Првин граѓанската инцијатива „Спас за Валандово“ да ги собере потребните 2.000 потписи на граѓаните, па локалната самоуправа да распише референдум за изјаснување за отварањето на рударскиот комплекс „Казандол“! Вака, на синоќешната седница, одлучи Советот на Општина Валандово, по бурната двочасовна расправа.
Со 8 гласови „за“, Советот ја одложи одлуката за иницијативата – граѓаните на Валандово да можат на референдум да одлучат за работата на рудниците „Казандол и Башибос“. Според претседателката на Советот, Јасмина Сечкова, поднесената иницијатива е „,неуредна“, иако е поддржана со 260 потписи, а прифатена е и од ДИК.
Претходно, граѓаните најавија радикални мерки, доколку општинскиот Совет, не донесе одлука да се одлучува со референдум за нивната животна средина, откако, минатиот месец, седум гласа „за“ и осум гласа „воздржани“, Советот на Општина Валандово не ја прифати иницијативата за распишување референдум.
Во меѓувреме, украинскиот инвеститор „Сардич МЦ“ работи на терен за подигање на постројката за произвдоство на катоден бакар. Камен-темелникот е поставен во август, минатата година. Но, членовите на „Спас за Валандово“ сметаат дека не е доцна да се реагира, за да се заштити човечкото здравје и животна средина.
Советот на Општина Дојран, едногласно донесе Одлука да се одржи референдум на којшто граѓаните ќе гласаат „за“ или „против“ работата на „Казандол“. Неодамна и Советот на Општина Богданци, донесе одлука за референдумско изјаснување на граѓаните за овој рудник.
И во Гевгелија неодамна се одржа успешен референдум, којшто го мониторираа тимови на ЦИВИЛ-Центар за слобода. Гевгеличани се целосно против отворање на рудници на македонскиот планински бисер, Кожуф.
М. Т.