Пред крајот на секоја година, тимот на ЦИВИЛ МЕДИА прави серија видео интервјуа и текстови со кои ја анализира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува да ги открие перспективите за наредната година. Серијалот #Перспективи2019 започна во декември 2018 година и ќе трае до крајот на јануари 2019. Во овие два месеци се објавуваат содржини што ќе бидат актуелни во текот на целата година.
Преку видео интервјуа, учесничките и учесниците во #Перспективи2019 говорат и пишуваат за нивните согледувања, очекувања и прогнози. Тие говорат за најважните теми како што се демократските реформи, Преспанскиот договор, социјалните политики, правото, судството, човековите права…
Политичкиот аналитичар, соработник и колумнист на ЦИВИЛ, Сашо Орданоски прогнозира дека во 2019 најверојатно ќе има неуспешни претседателски избори.
„Мислам дека Македонија сè уште е далеку од излегувањето на појасни и поперспективни патишта што во крајна линија ќе значат подобар живот за луѓето… Македонија е на еден крстопат во политичка и економска смисла. Тој крстопат мислевме дека ќе го поминеме полесно. Но, излезе дека се длабоки корените на кризата која што почнавме само да ја разрешуваме од 2016, 2017, 2018 и очигледно дека ќе треба барем уште две години за опстанок во оваа загадена земја во секоја смисла“, вели Орданоски.
Професорката Мирјана Малеска се осврна на договорот од Преспа и истакна дека очекува вниманието да се насочи кон суштествени проблеми.
„Сега кога се направени првите чекори на подобрување во меѓусоседските односи, очекувам постабилна држава, побезбедна држава, очекувам подобар живот за сите“, изјави Малеска.
Уредниците и новинарите во независните медиуми секогаш се извонреден извор на анализи, со кои ЦИВИЛ редовно се консултира. Еден дел од нив беа поканети и во оваа програмска компонента од работата на организацијата.
Главниот уредник на весникот Слободен печат и порталот Плусинфо, Бранко Героски истакна дека во 2018 година Македонија доживеа една битна и сериозна консолидација на меѓународен план на едно задоволително ниво. На потребно ниво ги уреди односите со своите соседи. На едно можно реалистично ниво и последното отворено прашање поврзано со правата на Албанците во Македонија. На тој начин клучните прашања што се од витално значење за иднината на земјата и за нејзината геостратешка позиција и за нејзините односи со меѓународната заедница, се решија во еден политички спринт…
„Владата не треба да се дефокусира со блиц клик избори како што се навикнавме во оваа држава од 2006 година па наваму, што не е добро. Престојните редовни избори, пак, се инзворедна можност да се случи една друга работа. Прво, самиот СДСМ да го провери сопствениот идентитет и штетите евентуално што можеби се нанесени на тој кредибилитет. Второ, тие се инзворедна шанса за ВМРО-ДПМНЕ со добар кандидат со проевропска ориентација, со прозападна ориентација, со добра изборна агенда, но дефинитивно насочена во насоката во која е тргната оваа земја и самата партија да се врати во форма и да се консолидира“, додава тој.
Новоизбраниот претседател на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски се надоврза на политичките случувања пришто оцени дека политичкиот пресврт не е доволен доколку внатре во државата не се променат состојбите.
„Ако Македонија ги добие преговорите со ЕУ, тогаш мислам дека ќе бидеме под посилни рефлектори и овој полу мрак на функционирањето на институциите ќе биде силно осветлен и работите би оделе под поинакво темпо. Остварувањето на целта на преговори со ЕУ исто така е тешка задача и не сум убеден дека Брисел ќе ја грантира Македонија за сето тоа што го постигна со меѓународната полтика. Мислам дека тие ќе инсистираат на домашните задачи, правосудството, битката со корупција, медиумите и ослободување на пазарните стеги на економијата, за да почнат преговорите со ЕУ“, додава Чадиковски.
Главниот и одговорен уредник на Телевизија 24, Огнен Јанески истакна дека граѓаните не сакаат уште една „Фамилија“.
