„Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ, и ова не е само мое мислење, туку и на европските институции, како и на сите 28 земји – членки, и јас би сакал да ја видам Македонија, на мојата страна во Европскиот совет, во најскоро време, затоа што, стабилноста, мирот, просперитетот и демократијата на Западен Балкан се важни. Но, мора да биде јасно дека без договорот за спорот со името, не гледам шанса за вас да влезете во НАТО и ЕУ“, порача државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Рот, денеска на панел дискусијата „Младинските перспективи за за интергацијата на Македонија во ЕУ“ организирана од Фондацијата Фридрих Еберт, ЦИВИЛ-Центар за слобода и Германската амбасада во Скопје.
На самиот почеток од настанот претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала ги поздрави присутните изразувајќи ја својата поддршка на прогресивната младина која е иднината на оваа земја.
„И благодарам на младината што на сите нас ни одржа лекција по демократија и ги започна демократските промени и прогресот на земјата. Младите ќе ги надминат грешките на претходните генерации политичари“, рече Дерала препуштајќи го микрофонот на говорниците.
„Ние мора да ги оствариме своите ветувања и Македонија мора да ги оствари своите ветувања. Тоа не е обврска само на Владата, туку на сите политички актери, да ја преземат одговорноста за целата земја! Политиката не е игра!
Затоа, вие, младите сте толку важни! Затоа што вие ќе ја изградите иднината на вашата земја. Вие сте ни потребни. Затоа ве охрабрувам да се застанете и да се борите за своите права, да го кренете својот глас. Тука сум да ве ислушам и искрено ќе ги ценам вашите идеи и вашата креативност…“, рече, меѓу другото, во своето излагање министерот Рот.
Тој потоа зборуваше за заедничките обврски на патот на Македонија кон Европската Унија, потенцирајќи ја нивната посветеност.
Во контекст на одливот млади мозоци Рот истакна дека тоа е нешто што е добро за Унијата но не и за Македонија.
„Европската Унија е повеќе од монетарна унија. Знам дека е тешко да се исполнат сите услови, а младите се нетрпеливи и не сакаат да чекаат, но колку поангажирано продолжите со реформите толку е полесно да и се придружите на ЕУ.
Рот нагласи дека европскиот концепт на општество е отворен за различни култури религии и етнички ентитети, истакнувајќи ги Ромската и ЛГБТИ заедниците како најранливи во сите земји – членки на ЕУ.
„Тоа беше огромен предизвик и за мојата земја, да се прифатат сите малцинства по сите основи, да се прифатат сите различности“, истакна Рот.
„Мора да сфатите дека никој не сака да го избрише вашиот културен идентитет. Загрижен сум за растот на национализмот кај младата популација. Ова е искуство кое го имаме и во Германија. Затоа мора да застанеме обединети“, рече Рот.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров истакна дека Македонија изгуби една генерација во чекање, и кога се зборува за патриотизам, тоа е вели, постојана посветеност, а не празен и себичен национализам.
„Бара храброст и одговорност да се соочите со препреките и да претворите во можност која ќе ги ослободи потенцијалите на младите во општеството. За кој било министер во Македонија најлесна работа е да ги стави проблемите под тепих во врска со проблемот за името со Грција. Можеме да се жалиме колку светот е нефер, неправеден, но треба да се соочиме со реалноста, со проблемите и со самодоверба да дојдеме до решенија“, порача Димитров.
Тој нагласи дека живееме во регион кој се уште се соочува со прашања и несигурност и затоа вели, многу е важно за иднината на Македонија да се приклучи во НАТО, за да не се прашуваме повеќе какви проблеми и грижи ќе имаме пет години или десет години од сега.
„Многу е важно да се качиме на овој воз оти Европа минува низ сопствена транзиција. Немаме време за губење, не знаеме дали ќе дојде друг воз, и затоа не смееме да го пропуштиме овој. Секако дека нема веднаш да цветаат рози, ќе треба напорна работа, солзи, но најдобра шанса за нашата земја да стане европска демократија со добро образование, одговорни политичари, со слободни медиуми, со независни судии е да се качиме на овој воз. Ова е суштината на реформите за евроинтеграција. Ова е и последна шанса за мојата генерација да и понуди пристоен почеток на следната, и ние тоа ќе го направиме бидејќи е поголемо од политиката денес. Имаме шанса, нашата, мојата работа како министер за надворешни работи е до следниот јуни да ги засрамиме секоја од 28-те земји членки на ЕУ, доколку не дадат поддршка за почеток на преговорите за членство со Македонија“, рече Димитров.
„По 11 години деликатна состојба конечно сме назад на патот кон ЕУ. Очекувам дека ќе развиеме сериозна мрежа со општини од ЕУ. Очекувам дека младите ќе имаат шанса да ги почувстуваат бенефитите, можноста да започнат бизнис на локално ниво, и да останат тука…“ рече најмладиот градоначалник и претседател на младината на СДСМ, Стефан Богоев.
Според Богоев, најголемата работа која треба да се промени е однесувањето и менталитетот на македонскиот народ.
„Оваа промена требаше да започне вчера, не е доцна да започне денес, но е предоцна да се остави за утре. Атмосферата во земјата ќе ја ослободи младината од национализмот и од затвореноста на општеството. Не смееме да заборавиме дека токму младите направија сериозни промени во Македонија. Како младина сакаме да одиме напред кон НАТО и ЕУ! Договорот со Грција ни дава надеж дека младите може да останат во својата земја – Македонија, и да започнат бизнис тука, а не само да заминуваат во странство… Секој од нас треба да ја преземе одговорноста!,“ поентираше Богоев.
Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија истакна дека кога станува збор за учеството на младите во политиката потребно е да се обнови довербата и да се демистифицираат јавните политики бидејќи младите треба да учествуваат во носењето одлуки, да зборуваат за своите проблеми и да работат на нивно решавање.
„Ова е нешто на што треба да работиме многу брзо, бидејќи референдумот е во септември, октомври и треба да притиснеме да ги увериме луѓето дека промените се навистина возможни, но и дека нема да се случат преку ноќ, и нема да се случат ако луѓето останат дома. Мора да излезат и да се борат за своите права“, вели Малески.
Ирена Ивановска од Сојузот на синдикати на Македонија истакна дека имајќи ја предвид економската и општествената состојба на земјата, младите во Македонија ги немаат шансите како своите врсници од ЕУ.
„Има голем број на млади кои немаат пристап до образование. Речиси половина од невработените се млади. Младите имаат проблем кога влегуваат на пазарот на трудот со помали плати… Се надеваме на побрз пристап до образование за пристојна работа со пристојни примања. Се надеваме на полесна соработка со младински организации од Европа за соработка и размена на искуства“, рече Ивановска.
Новинарот и активист Огнен Јанески зборуваше за своите искуства во изминатиот период особено кога станува збор за младите, малцинствата и дискриминацијата.
„Ова се многу предизвикувачки времиња, особено за малцинствата во Македонија. Во изминатите две години, кога станува збор за инклузијата и меѓуетничките односи во Македонија, особено во образованието, по сите проекти за интеграција, сепак, резултатот е – поголема сегрегација.
Ние живееме во општество каде младите не зборуваат меѓу себе ако се од различна етничка група. Ова е проблем кој мора да го решиме ако сакаме како земја да влеземе во ЕУ. Истото е и со правата на ЛГБТИ – заедницата.
Најголемиот проблем е апатијата на младите во земјата. Не се интересираат за политика, затоа што мислат дека таа е поврзана со политичките партии, а не со се што ни се случува секојдневно.
Апатијата е страшна работа за оваа земја. Младите тука само сакаат да ја напуштат државата. Дури не чекаат тука да студираат, туку сакаат да студираат надвор. Тоа е она на што мора да работиме и да ги насочиме нашите перспективи. Мора ги научиме како да ја препознаат дискриминацијата. Затоа што, сè што е направено изминатите години е за повозрасните луѓе, а не за младите и тие се чувствуваат дискриминирано“, рече во своето обраќање Јанески.
Алберт Хани, од Канцеларијата за регионална младинска соработка изјави дека е среќен што работите се придвижуваат во добра насока.
„Особено борбата со политичките партии кои сакаат да не вратат назад. Македонија мора да се ослободи од ’патриотизмот’! Младите страдаат од насилни конфликти поради тоа…
Мора да им обезбедиме на младите можност за движење и простор за да посакаат да останат тука. Остануваме посветени на енергијата на младите и ќе ги поддржиме во секоја смисла“, рече Алберт Хани од РИКО.
„Борбата се уште продолжува. Една од главните задачи на Владата ќе биде да ги вратиме младите професионалци во својата земја за да придонесат во влезот во ЕУ и да ја трансформираат Македонија во модерна земја. Да се борат за својата земја. Ние ќе им ја пружиме таа можност… Ова ќе биде долг пат!“, рече Бојан Маричиќ, советник за надворешна политика во Владата.
Тој се осврна на Британија и Брегзит како пример, за она што ја очекува Македонија во наредниот период. „„ „Во Лондон 80% од младите се за останување во ЕУ. Но, со постарите е обратно. Овој генерациски јаз е проблем за Велика Британија…“, рече Маричиќ.
„Кај нас, младите не треба само да гласаат на референдумот, туку и да им се обратат на постарите и да ги убедат дека ова е борба за нивната иднина. Дека и повозрасните граѓани треба да се борат за иднината на своите деца.
Нема побитно прашање од ова што ќе се решава есенва . Не е лесно, но е неопходно!“, додаде тој.
Професорката Ана Чупеска говореше за предизвиците кои се пред нас и она на што треба да се фокусираме во наредниот период.
„Пред нас се четири главни цели: реформи во јавната администрација, борба со корупција, реформи во разузнавачките служби и владеењето на правото. Сево ова е поврзано со референдумот, но најважното нешто е да се пресече врвката со авторитарните влади.
Оптимист сум за развојот и капацитетот што го имаме за да ги спроведеме реформите. Затоа што и досега се покажало дека го имаме тој капацитет. Младите тука имаат многу важна улога! Би им предложила да останат активни. Сакам да ги охрабрам да ги покренат прашањата не само за нивните проблеми, туку и за останатите проблеми, како корупцијата во образованието, на пример…“, рече Чупеска.
Според Димитар Низамовски од Младинскиот образовен форум главните предизвици во доменот на младите во Македонија се реформите во образовниот систем, високото ниво на корупција во образоването и законот за основно, средно и високо образование.
„Студентското учество е неопходно, а студентите треба да се активни граѓани во сите сектори во општеството. Европските вредности треба да се вметнат во образованието…
Дискриминацијата за жал е огромна особено кон луѓето со поинакви способности и маргинализираните групи“, рече Димитар Низамовски од Младинскиот образовен форум.
Маја Ивановска
Фотографија: Биљана Јордановска