Проектот „Безбеден град“ (Safe City) ни ден-два откако започна пробно да функционира, веќе предизвика силни реакции на социјалните мрежи. Коментарите што граѓаните ги оставија одговарајќи на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за проектот „Безбеден град“ (Safe City)? на ЦИВИЛ Медиа откриваат поделеност, недоверба и истовремено — надеж дека конечно ќе се внесе ред во сообраќајниот хаос.
Ова е полнење на буџетот и ништо друго
Голем дел од граѓаните реагираа дека проектот изгледа повеќе како финансиски, отколку безбедносен потег.
„На 65.000 казнети по 50 евра – тоа се милиони евра дневно. Чист грабеж“, пишува еден револтиран читател. Друг додава: „Само паради… како и со ѓубрето, како со Бугарите. Парадерска нација сме.“
Многу коментари ја повторуваат истата поента: дека ова е само уште еден начин да се казнува народот, без суштински да се подобри инфраструктурата.
„Народот ќе го полни буџетот, патиштата не мора да се исчистат, дупките не мора да се санираат“, гласи една од пораките.
Страв од селективност: „Кој има вујко владика нема да плати“
Силно се чувствува недовербата во системот и стравот дека правилата нема да важат за сите.
„Сѐ додека има ‘знајш кој сум јас’, ништо не сме постигнале“, пишува граѓанин.
„За кебапите ќе важи, за бифтекот нема“, саркастично додава друг.
Трет вели: „Камерите се супер, ама снимките може да се избришат, а казните може да се скинат.“
Ова чувство на неправда е најчестиот мотив низ коментарите – дека системот ќе ги казнува „обичните“, а моќните ќе продолжат неказнети.
Реални проблеми: инфраструктура, дефекти, контејнери и хаос
Многу граѓани укажуваат дека ваков систем бара уреден град, а реалноста е спротивна.
„Што ќе се случи ако застанам да земам дете од училиште? Нема каде да се паркира!“, прашува родител.
„Контејнерите се на сред улица, мора да ги заобиколиш. Тоа автоматски ќе го регистрира како прекршок“, предупредува друг.
„Не сум чул полицаец да казни за неиспаван коловоз или лоша сигнализација“, реагира еден од читателите на ЦИВИЛ Медиа.
Граѓаните предупредуваат и дека нефункционалните семафори, тесните улици и возилата во дефект ќе бидат нови извори на казни — без вина кај возачите.
Техничките дилеми: „Не може да казнува за 1 или 2 км“
Голем број реакции се однесуваат на техничките ограничувања:
„Брзинометри имаат фабрички грешки од 5% до 11% — мора да има толеранција“, пишува еден граѓанин.
Друг потенцира: „Нека објасни стручно лице што влијае на прецизноста на мерните апарати. Не може да казнуваш за 1 км.“
Се поставуваат и прашања што системот ќе прави со:
електрични тротинети,
бучавата на моторите,
несоодветната сигнализација,
велосипедските и пешачките зони.
Поддршка: „Возачите денес беа мирни — конечно ред!“
Иако критиките се гласни, има и значаен број охрабрувачки реакции.
„Денес возачите беа мирни, без нервоза, без свирење. Safe City изгледа делува смирувачки“, стои во еден коментар.
„Ова одамна се применува во Европа. Таму никој не се буни“, пишува друг.
„Камерите ќе спречат дивјачење, крајно време беше“, смета граѓанин.
Поддржувачите нагласуваат дека сообраќајот во Северна Македонија, а собено во Скопје, одамна е излезен од контрола и дека казните се единствениот начин да се воведе ред.
Дилемата останува: ред или репресија?
Од реакциите се гледа јасно: граѓаните сакаат побезбедни улици, но се плашат дека системот ќе се претвори во алатка за казнување и полнење на буџетот, наместо во систем кој ќе штити животи.
Еден коментар многу добро ја сумира атмосферата:
„Добра идеја — лоша држава. Сѐ зависи од тоа дали ова ќе биде за сите, или само за нас што немаме врски.“
Б. Ј.














