„Ние сме сведоци на сериозно продолжување на навиките кои ги имаше владата на ВМРО-ДПМНЕ и поради кои огромен број на народ се креваше постојано на протести против таа Влада. Значи ги имате тендерите, јавните набавки кои што се исклучително проблематични и доделувањето на грантови на фамилии, братучеди, пријатели… Значи нам не ни треба уште една Фамилија, ние не сакаме повторно да се најдеме во една ситуација за која што сме сметале дека е погрешна и таа се променила и сме очекувале дека токму тоа ќе биде променето, и јас се надевам дека владата на СДСМ сега во 2019та година прво ќе ја крене метлата и ќе зачисти сè што има за зачистување на некои остатоци на претходниот режим…
Правото на чист воздух е едно од најосновните човекови права кое за жал е прекршено во Македонија. Изминатите неколку месеци граѓан(к)ите секојдневно се гушат од загадениот воздух. Политичките партии постојано се препукуваат преку соопштенија кој е крив за ваквата состојба, додека болниците се полни со пациенти кои имаат проблеми со дишењето.
Една од најважните институции за борба против корупцијата е Државната комисија за спречување на корупција која што цела година фунционираше без членови. Розета Трајан истакна дека на ДКСК му се потребни членови што нема да им служат на политичките елити
„По дефиниција, борбата со корупцијата значи пред сè отвореност, транспарентност и очетност“, рече Трајан.
Активистката Мерсиха Смаиловиќ вели дека во 2019 година влегуваме разочарани и без очекувања.
„Во 2017 имавме надеж. Во 2018 станавме реални и така ги согледавме дека нема промени, зборувам за граѓанските активисти, а тоа разочарување, барем мене ме води во депресија…“, изјави Смаиловиќ за ЦИВИЛ МЕДИА.
За правата на жената многу тивко и малку се зборува во јавноста, особено ако се работи за жени кои се жртви на семејно или било кое друго насилство. Адвокатката Марта Гусар вели дека жртвите на насилство се заглавени во правни лавиринти, особено ако се работи за психичко насилство.
„Скопје не е Македонија. Во главниот град има шелтер центри каде што може да се згрижат жртвите на семејно или друг вид на насилство, меѓутоа проблем е во другите градови, односно во руралните средини каде што нема ниту центри за згрижување, ниту невладини организации кои ќе им помогнат на жртвите“, вели Гусар.
Сè почесто верските лидери наместо да шират љубов, мир и разбирање, тие се предводници на протестите за одбрана на името каде што има националистички скандирања и пораки. Исламскиот теолог Хусеин Адеми вели дека луѓето почнаа послободно да дишат за разлика од порано, меѓутоа политичарите треба малку повеќе да поработат со народот.
„Политиката некако талка во место, барем јас така гледам. Има промени, се ослободивме од оној терет којшто ни беше 11 години врз плеќите. Луѓето почнаа малку послободно да дишат, и покрај загаденоста на воздухот во Скопје. Но, сепак мислам дека многу повеќе треба да се работи, разочарувањето кај луѓето сè уште постои, економската немоќ во која се дави народот сè уште нè притиска сите нас подеднакво и мислам дека е време овие нашиве политичари, со мазни лица и нежни дланки, малку посериозно да си ја разберат работата и малку повеќе да поработат со народот“, вели Адеми.
Политикологот Џенис Сулимани додаде дека во 2019 година треба да има повеќе граѓански активизам за да може целосно да се имплементира Преспанскиот договор.
„Од моја гледна точка, 2019 година мислам дека ќе биде дури со повеќе предизвици од 2018 година., бидејќи, ако сега се потпише, односно, ако одлучат да се имплементира Договорот од Преспа, потребен е напор и посветеност, вклученост, инклузивност на целиот политички спектар во Македонија. Евроатлантскиот пат се отвора со Договорот од Преспа, важно е да се спомне и отворањето на Уставот, измените кои треба да се направат, оптимист сум дека власта и овој пат треба да ја има на ум инклузивноста, вклученоста на сите етнички и верски заедници во Уставот на РМ“, истакна тој.
Во изминатиот период видовме спектакуларни бегства на осудени лица, како што е бегството на екс-премиерот Никола Груевски за кој сè уште не се знае како успеал да стигне до Будимпешта, каде што добил политички азил. Десетици лица се амнестирани, кои претходно беа обвинети за крвавите случувања во Собранието на 27 април 2017 година… и низа други пропусти во судските процеси. Поранешната судијка за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска се осврна на правната држава за која вели дека не знае како заробена држава со вакво судство ќе се одзароби.
