Руските системи за воздушна одбрана собориле 105 украински беспилотни летала во текот на ноќта на 22 мај, вклучувајќи 35 пресретнати над Московската област, тврди руското Министерство за одбрана, пренесува Кијив Индипендент.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека сите беспилотни летала летале кон руската престолнина.
Поради нападот со беспилотни летала, сите четири московски аеродроми – Шереметјево, Внуково, Домодедово и Жуковски – како и аеродромите во Тамбов и Владимир беа привремено затворени.
Други украински беспилотни летала беа соборени и над областите Орјол, Курск, Белгород, Тула, Калуга, Воронеж, Липецк, Смоленск и Брјанск, соопшти руското Министерство за одбрана.
Гувернерот на Тулската област, Дмитриј Милјаев, изјави дека едно од беспилотните летала се урнало во покривот на станбена зграда во Тула. Нападот, исто така, оштетил и други станбени и нестанбени згради, рече тој.
Руските власти не пријавиле никаква друга штета ниту пријавиле жртви.
Кијив не коментираше за нападот. „Кијив Индепендент“ не можеше да ги потврди извештаите.
Украина редовно извршува напади со беспилотни летала врз руските воени и индустриски објекти во заднина за да ја поткопа способноста на Русија да води тотална војна.
Москва и околните региони се соочија со растечки број на украински упади со беспилотни летала во последните недели.
Еден ден претходно, на 21 мај, украински беспилотни летала ја погодија руската фабрика за полупроводници „Болхов“ во Орјолската област, која произведува делови за воени авиони „Сухој“ и ракети „Искандер“ и „Кинжал“, тврди Генералштабот на Украина.
Д. Мишев