(прес центар на ЦИВИЛ, 29 октомрви 2017, 21:30)
Видео анализа на Сашо Орданоски, политички аналитичар за изборниот процес и политичките димензии на неуспехот на национал-шовинизмот на овие избори.
„По завршувањето на вториот изборен круг на локалните избори важно е да се набројат неколку поенти.
Прво, изборите ги оспоруваат две страни, или двајца лидери, би се рекло. Тоа го прави Никола Груевски, во веројатно, најдолгиот постизборен говор во историјата на демократска Македонија и Зијадин Села во веројатно, најкраткиот изборен говор во историјата на демократска Македонија и тоа во принцип го прават со две исти нарации. И двајцата тврдат, со мала дистанца во тврдењата дека тие победиле во своите етнички заедници и заради тоа не прифаќаат да бидат поразени од сите други граѓани кои гласале етнички мешано.
Тоа е една симболика којашто во Македонија се распадна со парламентарните избори и мислам дека и за двајцата претседатели на тие партии и за Села којшто е еден албански националист и за Груевски којшто е еден македонски националист, всушност говори дека се тоа политичари од едно изминато време во Македонија и дека веројатно никогаш повеќе нема да бидат во ситуација да добиваат избори на своите националистички и шовинистички платформи, како што тоа до сега го правеа.
Од друга страна јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ уште одамна пред вториот круг на изборите немаше намера да ги признае изборите, целокупната предизборна кампања пред вториот круг беше всушност кампања во којашто следуваше напишаниот говор на лидерот пет минути по затворањето на изборните места. Еден говор од веројатно триесетина страници, од кој јасно се гледа дека на Груевски кој што одеше на тоа да не ги признае изборите не му одговараше победа во ниту една општина, бидејќи неговата теза е дека се е наместено, се е поткупено, се е резултат на притисоци. Па според тоа што поголем пораз, толку е поиздржана таа теза.
Мислам дека во случајот на Груевски имаме еден класичен пример каде што кога една држава ќе се ослободи од еден диктатор, потоа тој диктатор се сели во својата партија, потоа откога државата ќе се раатиса од него, сега партијата треба да најде начин како да се спаси од него. Тоа всушност ќе биде следната тема, за тоа како ќе се развиваат односите во ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека Груевски ги направил длабинските анализи и нема никаква намера да ја напушта лидерската позиција во партијата и очигледно е дека во ДПМНЕ тешко дека може да се очекува демократски расплет. Таму веројатно ќе биде еден микс малку притисоци, малку патетика, малку оставки. Но тоа ќе биде една внатрешна приказна на ДПМНЕ којашто не е пријатна за Македонија, бидејќи на Македонија и треба една функционална опозиција која признава кога е поразена, а особено вака тешко, како што сега е поразено ДПМНЕ.
Од друга страна приказната на губитникот Села е приказна, којашто во еден дел ја тангира и Владата на Македонија. Не е Села во ситуација да може да се заканува, не е Села во ситуација дури, ми се чини, да ја напушти владата. Тој можеби и ќе се соочи со ситуација да има поделби во својата партија. И затоа мислам дека Села на мошне внимателен начин ќе одбере како ќе ги конструира своите следни постапки. Тој е понижен во Струга. Тоа понижување не е мало. Тој е еден националистички, шовинистички лидер кој сака да победува, особено меѓу својата етничка група. Сега, како резултат на таа променета политика во Македонија тој веќе не може да победува, бидејќи веќе ниту Албанците, ниту Македонците не гласаат само за своите етнички лидери. И бидејќи Села не верувам дека може да се трансформира во граѓански политичар, туку ќе остане еден провинциски националист. Мислам дека со неговата кариера е повеќе или помалку завршено. Доколку не дојде до некои драматични промени или Македонија не се врати драматично на патиштата на национализмите на којшто одеше со години, бидејќи Села потекнува од тој период на македонската националистичка политика.
Според тоа, мислам дека Владата после овие избори ќе остане стабилна. Владата ќе продолжи да функционира на начин како што и досега функционираше, и уште постабилно, ми се чини, барем до средината на идната година. А потоа, зависно од тоа како ќе течат интегративните процеси во Европската унија, ќе видиме дали ќе се размислува за некакви вонредни избори во догледна иднина.
Конечно за крај, јас морам да предупредам на некои укажувања, коишто сите коишто губат сега ги кажуваат, дека полицијата учествувала во местењето на изборите, во поткупите, во притисоците и така натаму. Ја имам предвид изјавата на министерот Оливер Спасовски дека такви нешта не се случувале, но би сакал да предупредам дека не сум до крај сигурен дека Републичката управа на Министерството за внатрешни работи има точна контрола за тоа што точно се случувало во Струга. Така што јас би препорачал, бидејќи мислам дека таа полиција сè уште функционира прилично локално, со своите локални партиски бандити и со своите локални партиски полициски состави. Не заборавајте, ДУИ е континуитет од режимот на Груевски. Би препорачал со една навистина продлабочена анализа да се оди и да се види каде и колку полицијата ги спроведувала своите законски овластувања во смисла на изборите. Иако не верувам дека било што од тоа што полицијата можеби и некаде го правела дека придонела за еден резолутен и дефинитивен начин за некој да ги добие или изгуби изборите“, вели Орданоски.
Како и секогаш, ЦИВИЛ со најбрзи и најпрецизни податоци и анализи за изборниот процес, благодарение на извонредниот тим на аналитичари и вредни и посветени набљудувачи.
камера: Дехран Муратов
фотографија: Биљана Јордановска
монтажа: Џабир Дерала
обработка на текст и транскрипт: Маја Ивановска