медиумите се постојана цел на хибридните војни, пропагандата и дезинформациите.
Следете го ЦИВИЛ