Фокусот треба да биде насочен кон одговорноста на сите тие сегменти што учествуваа во процесот за кој добивме оцена заробена држава. Ние имаме ситуација заради пасивност да биде разрешен само државниот јавен обвинител. Ние немаме состојба на санирање на последиците заради таквото однесување на одредени лица…“, смета Николовска.
За бавните реформи и неказнивоста се надоврза и Фатон Алити кој вели дека за прифаќање на амнестијата потребна е конфискација на бесправно стекнатите материјални добра.
Законот за амнестија може да се коментира, и некои навистина го коментираат како некаков повисок државен интерес и токму поради тоа се прави ова жртвување. Јас би рекол дека, донекаде тоа е со право, но за јавноста да биде спремна да ја прифати како мнозинство таа амнестија, неопходно е да има конфискација на бесправно стекнатите материјални добра“, вели Алити.
Активистот Аријанит Џафери од Еко Герила од Тетово, истакна дека во 2019 година очекува да проработи правната држава којашто ќе казнува за енормното загадување.
„Во 2019 година треба да се работи многу поинтезивно на изградба на мрежата за природен гас низ цела Македонија, а особено во Полошкиот регион. Многу е битно да нема сеча на шуми за греење како досега, затоа што околу 90% од населението во Тетово користи дрва за греење… Очекуваме да видиме и малку повеќе правна држава и дека некои загадувачи ќе плаќаат казни, а се надеваме дека некои од нив ќе завршат зад решетки поради енормното загадување што го предизвикуваат“, изјави Џафери.
Активистот Акиф Кариман од невладината „Романо авази“ нагласи дека наместо едно општество за сите, се продолжи со етничка агенда. Тој додава дека на ромската етничка заедница не им се даде никаков простор да учествуваат во одлучување и креирање на политичките процеси што се одвиваа изминатата година.
„2018 би ја опишал како парадоксална година. Декларативно, работите звучеа поинаку отколку во пракса. Се започна иницијатива за градење на едно општествоза сите, меѓутоа продолжи да се бутка етничката агенда. Сè се сведе на политизирања, пазарења, поддршка за одредени реформи и промени како уставните измени…“, додаде Кариман.
Сè почесто граѓаните наместо на спортските натпревари да уживаат во спортот, тие се сведоци на политички и национачистички скандирања на навивачите или скандалозни политички изјави на спортистите… Фудбалскиот тренер Сашко Попоски, кој долго време работи надвор од државата, вели дека развојот на едно општество го гледа во секое новороденче.
„Не може да очекуваме да се развие некој што веќе има 16-17 години, мора да се работи со децата уште од најмала возраст. Доколку сакаме во наредните 30 години да создадеме здраво и одговорно општество мора да работиме на себе си и со нашите деца. Мора да си всадиме граѓанска одговорност и да очекуваме некакви резултати. За успешен развој на децата најзасегнато треба да биде Министерството за образование“, додава Попоски.
Синдикалецот Марјан Ристески истакна дека довербата на работниците кај синдикалните организации полека се враќа.
„За разлика од порано, ние како Конфедерација, како сидикати коишто сме нејзини членови, се соочувавмее со забрана за учество во социјалниот дијалог. Беше забрането да се регистираат синдикати, а сега слободно можеме да се регистрираме во синдикати и да учествуваме во социјалниот дијалог со Министерството за труд и социјална политика, во разговори со одредени министри, претставници на Владата… Се обидуваме да навлеземе и во приватниот сектор иако е малку потешко“, додаде Ристоски.
Во изминатите неколку години ЛГБТИ лицата беа цел на физички напади а најчесто сторителите не беа пронајдени и санкционирани од надлежните органи. Активистот за правата на ЛГБТИ заедницата Кочо Андоновски вели дека блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на законот против дискриминација е скандалозна.
„Најважното нешто што ја одбележа 2018 година е отсутвото на организирано насилство кон организациите и кон бранителите на човековите права на ЛГБТИ луѓето. Отсутвото на тој вид на насилство, од една страна, го потврдува влијанието на говорот на омраза и хомофобичните и трансфобичните кампањи што претходната гарнитура на власт ги ширеше преку мејнстрим медиумите. Од друга страна, ги вади на површина другите проблеми, односно насилството што беше прикриено, пред сè домашното насилство“.
Дехран Муратов